Излезе двотомна збирка интервјуа на новинарот Свето Стаменов како калеидоскоп на словенечко-македонското пријателство

Насловни корици на двата тома од книгата

Деновиве од печат излезе „Словенија и Македонија: калеидоскоп на пријателство и дипломатија“ I-II книга на Свето Стаменов, несомнено еден од најплодните македонски публицисти во последните две децении, политиколог и новинар на Македонското радио – Радио Скопје.

„Словенија и Македонија: калеидоскоп на пријателство и дипломатија“ е своевидна двотомна збирка на 83 радио-интервјуа посветени на словенечко-македонските односи и соработката во изминатите две децении, поточно од февруари 2004 до февруари 2023 година со четириесетина видни словенечки личности од политичкиот, дипломатскиот, стопанскиот и културниот живот на Република Словенија, реализирани на програмите на Македонското радио – Радио Скопје.

Првата книга, која започнува со брилијантната воведна студија на поранешниот словенечки амбасадор во нашава земја и универзитетски професор Милан Јазбец „Журналистички монумент на шаренолик дипломатски потфат“, која, всушност, е своевиден научен поглед врз дипломатските и на севкупните односи меѓу Република Македонија / Република Северна Македонија и Република Словенија од нивното осамостојување и прогласување независност, содржи 51 радио-интервју што беа реализирани во периодот од 16 февруари 2004 година, кога беше емитувано интервјуто со тогашниот словенечки министер за надворешни работи проф. д-р Димитриј Рупел, од кое и фактички започна овој своевиден калеидоскоп на македонско-словенечкото пријателство и дипломатија, па до 5 ноември 2018 година, кога беше емитувано интервјуто со тогашниот амбасадор на Република Словенија во нашава земја проф. д-р Милан Јазбец, посветено на отворањето на новата зграда на Амбасадата Република Словенија во Скопје.

Во тој меѓупериод се изредија 49 интервјуа со: словенечките премиери м-р Антон Роп и м-р Аленка Братушек; министрите: проф. д-р Антон Гризолд и проф. д-р Љубица Јелушич (за одбрана), Зденка Церар (за правосудство), м-р Милан Цвикл (за евроинтеграции), проф. д-р Матеј Лаховник (за економија) и проф. д-р Ања Копач Мрак (за труд и социјални работи); словенечките и македонските амбасадори во Скопје и во Љубљана: Марјан Шифтар и проф. д-р Милан Јазбец, Илијаз Сабриу и проф. д-р Димитар Мирчев, словенечките претставници во меѓународните асоцијации: м-р Јанез Преможе, м-р Матјаж Шинковец и Јелко Кацин; претставниците на словенечкиот финансиски и бизнис-сектор: Алојз Јамник, Зоран Јанковиќ, Матеј Рогељ, д-р Роман Гласер и м-р Дејан Жидан, началникот на Генералштабот на Словенечката војска генерал потполковник Албин Гутман, државните секретари Марсел Копрол и Јанез Ленарчич, градоначалничката на Љубљана Драгица Симшич, универзитетските професори проф. д-р Мојмир Мрак, Драго Зајц и проф. д-р Бојко Бучар, секретарот на Републичката изборна комисија Марко Голобич, новинарите Мајда Јуван и Изидор Грошељ, литератите Владо Жабот, Лара Миховиловиќ и Јуриј Худолин и видните претставници на Македонците во Словенија Трајче Андонов и Илија Димитровски и, особено, некогашната југословенска и словенечка спортска легенда и олимписки победник Мирослав Церар.

Тематски интервјуата се однесуваат, пред сè, на словенечко-македонските билатерални односи и соработката на речиси сите полиња, особено на политички, дипломатски, економски и културен план, потоа на безрезервната поддршка и помош што Република Словенија ѝ ја дава на Република Македонија во нејзините евроатлантски и евроинтегративни процеси, со посебен акцент врз словенечките искуства во тие процеси, потоа на актуелните ситуации во двете земји, погледнати од словенечки агол, како и на положбата на припадниците на македонската национална заедница во Република Словенија и нивните врски со матицата – Република Македонија.

Втората книга, пак, содржи 32 интервјуа реализирани во периодот од 2 февруари 2019 година до 4 февруари 2023 година, а соговорници на Свето Стаменов во тој период беа: поранешниот словенечки претседател проф. д-р Данило Тирк, словенечкиот премиер Марјан Шарец, претседателот на словенечкиот парламент м-р Дејан Жидан, министерот за надворешни работи проф. д-р Миро Церар, шефот на Канцеларијата на НАТО во Скопје полковник Зоран Јанкович, амбасадорот на Европската Унија во Македонија Самуел Жбогар, началникот на Генералштабот на Словенечката војска генерал мајор Аленка Ерменц и поранешниот амбасадор на Република Словенија во нашава земја проф. д-р Милан Јазбец, со кого беа реализирани дури 24 интервјуа во тие неполни четири години.

И овие интервјуа тематски, освен традиционално на словенечко-македонските билатерални односи и соработката на речиси сите полиња и на безрезервната словенечка поддршка на македонските евро и евроатлантски интегративни процеси, првенствено на последната фаза на процесот на зачленување и на самото зачленување на Република Северна Македонија во НАТО-сојузот, кое финишираше со кревањето на македонското државно знаме пред седиштето на НАТО-сојузот во Брисел на 30 март 2020 година со што и симболично беше означено нејзиното конечно влегување во најголемата воено-политичка асоцијација во светот, се однесуваат и на започнувањето на процесот на самото зачленување на Македонија во Европската Унија и на јубилеите 15 години од зачленувањето на Република Словенија во НАТО-сојузот и во Европската Унија и триесетгодишнината од македонско-словенечките дипломатски односи, но и на пандемијата на коронавирусот, како и на теми од културата и литературата.

Книгата „Словенија и Македонија: калеидоскоп на пријателство и дипломатија“, која е објавена со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија, е збогатена и со пригодните текстови – рецензии на поранешните словенечки амбасадори во нашава земја Марјан Шифтар („Нов мост на словенечко-македонското пријателство и соработка“) и проф. д-р Милан Јазбец („Матрица на пријателство, дипломатија и пријателска динамика“), проф. д-р Трајан Гоцевски, министер за одбрана во првата влада на независна и суверена Република Македонија и актуелен член на Советот за безбедност на Република Северна Македонија („Дело од исклучителна општествена вредност“) и на универзитетските професори проф. д-р Цане Т. Мојаноски („Врамена слика за искрено подадена рака, за топлиот и благороден однос на Словенија кон нас“) и проф. д-р Димитар Пандев („Апотеоза на говорената форма на дипломатскиот стил“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот