Фото: Wikimedia Commons

Избегнете ги замките на „црниот петок“: Совети како да не си ги потрошите парите џабе

Секој последен петок во ноември е резервиран за големиот празник на купување, познат како „црн петок“ (Black Friday), кога повеќето производи за широка потрошувачка може да се најдат по намалени цени.

Првата употреба на терминот „црн петок“ за означување на последниот петок во ноември, се случила во списанието „Управување и одржување на фабриката“ (Factory Management and Maintenance), во ноември 1951 година, а терминот бил поврзан со феноменот дека многу работници пријавувале боледување по „Денот на благодарноста“ со цел да добијат поврзан четиридневен викенд.

Отприлика во исто време, полицијата во Филаделфија почнала да ги користи термините „црн петок“ и „црна сабота“ за да ги опише гужвите и сообраќајниот метеж предизвикани од масовното купување подароци за Божиќ и Нова Година.

Фото: Marco Verch Professional Photographer / Flickr

Бидејќи денот по „Денот на благодарноста“ во Америка се смета за почеток на „сезоната“ на купување божиќни подароци и подготовка за новогодишните празници, големите гужви биле карактеристична за целата земја, но полицајците во Филаделфија први почнале да го употребуваат „црниот петок“ во контекст на преполни продавници и трговски центри.

Потоа, терминот се појавил во „Њујорк тајмс“ во 1961 година, по што исклучително брзо се проширил.

Како што оваа фраза го привлекла националното внимание во раните 1980-ти, трговците забележале дека тој ден имаат многу поголема заработувачка. Во минатото, црвеното мастило се користело за прикажување на негативни износи во заработката, а црното мастило се користело за означување на финансискиот просперитет, па постои теорија и дека денот го добил името по бојата на мастилото.

Од почетокот на 21 век, трговците со седиште во САД почнаа да го воведуваат „црниот петок“ како „празник“ во малопродажните објекти низ светот.

Меѓутоа, во налетот на „потрошувачката треска“ лесно може да се случи да потрошиме повеќе од планираното и од „црниот петок“ да имаме повеќе штета отколку корист.

Поради тоа, со вас споделуваме неколку едноставни чекори кои можат да го заштитат вашиот паричник од непотребен финансиски шок:

Направете список и поставете граници

Деталното планирање е клучниот прв чекор за успешно купување, доколку сакате да спречите да влезете во минус.

Започнете со утврдување на вашиот месечен буџет и одредување колку сте спремни да потрошите на „црн петок“.

Ставете ги на списокот работите што ви требаат и кои секако сте имале намера да ги купите, а потоа одредете одреден буџет за непланирани, импулсивни купувања што може да се случат и ветете си дека нема да ја надминете таа сума.

Ако планиравте да купите подароци за Нова Година и Божиќ во екот на попустите, направете список на сите оние кои имате намера да ги израдувате и одредете буџет за секој од нив.

Споредете ги цените

Речиси не постои продавница којашто со намалените цени нема да го искористи „црниот петок“ за да привлече купувачи, но процентот на попусти дури и за истите производи може значително да варира од продавница до продавница.

Откако ќе одредите што сè ви е потребно, претходно на интернет истражете за да видите дали нешто на вашата листа е поевтино во некои продавници отколку во други.

Постојат и веб-страници, особено оние посветени на техниката, каде што можете да видите како варира цената на еден ист производ.

Исто така, некои од нив се поисплатливи да се купат онлајн отколку лично, така што можете однапред да истражите што е тоа што би можеле поповолно да го купите од дома.

Фото: Plannthat

Не купувајте само за да заштедите

„Заштедете со купување“ е маркетиншкиот слоган на многу продавници кои се обидуваат да ги намамат клиентите да ги отворат своите паричници без грижа на совест. Тенденцијата на луѓето да купуваат дури и работи што не им се потребни, само поради намалената цена, е научно докажана.

Држете се до планот и не трчајте по попустите, бидејќи тоа е најдобриот начин претерано да потрошите.

Откријте ги своите слаби точки

При купувањето се лачи невротрансмитерот допамин, кој е одговорен за чувството на среќа и достигнување, но чие дејство е со ограничено времетраење.

Затоа, повеќето луѓе се природно склони кон тоа да купуваат производи со намалени цени без многу размислување, но обично има и некои други „слаби точки“ во купувањето.

Затоа, на „црн петок“ корисно е да се освестите за нив и однапред да се подготвите за предизвиците.

На пример, ако знаете дека сте склони кон купување козметика импулсивно, избегнувајте да влегувате во продавници кои се специјализирани за продажба на такви производи, освен ако веќе немате нешто на вашата листа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот