
Како најправилно да го перете костимот за капење: Само така ќе ја задржи формата и бојата
Без разлика дали го користите костимот за капење секојдневно или повремено за време на одморот, ткаенината може да се уништи со хемикалии во базенот, сол, песок и крема за сончање, а издржливоста се одредува според квалитетот на текстилот.
Препорачано
Бидејќи костимите за капење знаат да бидат скапи, се исплати да ги перете секоја вечер. Тие се направени од спандекс, ткаенина која е растеглива, но може да го изгуби тоа својство ако не го одржувате добро.
Всушност, тоа и онака ќе се случи со текот на времето, но ако ги перете секојдневно, секоја вечер, ќе ја задржат својата првобитна боја и форма.
Хлорот во базените, исто како морската сол и кремите за сончање, може да ја оштети еластичноста на костимите за капење и да предизвика промена на бојата на ткаенината. Белите костими за капење се особено чувствителни на хлор и ќе пожолтат.
Костимите за капење треба да се перат на рака, а ако ги перете во машина, ставете ги во деликатна кеса. Користете благ детергент и ставете го во циклус за деликатна облека.

Идеално би било костимот за капење да се измие што е можно поскоро со ладна вода од чешмата и после секое носење. Затоа е добро да се туширате на плажа или кога ќе излезете од базен, тоа му помага и на костимот, а не само на кожата. Ако имате време, навечер ставете го костимот за капење во леген и оставете го да кисне околу половина час. Треба да се знае дека обичната вода всушност не го отстранува целиот хлор или сол.
Можете да направите раствор за целосно да го исплакнете вашиот костим за капење – додадете лажица течен детергент за перење нежни алишта во леген со ладна вода.
Дамките од кремите за самопотемнување потешко се отстрануваат бидејќи продираат длабоко во текстурата. Кога ќе го исцедите, исушете го под сенка, подалеку од директна сончева светлина, бидејќи УВ зраците можат да ја избледеат бојата. Иако костимот за капење е наменете и за сончање, овој чекор ќе ја зачува неговата боја, пишува „The Spruce“, пренесува „24sata“.
Сепак, без разлика колку го одржувате, костимот има свој квалитет, што се одразува и на цената.
– Речиси сите костими за капење денес се направени од ткаенина која има висок процент на влакна од еластин, спандекс или ликра за да може да се растегнува. За подобар квалитет е потребно висококвалитетно предиво и доволно голем број шевови по сантиметар. Кога имате поголем број на конци, тоа влијае на цената на ткаенината, па кога сакаат да ги намалат трошоците, ќе го намалат и бројот на конците. Ова всушност го намалува квалитетот – коментира Маргарет Бишоп, експерт за текстил од њујоршкиот моден институт за технологија за „HuffPost“.
Значи, ако сакате костим за капење која трае со години, вреди да се инвестира, а во исто време треба да се одржува и да се пере.