Јавното здравство наплатило пет пати помалку од приватниците за ПЦР-тестови

ПЦР тест / Фото: Архива

Граѓаните за трите пандемиски години платиле 19,9 милиони евра за ПЦР-тестови во приватните лаборатории, наместо таа услуга да ја добијат од јавните здравствени центри, кои за истата услуга наплатиле пет пати помалку, само четири милиони евра, констатира Државниот завод за ревизија по извршениот увид работењето на Фондот за здравствено осигурување. Во истиот наод се забележува и дека како што изминувало времето во текот на пандемијата, постојано се зголемувал и бројот на новоотворени приватни лаборатории.

– До почетокот на 2021 имало ист број на тестирања во приватното и во јавното здравство, но потоа јазот на дадените услуги значително се зголемува. Во јуни 2022 имало пет приватни, а шест јавни лаборатории. Во септември 2022 имало 15 јавни лаборатории, а 18 приватни – се вели во извештајот.

Државниот ревизор открива дека Владата и државните служби со ниту еден акт не ги ограничиле цените на ПЦР-тестирањето, а ниту биле поттикнувани активно приватните лаборатории да склучуваат договори со Фондот за здравство. Не било поднесено ниту едно барање од приватните здравствени установи за склучување договор.

– Со извршената анализа констатиравме дека: не е донесена одлука за утврдување на највисоки цени од страна на Владата; во услови на зголемен број издадени дозволи на приватни лаборатории за вршење услуга за дијагностицирање на ковид-19, Министерството за здравство не преземало активности за овозможување на истото со обврска за склучување договор со Фондот – посочуваат ревизорите.

Според наведените податоци од Институтот за јавно здравје, од почетокот на пандемијата до 30 септември 2022 година извршени се вкупно 2.170.602 тестови во 33 лаборатории. На товар на Фондот во 2020 година направени се 137.664 ПЦР тестови што претставува 36 отсто од вкупниот број на ПЦР тестови за истиот период додека во 2021 година направени се 135.448 ПЦР тестови што претставува само 18 проценти од вкупниот број на тестови направени во истиот период.

– Напоменуваме дека дел од овие тестови се направени и заради потреба од патување, но голем дел се врз основа на медицински индикации. Бројот на направените тестови и висината на цената на овие услуги во приватните лаборатории во различни периоди укажува на одлив на финансиски средства на граѓаните во приватното здравство. Сметано по најниската наплатена цена, според јавно достапни информации, од 1.400 денари и 870.664 тестови направени во ПЗУ за две години, станува збор за износ не помалку од 19.9 милиони евра, не земајќи ги предвид и брзите антигенски тестови и повисоко наплатените цени кои се движеа и до 5.500 денари по тест. Референтна цена на пакетот за ПЦР тест на Фондот била утврдена во висина од 1.850 денари со примена од 22 септември 2020 година, односно 1.550 денари од 17 декември 2021 година – се објаснува во извештајот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот