Интервју | Златко Марин, градоначалник на Општина Аеродром: Еднакво вложував во развојот на сите делови од општината

Неодамна во населба Лисиче се поставени три мобилни уреди за мерење на воздухот 24 часа на ден, со кои во секој момент може да се увиди нивото и местото на загаденост. Направена е нова реорганизација на инспекциските служби, кои сега во соработка со Град Скопје ја интензивираат работата на терен.

П. Оваа 2021 е изборна година. Кои се приоритетите што планирате да ги сработите во Општина Аеродром во последниве месеци од Вашиот актуелен мандат?

– Како приоритет секогаш го сметам она што е најважно за граѓаните. Така беше во мојата изборна програма, по тоа се раководев и во изминативе три години, а тоа ќе остане како мој патоказ и до крајот на мандатот. За претстојниот период неодамна изготвиме и ѝ презентиравме на јавноста четиригодишна стратегиска платформа за локален економски развој 2021-2025 под мотото „Аеродром – прва општина со европско знаменце“.  Таа платформа ќе биде наш патоказ за носење на европските стандарди и вредности дома. Тоа значи продолжување на инвестициите за чиста животна средина, поквалитетно урбано живеење и развој на руралните делови од Општина Аеродром. Секако, до крајот на годината фокусот ќе биде насочен кон заокружување на ветените проекти, односно довршување на клучните и капиталните проекти. Со буџетот за 2021 година предвидовме повеќе средства за заштита на животната средина, за развој на спортот во општината, посебна грижа и поддршка за децата со посебни потреби. Исто така, предвидовме и изградба на детската градинка „Црвенкапа“ во стар Аеродром, со што ќе се зголеми капацитетот на згрижување на децата. Хортикултурно ќе уредиме уште две површини – на бул. „Јане Сандански“ и на бул. „АСНОМ“ зад Фудбалска федерација на Македонија (ФФМ), а ја почнавме и постапката за изградба на нова општинска административна зграда. Наскоро ќе заврши и изградбата на 4 нови училници во ООУ „Лазо Ангеловски“. Исто така, наскоро ќе почне реконструкцијата на Амбулантата во населбата Лисиче, а во напредна фаза е и изградбата на новиот објект на училиштето „Димитар Македонски“ во населба Лисиче, кој ќе биде готов наесен.

П. Кои Ви се плановите во делот на урбанистичкиот развој на Аеродром? Кои се Вашите следни активности со кои конечно ќе ставите ред во овој сектор?

– Во новата стратегиска платформа, една од четирите точки е модернизација на урбаното живеење. Работиме на тоа постојната индустриска зона покрај булеварот „Трета македонска бригада“ да ја претвориме во модерно место за живеење. Предвидуваме ревизија и хармонизација на процесот на легализација, а тоа значи воведување нова европска практика, решавање што повеќе предмети годишно. Во рамките на новата стратегија во иднина граѓаните ќе можат да си проверат до каде им е предметот преку интернет. Исто така, ќе ги отвориме и урбаните заедници, преку кои граѓаните ќе можат да ги добијат сите овие услуги.

П. Дали сметате дека како градоначалник еднакво се залагавте за развивање на сите делови од Општината. Дел од граѓаните знаат да Ви замерат дека многу повеќе се инвестира во урбаниот отколку во руралниот дел на Општина Аеродром. Кој е вашиот став?

– Моја заложба во овие години е да има еднакво вложување и развој на сите делови од Аеродром. Во Горно и Долно Лисиче во изминатите три години се реконструирани повеќе сообраќајници, а најважен  е реконструираниот регионален пат Драчево – Јурумлери. Во делот на обезбедување услови за најмладата популација, пак, изградивме две детски игралишта во Долно Лисиче. Општина Аеродром во новата стратегија предвидува модернизирање на руралните подрачја во Горно и Долно Лисиче, каде што ќе се развие зона за рурален развој. Во делот на подобрување на квалитетниот начин на живот и развој на локалните можности за туризам, ќе се изгради и прв национален професионален голф-терен во државата.

П. Од кои досегашни проекти сте најзадоволни? Има ли нешто што сакавте, но не успеавте да го реализирате?

