Сцена од балетот „Дон Кихот“ / Фотографија: Национална опера и балет

Изведба на балетот „Дон Кихот“ со хуманитарен карактер

На големата сцена на Националната опера и балет на 15 февруари, со почеток во 20 часот, ќе биде изведена балетската претстава во два чина „Дон Кихот“ од Лудвиг Минкус, во кореографија на Виктор Јаременко од Украина. Диригент на претставата е Иван Еминовиќ. Сценограф е Андреј Злобин, додека под костимографијата се потпишува Гана Ипатиева од Украина.

Во улогите на Китри и Базил ќе настапат Христина Наќевска и Балаж Лочеи (Унгарија). Во улогата на Еспадо ќе настапи Бобан Ковачевски, а во улогата на Улична, Симона Колиштркоска. Настапуваат солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет заедно со деца од балетскиот оддел на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

„Дон Кихот“ е волшебна приказна за ветерници, „совршената“ жена и вистинската љубов. Балетското дело е поставено на музиката на Минкус со експресивно темпо кое резултира со познатото „Дон Кихот Па де де“, кој дава акцент на целата претстава.

Kомпозиторот и виолинист Лудвиг Минкус (1826-1917) напишал неколку популарни балети, а речиси сите од нив, а особено балетот „Дон Кихот“ и денес се изведувани низ целиот свет. „Дон Кихот“ е балет базиран на познатиот истоимен роман од Мигел де Сервантес.

Со изведбата на балетот на својата сцена, НУ Национална опера и балет се вклучува во хуманитарната акција за погодените од земјотресот во Турција и Сирија. Приходот од продадените билети за балетската претстава „Дон Кихот“ што ќе се одржи на 15 февруари ќе бидат донирани како помош за настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија, соопштија од Националната опера и балет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот