Изборот на новите министри ќе продолжи в понеделник

Собрание / Фото Слободен печат / Драган Митрески

Собраниската расправа за избор на нови членови на Владата ќе продолжи в понеделник напладне. Дебатата по оваа точка од дневниот ред почна во четвртокот откако истиот ден, по десетина дена расправа, на предлог на Владата беа разрешени тројцата министри од Алтернатива – за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и за дијаспора Џемаил Чупи.

Пратениците задутре треба да ја продолжат дискусијата за новите предлози за министри: тројца од Алијанса за Албанците – Кренар Лога за ресорот правда, Фатмир Меџити за здравство и Азир Алиу за информатичко општество и администрација, и за Каја Шукова од СДСМ која е  предложена за министер за животна средина и просторно планирање.

Оставките на министрите за правда и за животна средина, Никола Тупанчевски и Насер Нуредини, Собранието веќе ги констатираше на претходна седница, како и на заменик-министрите за правда и за здравство, Агим Нухиу и Владимир Рендевски.

Седница почна на 13 февруари откако претходниот ден премиерот Димитар Ковачевски во Собранието го прати Предлогот за реконструкција на Владата со новите предлози за министри, а Алтернатива истиот ден на партиско собрание одлучи да ја напушти владината коалиција во која учествуваше повеќе од една година.

Премиерот Ковачевски во експозето истакна дека одлуката за реконструкција на Владата е затоа што на државата и треба стабилно мнозинство кое ќе овозможи напредок и развој. За Алијанса за Албанците, пак, која во Парламентот има осум пратеници, влезот во владејачката коалиција е заради европската иднина на државата.

Опозициските пратеници во своите говори во изминатите денови критикуваа дека не се работи за програми и принципи, туку за пазарење, а реконструкцијата ја сметаат за „лош потег за да ја одржи во живот оваа Влада уште неколку месеци“.

Реагираа и дека од премиерот Ковачевски не слушнале аргументи за новите министри од Алијанса за Албанците, исто како што не понудил аргументи за причините за разрешувањето на министрите од партијата Алтернатива.

Кога ќе биде изгласан Предлогот за избор на членови на Владата, следни точки од дневниот ред на 104-тата седница се Предлогот за разрешување заменици министри и Предлогот за именување заменици министри.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот