Јанев остави отворен „прозорец на можности“

Целта ни е да создадеме атмосфера на доверба и отворен дијалог, кој ќе им помогне на нашите стручњаци што треба да ги најдат правилните решенија што треба соодветно да им бидат претставени на двете јавности, а соодветните политички раководства да ги изнајдат најдобрите правни решенија за да се движиме напред – рече Јанев.

Македонија и Бугарија ги затоплуваат односите, но засега не успеваат да го одмрзнат бугарското вето. Висока владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев, вчера беше во мисија во Софија, во последен обид да се изнајде заеднички јазик со бугарските власти за да се тргне блокадата за почеток на преговарачкиот процес на Македонија со Европската Унија пред самитот на ЕУ на 22 јуни.

Бугарскиот државен врв вчера во Софија го уверуваше македонскиот премиер Заев дека тие го поддржуваат европскиот пат на нашата земја, ама засега нема услови да кажат „да“ за одржување меѓувладина конференција, односно дека позицијата на Софија и натаму е непроменета.

– Очигледно, како соседи, пријатели и братски народи имаме потреба од постојана комуникација и можност за почеста размена на мислења, во интерес на наоѓање на пресечната точка на нашите интереси и во интерес на иднината на нашите народи и на регионот во целина. Се разбира, основната точка на тие разговори беше европската перспектива на Северна Македонија и можноста за започнување разговори за претпристапната меѓувладина конференција со ЕУ. Политиката на Бугарија во тоа прашања е непроменета веќе многу години, ние тврдо поддржуваме перспектива на РС Македонија како и на Албанија и на другите држави од регионот на Западен Балкан на патот на нивното придружување кон европското семејство. Констатиравме дека во моментов имам е т.н. прозорец на возможност да работиме на нерешените прашања што ги имаме во моментов во делот на исполнување на Договорот за добрососедство од 2017 година. Целта ни е да создадеме атмосфера на доверба и отворен дијалог, кој ќе им помогне на нашите стручњаци што треба да ги најдат правилните решенија што треба соодветно да им бидат претставени на двете јавности, а соодветните политички раководства да ги изнајдат најдобрите правни решенија за да се движиме напред – рече Јанев.

Премиерот Заев до граѓаните на Македонија и на Бугарија упати апел да го одржат и да му дадат шанса да добрососедството, на соработката и пријателството, како и да дадат поддршка на иднината на двете земји и двата народа.

– Разговаравме за суштината и структурата на можното решение на проблемот преку патоказот, патната карта, секторската соработка во сите можни области, со конкретни рокови, конкретни институции, како и за интензитетот на работата на историско-образовната комисија. Го коментиравме и португалскиот предлог. Бугарија е членка на ЕУ и во рамките на Унијата разговара за деловите што се однесуваат на ЕУ. Наше е да разговараме за делот на билатералните прашања што навистина не се невозможни да бидат решени. Верувам дека постои можност да изнајдеме решение – рече Заев.

 

Борисов до Заев: Ништо нема да направите на средбите

 

„Позицијата на Бугарија во врска со преговарачката рамка и одржувањето на меѓувладината конференција со РС Македонија останува непроменета. Преговарачката рамка за пристапување на РС Македонија во ЕУ треба да ги содржи неопходните гаранции за спроведување на Договорот за добрососедство од 2017 година, кои во моментов не постојат. Не се исполнети условите за одржување на меѓувладината конференција. Бугарија останува отворена за дијалог и презема чекори за градење доверба и враќање кон прагматичен и конструктивен дијалог“, соопшти бугарското МНР по седницата на владата.

Овој став стаса еден ден пред премиерот Заев и министрите Никола Димитров и Бујар Османи да заминат во Софија, каде што очекуваат да ги искористат креативните решенија од португалскиот предлог за надминување на спорот, што на двете земји им беше испорачан пред еден месец. Според овој предлог, меѓу другото, се предлага решение во фази, односно полесните прашања да се решаваат сега, а потешките подоцна. Вчераутро прв во Софија премиерот Заев го дочека поранешниот премиер Бојко Борисов, чија влада во декември го стави првото вето, а кој вчера го убедуваше Заев дека техничката влада на Стефан Јанев и претседателот Румен Радев „ќе го излажат и на средбите нема да постигне ништо“.

– Ќе имате многу средби денеска. Убеден сум, особено за Радев, дека тие ќе ви кажат оти без парламент не може да се работи. Ништо нема да излезе од вашата денешна средба. Сегашната привремена влада на Бугарија ги има сите права и може да преговара со Северна Македонија, а ако сакаат, можат да преговараат за нов договор ако не им се допаѓа оној од 2017 година – рече Борисов на средбата, која ја пренесуваше во живо на својот профил на Фејсбук.

Борисов му повтори на Заев дека младите од двете земји ќе се замразат ако не се постигне договор и дека „можеби нема да бидат потребни инфраструктурни проекти затоа што никој нема да се движи низ нив“.

