Истражување на ЕСЕ: Жените и децата од руралните средини и Ромките на маргините, без примарна здравствена заштита

Борјан Павловски - доктор ЕСЕ / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Истражувањето кое го спроведе Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ за жал, покажа поразителни резултати во однос на здравствената заштита на нашите сограѓаники од руралните средини.

Во руралните средини нема ординации ниту со матични гинеколози, ниту со матични педијатри, а матични лекари има само во поголемите селски средини. Жените и децата мораат да патуваат со километри за да посетат матичен лекар, во услови на лоша патна инфраструктура и немање на редовен јавен превоз. Дополнително на тоа отсуствува соодветна здравствена едукација поврзана со овие теми во руралните средини.

-Ова беше пообемно истражување паралелно спроведено и во руралните средини и во ромските средини. Конкретно беше истражувано во пелагонискиот крај – Општините Кривогаштани и Долнени, во селата во кумановско и во светиниколскиот регион како и едно село во Пехчевско. Излегоа поразителни податоци и овие граѓани се соочуваат со бариери во пристапот до основата, до примарната задравствена заштита, а не зборуваме за болници и клиники, туку за матични лекари. Ако нам во Скопје ни е потребен еден час да отидеме до матичен лекар, кај нив е тоа цел ден, зошто за жал, нема ниту јавен превоз, па мора да користат на пример такси возило, што во светиниколско чини 400 до 500 денари во еден правец, или минимум 1.000 денари за да отидат и да се вратат од матичен лекар, па ако тој има даде упат за лабораторија, наредниот ден треба да одат по резултати, па пак кај матичниот и тоа за нив е губење на цел ден за да остварат една основна здравствена заштита – преглед од матичен лекар, лабораторија или рентген, рече д-р Борјан Павловски од ЕСЕ.

Тој со жалење констатира дека состојбата е уназадена во повеќе села.

-Во пелагонискиот регион и во светиниколско ни ги покажуваа местата каде до пред неколку години имало амбуланти со матични лекари, аптеки. А сепак станува збор за живи села. Сепак некои се мали села со мал број на население па матичниот лекар тука нема интерес затоа што се плаќа по капитација и ако има помал број на население не му се исплати зошто треба да има над 1.000 до 1.200 пациенти. Токму затоа државата треба да обезбеди стимулација или да изнајде други мерки за да им обезбеди примарна здравствена заштита на овие луѓе, вели д-р Павловски.

Истражувањето на ЕСЕ всушност ги покажа и основните причини зошто луѓето од селата си заминуваат кога нема елементарни услови за живот во 21 век.

-Не е чудно што селата ни се празнат, нема основна инфраструктура, нема амбуланта, аптека. За една обична таблета овие граѓани мора да патуваат со часови. Жените не одат редовно на матичен гинеколог, матичните гинеколози им ги наплаќаат услугите иако се бесплатни па затоа не одат на превентивен гинекологшки преглед, никогаш не знаат колку ќе им наплати гинекологот и дали имаат толку пари со нив. За жителиките во руралните средини и за жените ромки наплаќањето дури и по 150 денари за преглед или лабораторија многу значат и не можат секогаш да си ги дозволат па не одат и кога вистински имаат потреба од здравствена заштита, вели д-р Павловски.

Последиците од непосетувањето на гинеколог повлекува зголемена стапка на смртност од рак на грлото на матката, а тука ги демне и ракот на дојка.

-Поради неодењето на време на гинеколог смртноста од рак на грло на матка и од рак на дојка е 3 пати повисока во Македонија отколку во државите на ЕУ. Овие болести се откриваат во доцна фаза и жените се подложни на операции, зрачења, а ако сето ако се открие во рана фаза ќе се излекува со многу поедноставни методи, вели д-р Павловски од ЕСЕ.

Друг проблем со кој се соочуваат жените од руралните средини и Ромки е немањето на матични педијатри за децата, а тоа е генерално проблем на ниво на целата држава.

-Нема матични педијатри, па новороденчињата ги следат општи лекари, а треба да се следи растот, развојот на бебињата, а тоа не е во доменот на матичниот лекар. Проблем е што речиси нема педијатри во целата држава, зошто вкупно се регистрирани само 111 матични педијатри. Морам да нагласам дека во периодот од 2011 до 2017 година имавме голем пораст на доенечката смртност. Се искачи на 12 умрени доенчиња на 1.000 живородени. А во ЕУ тој просек е 3 до 4 доенчиња. По 2017 година Министерството за здравство заедно со СЗО презедоа некои мерки и таа донечка смртност се намали и сега е околу 5. Сите овие години има и пораст и опаѓање и треба да преземеме мерки и активности за да не дојде до пораст на доенечката смртност, дециден е д-р Борјан Павловски.

Тој додава дека истражувањето покажало дека дури 10 проценти од жените и од руралните и од ромските средини не отишле ниту еднаш на здравствена контрола во текот на бременоста.

-Тоа секако е ризик и по здравјето на новороденчето и по здравјето на мајката. Околу 25% од бремените не направиле ЕХо во текот на бременоста и ова се ризик фактори и за доенечка смртност и за мајчина смртност и за нарушување на здравјето на мајката. Значи големи сериозни проблеми, вели Павловски.

Платформата skrining.mk на Министерството за здравство каде жените може да се пријават за бесплатен гинколошки преглед и ПАП тест исто така е предмет на истажувањето на ЕСЕ и тука резулатите се поразителни во однос на жените од руралните и ромските средини.

-Речиси никоја од жените во овие средини не ни знаеја за оваа веб- страница, а голем процент од нив изјавија дека имаат голем проблем самите да се пријават преку оваа дигитална алатка, односно веб страница, поради ниската дигитална писменост, а во ромските средини, за жал ниска е писменоста воопшто, како и тоа што немаат постојано пристап до интернет, до дигитални уреди, смартфони или компјутери. Иако како држава мораме да се дигитализираме, мора да се мисли и на ранливите категории на граѓани кои немаат можност да пријават преглед преку вакви дигитални средства туку да им се остави друга опција зошто има многу разлики во општеството, дециден е д-р Павловски.

За останатите проблеми на жените и децата од руралните и ромските средини, за проблемот со брзата помош и вакцинацијата на децата, погледнете го целиот разговор со д-р Борјан Павловски од ЕСЕ, а сите наоди и извештаи од овие истражувања ќе бидат доставени до надлежните министерства и до локалните самоуправи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот