
Изложба на македонски и бугарски уметници во Европскиот парламент во Брисел
Заедничка изложба на македонски и бугарски уметници под наслов „Заедно“ беше отворена вчера во Европскиот партламент во Брисел. Изложбата ја отвори европратеникот и известител за Македонија, Илхан Ќучук, а специјален гостин на настанот беше претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.
Препорачано
– Направивме уште еден чекор на патот кон заедништво и добрососедство. Европската Унија и нејзината генеза беше наратив на самото обединување. Ова е најживописната слика за успешно надминување на гордоста и разликите во име на мирот, просперитетот и заедништвото. Мислам дека ова треба да биде патот напред за Бугарија и Северна Македонија. Двете земји треба да ги продлабочат добрососедските односи и да се борат да го интегрираат регионот во ЕУ, вели Ќучук.
Според него, ова е пример дека културата е мост што обединува и не знае за граници, како и дека културата има моќ да се издигне над сите разлики.
Мецола, пак, порача дека ЕУ и парламентот се посветени на унапредување на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија.
– Ние ќе продолжиме да ги охрабруваме двете страни на дијалог и работа кон заедничка европска иднина, а оваа изложба има за цел да се слави заедништвото меѓу Бугарија, Северна Македонија и Европскиот парламент, изјави Мецола.
На отворањето на изложбата во ЕП во Брисел присуствуваа бугарскиот амбадсадор во ЕУ, Румен Александров, македонскиот амбасадор во ЕУ Зулфи Исмаили, кураторите од Македонија и Бугарија Ана Франговска и Атанас Андасаров, дипломатски претставници и европратеници.