фото: kfsm.mk

Јуниорите ја совладаа Белгија и остануваат во игра за опстанок во А дивизијата

Во натпревар за пласман од 13 до 16 место на Европското првенство од Дивизијата „А“ Во Белград, јуниорската кошаркарска репрезентација на Македонија славеше победа против Белгија, и останува во конкуренција за 13 позиција на табелата во вкупниот пласман во „А“ Дивизијата, која води кон опстанокот во друштвото на најдобрите јуниорски селекции во Европа.

Белгијците беа нешто подобар ривал во првата четвртина која ја добија со 20:17. Во средишниот дел на втората четвртина, Македонија успеа да изедначи (21:21), а потоа со серија од 7:2 да поведе со 27:23, а нешто подоцна и со 30:26, кога се играше 16 минута од мечот. На паузата Македонија водеше против Белгија со 43:36.

Водството кое го стекнавме во првото полувреме, го загубивме по седум минути игра од третиот период, Белгија ја стопи нашата предност и се доближи резултатски (50:49). Не помогна ниту тајм-аутот на селекторот Горан Андреевски, Белгија ја продолжи серијата, имаше и повисоки 52:49. Минутите без кош од игра, со тројка, ги прекина капитенот Јаничиќ, за на истекот на третата четвртина, повторно да поведеме (54:53), откако Букршлиев реализираше две слободни фрлања, а двете селекции последниот дел го дочекаа во егал резултат (54:54).

Нашите јуниори имаа 59:54 на почетокот од последната четвртина. Имавме уште повисоки 69:61, по реализациите на Димовски и на Јаничиќ во средишниот дел од периодот на одлука. Димовски нанижа уште пет поени, за двоцифрено водство на Македонија (74:63). Позитивата ја зголеми Јаничиќ за 78:65 на неполни две минути до крајот.

Ѓорѓевиќ го заврши мечот со 22 поени, имаше и седум асистенции и четири скока. Јаничиќ даде 17, дополнети со по шест скока и седум асистенции. А Димовски кој имаше четвртина за паметење, стигна до ефект од 17. поени и шест скока.

Македонија утре попладне, во истиот термин, од 16.00 часот, ќе игра натпревар против репрезентацијата на Бугарија. Победникот ќе го освои 13 место, со тоа ќе го обезбеди и опстанокот во елитата дивизија, односно ќе остане дел јуниорскиот Европски шампионат од Дивизијата „А“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот