Испитувањето на почвата треба да ја покаже состојбата во зоната на бунарите Нерези-Лепенец

Фото: МИА

Програмата предвидува испитување на квалитетот на почвите, поточно количина и степен на загадување, видот и обемот на активности и истражни работи што треба да се реализираат, начин на земање примероци, методологија на изработка на анализи на почва и изработка на извештај.

Градските советници денеска треба да ја донесат Програмата за испитување на загадувањето на почвата на подрачјето на град Скопје, чија цел е да се утврдат и да се следат концентрациите од можно загадување на почвата во близина на бунарското подрачје Нерези-Лепенец, но и да се направи процена на штетните ефекти врз животната средина.

Веќе е изработена „Експертиза за ажурирање на границите на заштитни зони на бунарското подрачје Нерези-Лепенец и определување мерки за заштита“ според која воспоставувањето на заштитните зони на бунарското подрачје се врши заради заштита на подземната вода, која преку бунарите се користи за дополнително снабдување со вода во Скопје.

– За бунарското подрачје во оваа експертиза се предвидуваат и мерки што се спроведуваат по пат на забрани, ограничувања, задоволување посебни услови, како и контрола на човечки активности, кои може неповолно да влијаат врз извориштето, неговата издашност и здравствена исправност – се вели во предложената Програма во која се наведува и дека е потребно да започне реализацијата на почетната фаза на испитување на загаденоста на земјиштето околу бунарското подрачје.

Програмата предвидува испитување на квалитетот на почвите во рамките на трите заштитни зони на бунарскиот систем Нерези-Лепенец, поточно количина и степен на загадување на почвата, видот и обемот на активности и истражни работи што треба да се реализираат, начин на земање примероци, методологија на изработка на анализи на почва и изработка на извештај.

– Со реализација на Програмата ќе се добијат резултати за квалитетот и квантитетот на подземната вода, како и степенот на загадување на почвата на 23 мерни места во кругот на трите заштитни зони на бунарското подрачје Нерези-Лепенец кое се протега на територијата на град Скопје и кои ќе се користат за санација на притисоците. Методологијата на реализација опфаќа две фази на изведба и тоа: земање примероци за анализа и лабораториско испитување на земените примероци – се наведува во Програмата.

Врз основа на добиените резултати од направените анализи на почвата, како што се вели во образложението, треба да се дефинира степенот на загаденост на почвата и ризикот од загадување на подземните води, за потоа да се преземат потребните активности за заштита и непречена функционалност на бунарскиот систем Нерези-Лепенец.

Пред 30-ина години главните водоснабдителни извори на Скопје, изворот Рашче и бунарското подрачје Нерези-Лепенец, се заштитени со одлуки за воспоставување заштитни зони, врз основа на претходно изработени стручни, истражувачки елаборати. Во последниве години, со сите промени во просторот, се наметна потребата од изработка на нови експертизи и донесување нови одлуки за заштитните зони, односно нивно ревидирање. Поради тоа во 2017 година е изработена „Експертизата за ажурирање на границите на заштитните зони на бунарското подрачје Нерези-Лепенец и определување мерки за заштита“, а две години подоцна и „Експертиза за ажурирање на границите на заштитните зони на изворот Рашче и определување мерки за заштита“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот