Комплетната подготовка на книгата е на Светлана Кочовска Стевовиќ

Издавачката куќа „Или-Или“ објави збирка со латински цитати, изреки и фрази

Како четврта книга во едицијата „Арго“ на издавачката куќа „Или-Или“ од печат излезе збирката „Латински цитати, изреки и фрази“. Предговорот, изборот, преводот од латински јазик и коментарите се на Светлана Кочовска Стевовиќ.

Книгата е збирка од нешто помалку од 5.000 латински цитати, изреки, фрази, правни максими, девизи на поединци или групи, здравствени препораки, хералдички гесла и други куси латински изрази од различна провениенција. Најбројни се цитатите од римската книжевност, од латинскиот превод на Библијата (Vulgata) и од некои подоцнежни дела.

– Поради широкиот опсег на употреба, многу од овие цитати стекнале статус на поговорки. Одраз на нивната огромна популарност низ вековите е влијанието што го извршиле врз фразеолошкиот фонд и врз паремиската граѓа на современите јазици. Многу од овие цитати, изрази и фрази и денес се присутни во книжевноста, журналистиката, јавниот дискурс и популарната култура. Единиците што се поместени во збирката „Латински цитати, изреки и фрази“ се подредени по абецеден редослед, а наместа по преводот следува кус коментар со појаснувања на значењето, потеклото и(ли) на контекстот во кој изразот бил употребен – објаснуваат од „Или-Или“.

Светлана Кочовска Стевовиќ е класичарка, книжевна преведувачка и професорка по латински јазик на Филозофскиот факултет во Скопје. Авторка е на една монографија за писмата на Кикерон („Епистоларниот дискурс на Марк Тулиј Кикерон“, „Профундум“, 2014) и на повеќе преводи од латински и(ли) старогрчки јазик на дела од Кикерон („За должностите“, „Магор“, 2005; „Избрани писма“, „Три“, 2014; „Втора филипика“, „Или-Или“, 2022), Хигин („Митови“, „Три“, 2016), Јустин („Филипова историја“, „Полица“, 2020), Лукијан од Самосата („Вистинска приказна“, „Или-Или“, 2020) и Сенека („Медеја“, „Или-Или“, 2021).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 202, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот