Изложбата „Фрагментирани реалности“ на Страхил Петровски ја открива деструктивната моќ на човекот ставена „на пиедестал“
Мултимедијалната изложба „Фрагментирани реалности“ на Страхил Петровски, поставена во двата салона на КИЦ – Скопје, предизвика исклучителен интерес кај ликовната јавност во текот на изминатата недела.
Препорачано
Самостојната изложба „Фрагментирани реалности“ на мултимедијалниот визуелен уметник Страхил Петровски содржи дела од неговата најнова продукција создадени оваа година и изработени во различни медиуми и визуелни наративи: просторна инсталација, дела на хартија и редимејд-објекти, како и видеоинсталации.
– Станува збор за проект што содржи повеќе компоненти/конгломерации. Проектот е повеќеслоен и обмислен, како визуелно така и технички, и е составен од два клучни сегменти кои навидум се многу спротивни, но сепак имаат една заедничка нишка/именител и значење. Односно, како централен елемент е човекот (иако реално е апстрахиран во медиумите со кои експериментирам и визуелно се изразувам), и е на централно место, на „пиедестал“, во проектот и по вертикала и по хоризонтала, како Битие.
Имено, создавањето и уништувањето како појава/причина е, всушност, дел од човештвото, односно човекот кој е создаден од Бог, творец што создава, гради и мисловно и физички… со сите доблести во секоја смисла, наспроти човекот во ова лудо, хаотично и шизофрено современие (ако е ова современие и иднина на која толку ѝ се радуваме и ја посакуваме!?), каде тој се претвора во човек-ѕвер (човек на човека му е волк – homo homini lupus est), ама во буквална смисла на зборот.

Оттука произлегува и наративот/идејата за поставката која е изразена и реализирана преку различни медиуми, материјали и фрагменти, од традиционални до концептуални дела – слики, објекти, цртежи, фотографии, инсталации, редимејд објекти… (салон „Империјал 1“), па сѐ до најсовремени постмодернистички дискурси и наративи кои содржински го претставуваат распаѓањето, она најлошото (војните, поделбите во секоја смисла, деструкцијата итн.) што човекот може да го направи и во „најмала“ рака да предизвика хаос и опасност од неповратно уништување на целата планета (4 видеоинсталации и аудиозапис што само ја надополнува нивната содржина, поставени во салон „Империјал 2“).
Како резиме и порака за крај би додал еден наслов од една книга на Херберт Рид, кој кажува сѐ, а гласи: Поезија и анархизам – истакнува Страхил Петровски.

Проектот, пред сè, е субјективна уметничка реакција и рефлексија на она што ни се случува во ова проблематично и турбулентно време, време на конфликти од секаков тип, политички превирања и разлики, време на изместени вредности, бескрупулозност, континуиран страв и притисок од сите страни, хаос што речиси секогаш е неповратен, време на кризи и војни што влијаат врз виталноста на целата планета.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 207, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.12.2023)