Заев му се заблагодари на Борисов за посветеноста на тогашната влада за време на бугарското претседателство со ЕУ и истакна дека на самитот Западен Балкан – ЕУ во Софија во 2018 година е постигнат компромисот со тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас. Тој додаде дека тие заеднички искуства и сега треба да бидат поттик и начин за изнаоѓање решенија за актуелната ситуација меѓу двете земји. Заев му подари американски пури на поранешниот колега кого го нарече брат и му ги посвети сите награди што ги доби, укажувајќи му дека тоа што се случи со Грција никогаш немало да се случи ако претходно не се случел договорот со Бугарија.

– Ние сме тука за да вложиме напори за градење доверба и за чекор напред кон решение бидејќи македонскиот и бугарскиот народ се блиски и природно повикани на соработка – рече македонскиот премиер.

 

Нинова и Јанев: Позицијата на Бугарија е непроменета

 

По средбата со Борисов, Заев се сретна и со претседателката на социјалистите Корнелија Нинова, која по средбата изјави дека БСП го почитува партнерството со СДСМ, како сестрински партии, ама дека бугарскиот национален интерес е над сè.

– Нашата позиција останува непроменета. Во моментов нема услови Бугарија да даде согласност за почнување на преговорите за членство на РС Македонија во ЕУ. Ја искажавме нашата подготвеност да останеме отворени за дијалог на сите нивоа за да најдеме решение, бидејќи нашиот принципиелен став е дека пристапувањето на С. Македонија во ЕУ е гаранција за регионот и можност за развој – рече лидерката на социјалистите.

За да почнат преговори, додаде таа, мора да се исполнат условите од Договорот за соседство.

Според техничкиот премиер Јанев, Бугарија ја поддржува европската перспектива на С Македонија и Договорот за добрососедство не ги исполнил очекувањата да биде инструмент што ќе ја овозможи брзата евроинтеграција, затоа што, како што вели, „колку и добронамерно да е напишан, не ја претпостави неопходноста од некаков јасен механизам за оценување на напредокот во однос на проблемите што би требало да ги реши тој договор“.

– Ние треба да седнеме да маса и да се разбереме. Нам ни треба дијалог, разбирање за нашите односи и за тоа што сакаме да постигнеме во интерес на нашите граѓани, да ги најдеме нашите заеднички интереси и врз таа основа да градиме заедничка иднина – изјави Јанев за МИА пред средбата.

Тој нагласи дека одговорност на владите на двете земји е да седнат и прагматично да работат на варијанти за да се излезе од сегашната ситуација.

– Имаме предлози, претпоставувам дека и македонската страна ќе донесе свои предлози, ќе седнеме да разговараме. Во блиска иднина, кон крајот на јули-август ќе имаме парламент, и ако сме направиле нешто за време на службената влада, парламентот ќе каже да или не и да одиме напред – вели Јанев.

Тој повтори дека бугарската позиција е содржана во декларацијата на парламентот и дека бугарската влада на крајот на 2020 година и дала конкретни предлози на македонската влада за потенцијалниот пат. Јанев рече и дека бугарската позиција не е доволно објаснета пред ЕУ и повтори и дека бугарското општество не прифаќа притисок отстрана.

 

Османи на пратениците не им откри детали од разговорите

 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи завчера попладне на седница на собраниската Комисија за надворешна политика не откри детали од разговорите меѓу Скопје и Софија, туку повтори дека се разговара само за португалскиот предлог кој се грижи за интересите на двете страни.

– Важно е да се потенцираат фактите и ситуациите за кои не можам да навлезам во детали во интерес на самиот процес. Ова е најважното прашање за кое се загрижени граѓаните, верувам дека отсекогаш сме биле јасни дека идентитетските прашања како што се македонскиот јазик, македонската етничка припадност, Македонците, не се и не можат да бидат дел од преговорите – рече Османи.

 

Ципрас ѝ порача на Бугарија да најде волја и да го надмине спорот

 

Колку и да е тешко, пријателот Бугарија треба да најде, како што најдовме ние, политичка волја за заемно прифатливи решенија што нè водат напред, наместо да нè затвораат во минатото, вели лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас.

– За жал, веќе подолго време гледаме тенденции за враќање во минатото со замрзнувањето на Меѓувладината конференција од страна на Бугарија. Го разбирам разочарувањето на народот од Северна Македонија – вели Ципрас за МИА.

Тој истакна дека со Преспанскиот договор ЕУ беше принудена да го одмрзне процесот на проширување и да даде зелено светло, не само за Северна Македонија, туку и за Албанија.

– Замислете во каква ситуација ќе се наоѓаше Западен Балкан без оваа разврска и како негативно ќе го повлечеше развојот на настаните и за други, како на пример во врска со разговорите Белград-Приштина – рече поранешниот грчки премиер.

 

Бајден и Радев на средбата не ја спомнале Македонија

 

Прашањето за европската интеграција на Македонија воопшто не беше споменато за време на кусиот разговор на бугарскиот претседател Румен Радев со претседателот на САД, Џо Бајден, изјавиле од кабинетот на Радев за БГНЕС.

Коментарот од кабинетот на Радев уследи по информациите дека темата за евроинтеграцијата на Македонија била централна во разговорот меѓу двајцата претседатели и дека бил извршен сериозен притисок за давање „зелено светло” за започнување на преговорите на Скопје со ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот