ИНТЕРВЈУ: Суџубаши од Халкбанк: Ја пренесовме практиката од Турција за поддршка на малите и на средните фирми

Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје/Фото: Халкбанк

Минатата година речиси секоја четврта новоотворена фирма станала клиент на Халкбанк. Средствата на Халкбанк наскоро ќе се зголемат за нови 40 милиони евра бидејќи е донесена одлука да се изврши нова докапитализација со 30 милиони евра од матичната банка Халкбанк АШ Турција, како и да се реинвестира минатогодишната добивка од 10 милиони евра

Ланската година во земјава се формираа нови 8.662 правни субјекти, а најголем дел од нив, речиси една четвртина, ја одбраа Халкбанк АД Скопје за своја матична банка. Ланската година Халкбанк кај  кредитирањето на правни лица забележа раст од 10%, при што најголем пораст од дури 18% имаше кај кредитите дадени на мали бизниси. За тоа што ги привлекува компаниите да станат депоненти токму на Халкбанк, за шпекулациите врзани за руско-украинскиот конфликт, каматната политика, сајбер безбедноста, но и зелените практики на Банката, зборуваме со Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје.

 Во јавноста излегоа интересни податоци според кои најмногу новоотворени компании за своја матична банка ја избрале Халкбанк. На што се должи ова и дали станува збор претежно за турски компании?

– Минатата година клиенти на нашата банка станаа 1.976 од вкупно 8.662 нови правни субјекти кои се формираа во 2021 година. Односно, речиси секоја четврта фирма ја избра Халкбанк АД Скопје за своја матична банка. Она што секако не радува е што ова не се однесува само на Скопје како најголем град, каде има и најмногу новорегистрирани компании, туку и на другите градови. Во Куманово и Тетово, кои се по Скопје со најмногу новорегистрирани фирми, исто така најголемиот број ја одбра Халкбанк, во Битола сме втор избор, а во Гостивар исто така прв. Ова се градовите во кои се регистрирани повеќе од половина нови правни субјекти, од кои 1.184 сега се наши депоненти. Бројката на наши нови депоненти кои се од речиси сите градови во земјата само по себе зборува дека не станува збор за компании со турски капитал, туку дека се домашни правни лица кои пред да го направат чекорот, односно да изберат банка чиј депонент ќе бидат, се информирале што е најдобро за нивниот иден бизнис.

Ова секако значи валоризација на сето она што Халкбанк го прави од доаѓањето на македонскиот финансиски пазар. Особено за категоријата малите и средни претпријатија (МСП)  кои, според нас, претставуваат камен-темелник на економијата и токму затоа, од влезот на македонскиот пазар како Халкбанк, наша таргет група е токму оваа категорија компании. Ние се обидуваме да им помогнеме на овие компании побрзо да растат. Тоа е практиката пренесена од Турција, да ги поддржуваме овие компании бидејќи ним им е најтешко да дојдат до финансии, а ризикот не е голем бидејќи тие се борат да растат. За оваа категорија клиенти имаме креирано и производи преку кои се поддржуваат нивни тековни потреби за основни средства и обртен капитал. Но, Халкбанк паралелно со поддршката која ја дава за МСП, ги поддржува и сите сектори на економијата и сите бизнис слоеви. Наши коминтенти се и многу големи компании, бидејќи кај нас препознаваат сигурен партнер.

Ланската година, на пример кај кредитирањето на правни лица, забележавме раст од 10%, а најголем пораст бележат кредити дадени на мали бизниси каде имаме пораст од 18% во однос на 2020 година. Односно, според големината на компаниите, имаме одобрено 193 кредити на големи компании, 273 – на средни, дури 1.405 на мали и 620 на микро бизниси. Ова повторно говори за кредитната поддршка која нашата Банка несебично ја дава на бизнисите во РСМ.

Дополнително, во изминатите неколку години нашата банка интензивно работеше и ја зголеми својата мрежа на филијали на вкупно 45 локации од кои 25 во Скопје. Секако, треба да се спомне започнатата соработка со АД Пошта на Северна Македонија што овозможи извршување на дневни безготовински трансакции и уплати на дневен промет во повеќе од 300 експозитури во земјата.

