
Кадетите ја темпираат формата за Европското првенство Дивизија Б во Скопје
И ова лето во Скопје ќе се игра уште едно Европското првенство во кошарка, овојпат кадетското, односно за играчи „Под 16“ години. Македонската кадетска машка репрезентација денеска ги започна подготовките за онаа што следува во периодот од 7 до 16 август 2025 година, ЕП од Дивизијата „Б“.
Препорачано
Потсетување дека Македонија на ЕП е во групата Б заедно со Словачка, Босна и Херцеговина, Полска, Ирска и Кипар.
Селекторот на кадетите, Нермин Пепиќ и неговиот стручен тим, на првиот тренинг во СРЦ „Кале“ ги дочекаа најголем број од кандидатите за место во финалниот список од 12 играчи, кои непосредно пред почетокот беа поздравени и од претседателот на Македонската кошаркарска федерација, Томе Главчев.
– Сакам да ве поздравам, и веројатно позитивно ќе влијаам на вашата желба, за да дадеме сѐ од нас на ова првенство, иако сте вие сеуште деца, да го поминеме „машки“. Ние сакаме и веруваме во вас. Се надевам дека сето она што вие го чувствувате ќе го реализирате на теренот, како за вас, за вашите семејства, така и за нашата држава. Гледам дека сите сте млади, убави деца. Ви посакувам на сите многу среќа, успешност, залагање, и на крајот на првенството да се радуваме – рече Главчев.
Успешна работа на овој наш национален тим „Под 16“, им посака и потпретседателот на федерацијата, Младен Ѓуроски:
– Би ви посакал успешна работа, со надеж дека сите ќе бидете здрави до крајот на овие подготовки. Од мене, тие што се најдобри, да се изборат за место во репрезентацијата и да ја претставуваме достојно Македонија – се зборовите на Ѓуроски на првиот собир на националниот тим.
Согласно со планираните активности, во наредните денови кадетскиот тим „ќе живее и работи“ во СРЦ „Кале“. За 12 и 13 јули предвидени се првите контролни натпревари, кога во Скопје ќе гостува кадетската репрезентација на Црна Гора. Како подготовка за она што следува, настапот на Младинските олимписки игри, односно кошаркарскиот турнир кој од 19 до 26 јули ќе биде реализиран во Куманово. А до пред почетокот на евро-шампионатот во Скопје, многу веројатно е дека кадетите ќе одиграат и уште некоја „контрола“ (со Косово и Швајцарија).