– Генерално сум задоволен од реализацијата на проектите. Мојот главен фокус беа еколошките проекти, а нивната реализација кулминираше токму во измината 2020 година, кога го зголемивме бројот на зелени површини и ја достигнавме бројката од набавени и засадени близу 10 илјади нови садници на различни локации. Особено сум горд на новите паркови во Мичурин и во Бојмија во населбата Острово, како и просторот во Мичурин кај Железничката станица, некогашна депонија, кој заедно со Град Скопје го претворивме во прекрасен парк. Исто така, оваа година Стар Аеродром ќе добие два нови парка, покрај улиците „Методија Шаторов-Шарло“ и „Пандил Шишков“, а нови паркови има и меѓу булеварот Трета македонска бригада и касарната „Гоце Делчев“. Исто така, реконструиравме и изградивме над 20 детски и спортски игралишта, изградивме и нова градинка во Ново Лисиче, „Буба Мара“, наскоро ќе почне изградбата и на објектот „Црвенкапа“ во стар Аеродром, со што ќе се зголеми капацитетот на згрижување деца. Исто така, во тек е реализацијата на изградбата на 4 нови училници во ООУ „Лазо Ангеловски“, со што решивме децениски проблем со одењето во трета смена на учениците. Од оваа есен учениците во Лисиче ќе добијат и нов објект во училиштето „Димитар Македонски“. Очекуваме оваа година и почеток на реконструкцијата на амбулантата во населба Лисиче и изградба на Домот на спортовите со помош на Владата.

П. Општина Аеродром, особено Лисиче со години наназад е најзагаденото населено место. Што направивте како Општина за да се намали загадувањето конкретно во Лисиче каде што речиси 90 отсто од населението се грее на дрва. Дали досега некој бил казнет што несовесно покрај дрва согорувал и пластика и гуми?

– Ние како општина сме многу посветени на решавање на овој проблем. Уште од почетокот на мојот мандат и во текот на изминатите три години од раководењето со општината, моја цел беше и е да создадеме чиста и одржлива средина што ќе овозможи квалитетни услови за живот за сите граѓани. На тој план направивме многу. За три години засадивме 10.000 нови високостеблести дрвја, изградивме нови паркови и нови зелени површини, обезбедивме прочистувачи на воздух за сите детски градинки и основни училишта, секоја година доделуваме субвенции за велосипеди, инвертер-клими, печки на пелети, за чистење оџаци, организиравме многу еко-акции, исчистивме голем број мини депонии. Неодамна во населба Лисиче се поставени три мобилни уреди за мерење на воздухот 24 часа на ден, со кои во секој момент може да се увиди нивото и местото на загаденост. Направена е нова реорганизација на инспекциските служби, кои сега во соработка со Град Скопје ја интензивираат работата на терен.

П. Едно од Вашите предизборни ветувања беше изградба на нова детска градинка на Тодор Чангов. Зошто овој проект не се реализираше?

– Во тек е изработка на Деталниот урбанистички план (ДУП) за тој дел на Општина Аеродром, каде што е предвидена локација за изградба на детска градинка и наскоро очекуваме негово усвојување. Се надевам дека овие процедури ќе завршат во предвидениот рок и тој дел на Општина Аеродром во најскоро време ќе ја добие првата детска градинка, што е од големо значење за жителите на „Тодор Чангов“ и „Ѓорѓи Капчев“ каде што има голем број дечиња.

П. Станавте прва општина со европско знаменце. Што значи тоа за граѓаните на Аеродром?

– Општина Аеродром е прва општина што декларира дека во наредниот период во целост ќе практикува европски вредности и стандарди и ќе имплементира европски развојни проекти. Станува збор за платформа што вклучува голем број проекти за развој на урбаното живеење, но и низа проекти што се однесуваат на руралниот дел од Општина Аеродром. Планираме соработка со општини од регионот и од Европа, со кои заеднички ќе аплицираме во европските фондови за развој. Едноставно ќе ја искористиме целата поддршка што ни е достапна за да им овозможиме подобар квалитет на живеење на нашите жители. Предвидено е воведување нова европска, системски базирана методологија за одржување хигиена, управување и селекција на отпад со непосредна и интерактивна соработка со жителите на општината. Ќе продолжат инвестициите во поквалитетно образование – ќе се обезбедат смарт-табли, ќе се постават фотоволтаици како еколошки извори на енергија во сите училишта, како и лифтови за пристап на лица со попреченост за секое училиште во соработка со Скопскиот плански развоен регион и Светска банка.

П. За месец-два неофицијално ќе почне изборната кампања. Дали ќе „трчате“ за втор мандат?

– Моментално сум фокусиран на дозаокружување на реализацијата на проектите што ги ветив во предизборната програма и ќе продолжам активно да работам на приближување и подобрување на услугите на граѓаните и во претстојниот период. Имајќи ги предвид сите успешно реализирани проекти додека сум на чело на Општина Аеродром, подготвен сум да влезам во трката за втор мандат и да ја побарам поддршката од граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот