
Како човекот ги зголемил кокошките, а ги смалил лисиците?
Археолози од јужна Франција проучувале коски стари 8.000 години и откриле како човекот влијаел врз растот на домашните животни, додека дивите животни се намалувале по големина
Со текот на времето, големината на животните природно се менува, тоа е дел од еволуцијата. Понекогаш, промените во околината предизвикуваат одреден вид да се намали, а потоа, по неколку стотини години, повторно да порасне. Истражувачите забележале вакви циклуси на раст и намалување низ илјадници години. Кога човекот почнал да одгледува и селектира одредени видови, промената во големината на домашните и дивите животни и понатаму се одвивала во приближно исти циклуси.
Препорачано
Но сето тоа се променило во Средниот век, како што откриле научници од Универзитетот во Монпелје, јужна Франција. Нивната студија беше објавена во научното списание Записи на Националната Академија на Науките на 1 септември 2025 година.
Наодите на истражувачкиот тим покажуваат дека во периодот од Средниот век до Модерната епоха (приближно од 1000 до 2000 година од нашата ера), еволуцијата на телесната големина кај домашните и дивите животински видови се раздвоила.
„Додека кај дивите видови телесната големина се намалувала, кај домашните се зголемувала“, вели Аловен Евин, коавторка на студијата, за ДВ.
Лисиците и зајаците се смалувале, а овците и кокошките растеле
Дивите животни како елените, лисиците и дивите зајаци почнале да се смалуваат поради губење или фрагментирање на нивното природно шумско живеалиште, како резултат од проширувањето на човечките населби. Дополнително, интензивниот лов кој започнал во доцниот Среден век придонел кон намалувањето на нивната популација и големина.
„Паралелно, човековата контрола над припитомените популации се зголемувала, со поголема специјализација и поусогласено селективно одгледување под контролиран режим“, рече Евин.
Припитомените животните, како овците, козите, говедата, свињите и кокошките, со текот на времето значително ја зголемиле својата телесна големина.
Резултатите на истражувачкиот тим го покажуваат „длабокото и трајно влијание на околината врз сите видови, како и за сè поголемото влијание на човекот во последното илјадалетие“.
Човечкото влијание врз природата „постојано расте“
За да дојдат до овие сознанија, научниците анализирале 225.780 коски од 311 археолошки локалитети во јужна Франција, покривајќи период од последните 8.000 години. Првично планирале да се фокусираат само на домашните видови, како дел од проект на Европскиот Истражувачки Совет посветен на „промените кај домашните растенија и животни”. Но, бидејќи наишле на обемни податоци и за дивите видови, истражувањето било проширено доведувајќи до споредба на голем обем.
Според Евин и нејзините колеги, проучувањето на еволуцијата на животните во контекст на човековото општествено развивање ни помага подобро да ја разбереме и нашата сопствена историја.
„Човечкото влијание врз природниот свет постојано расте“, вели биоархеологот. „Убедени сме дека разбирањето на минатото, и како човекот се развивал и коеволуирал со другите видови и нивната околина, е клучно за разбирање на потеклото и развојот на модерното општество.“
Извор: Дојче веле/ Автор: Карла Блајкер