
Издавачката куќа „Или-или“ го објави преводот на романот „Киклоп“ од хрватскиот писател Ранко Маринковиќ
Преводот на романот „Киклоп“ од хрватскиот писател Ранко Маринковиќ е објавен во реномираната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-или“. Преводот од хрватски јазик е на Владимир Јанковски и е овозможен со поддршката на фондацијата „Традуки“ и Министерството за култура и медиуми на Р Хрватска.
Препорачано
Романот „Киклоп“ на Ранко Маринковиќ е едно од најзначајните дела во хрватската литература од 20-тиот век, ремек-дело кое ги спојува модернистичките и постмодернистичките тенденции, интелектуалната длабочина и книжевната виртуозност.
Сместен во предвоениот Загреб, за време на месеците непосредно пред Втората светска војна, романот го проучува внатрешниот свет на Мелкиор Тресиќ, млад интелектуалец што се соочува со наметнуваниот воен ужас и со своите егзистенцијални прашања.
Во „Киклоп“, Маринковиќ блеска со користењето на интертекстуалноста, спојувајќи митолошки, книжевни, филозофски и историски референци, создавајќи богат книжевен универзум во кој се спојуваат Достоевски, Шекспир, античката литература, Библијата и историјата. Преку комплексни дијалози, дигресии, игри со зборови и богатство на стилски вештини, романот ги истражува темите на модерната алиенација и потрагата по смисла во време на анксиозност, бестијалност и неизвесност.
Во центарот на приказната е ликот на Мелкиор, чии внатрешни борби и психолошки дилеми се одразуваат во сите аспекти на романот, од филозофски размислувања до гротескни сцени кои варираат од репортажи до бурлески. Романот не се занимава само со историјата, туку и со рефлексијата на интелектуалецот во времето на криза, кога идентитетите и идеалите се губат под тежината на секојдневните драматични настани.
„Киклоп“ е дело кое постојано се реинтерпретира, богато со симболика и цитати кои ги надминуваат рамките на самата нарација. Тоа е роман што се доживува, роман за интелектуалците, но и за сите оние кои бараат подлабоко значење во светот исполнет со контрадикции. Романот во 1982 година на филмско платно го пренесе режисерот Антун Врдољак, а во филмот играат прославени актери на југословенското глумиште.
Ранко Маринковиќ (1913-2001) e еден од најзначајните хрватски писатели и драматурзи на 20 век. Почна да објавува пред Втората светска војна – неговата прва драма „Албатрос“ (1939) беше поставена во Загреб.
Најпознати дела на Маринковиќ се збирката раскази „Раце“ (1953), драмата „Глорија“ (1955), во која го критикува црковниот догматизам, и романот „Киклоп“ (1965) – полуавтобиографски роман за интелектуалците во Загреб пред војната. Во поголемиот дел од својот живот Маринковиќ се занимаваше со театар, есеистика и филмска критика.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 293, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10.8.2025)