Ние исто така постојано ги следиме новите трендови на технологијата и дигитализација и развиваме нови платформи на алтернативни канали за дополнителни производи и услуги за претпријатијата. Нашата банка денес е лидер во понуда на услуги креирани според потребите на граѓаните, како и во воведување нови технологии и обезбедување брза услуга преку високоразвиена, модерна платформа на алтернативни канали. На пример, го зголемивме бројот на банкомати со cash-in функција која им овозможува на правните лица да уплаќаат дневен пазар без притоа да имаат потреба од посета на најблиската филијала. И нашите апликации за електронско банкарство и мобилната апликација за правни лица исто така нудат широк спектар услуги кои го поедноставуваат процесот на менаџирање на финансиите на правните субјекти.

Сево ова придонесува да бидеме прв избор на новоотворените компании. Но, секако и не само на нив, бидејќи голем е бројот на постојни правни субјекти кои станаа наши депоненти. Во моментов, наши клиенти се 19.009 правни субјекти. Од нив 434 влегуваат во категоријата големи компании, 371 се средни, 42.67 се мали, а дури 13.937 се микро бизниси, мали фирми на кои им е потребна поддршка да ги реализираат своите идеи и да го развиваат бизнисот. А ние настојуваме истата и да им ја дадеме бидејќи веруваме во нив и во значењето кое тие го имаат за економијата на земјата.

Заложбите на секој од нас поединечно, но и како целина, посветеноста и свесноста за одговорностите што ги имаме како кон општеството, така и кон секој клиент посебно, и секако развиената корпоративна култура, го издигна нашиот тим на едно завидно ниво – еден од најдобрите на пазарот во однос на понуда на услуги и исполнување на барањата на клиентите. Нашата банка е сериозен, стабилен и лојален партнер на граѓаните, стопанството и генерално на целото општество. На овој начин и ја реализираме нашата цел Халкбанк АД Скопје да биде прв избор на секој тековен и потенцијален клиент.

Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје/Фото: Халкбанк

 Руско-украинскиот конфликт внесе немир кај дел од граѓаните кои поттикнати од шпекулации ги вадеа парите од банките, а и ги претвораа денарите во евра. Дали имаше нагласени вакви појави во Вашата банка. И дали тие го пореметуваат редовното банкарско работење?

– Секоја криза создава немир и неизвесност. И навистина, во прв момент можеби се јавува страв за сопствените средства, но тоа вообичаено брзо исчезнува. Можам да кажам дека македонските граѓани имаат силна доверба во банкарскиот сектор за што најдобро зборува фактот дека во сите кризи кои се случуваа последниве децении, заштедите на граѓаните не се намалуваа, туку напротив, растеа.

Потврда за тоа е и здравствената криза предизвикана од Ковид-19. Во 2020 година вкупните депозити пораснаа за 6,2%, а ланската година  порастот е над десетгодишниот просек на пораст кој изнесува околу 7%. Ние како Халкбанк и во услови на пандемични влијанија, ланската година ја завршивме со раст на кредитирањето, пораст на депозитната база и раст на актива од 8,8% која на крајот на 2021 година изнесуваше 1.182 милиони евра.

И во контекст на најновата руско-украинската криза, нема знаци на повлекување на депозитите.

Сакам уште еднаш да кажам дека македонскиот банкарски сектор е стабилен и сигурен и граѓаните не треба воопшто да стравуваат за своите пари. Таа стабилност овозможува справување со сите евентуални шокови и истовремено дава солидна кредитна поддршка за закрепнувањето на економијата во услови на криза.

Ова секако се однесува и на нашата банка. Од 2011 година откако како бренд постои на македонскиот пазар, Халкбанк АД Скопје e едниствената банка на пазарот која редовно се докапитализира од страна на матичната банка и врши реинвестирање на својата добивка, се со цел, овозможување зголемено кредитирање и воведување нови иновативни услуги. Можам да најавам дека средствата на Халкбанк наскоро ќе се зголемат за нови 40 милиони евра бидејќи е донесена одлука да се изврши нова докапитализација со 30 милиони евра од матичната банка Халкбанк АШ Турција, како и да се реинвестира минатогодишната добивка од 10 милиони евра.

Граѓаните, но и експертите укажуваат на огромната разлика што постои меѓу активните и пасивните камати. Според последниот извештај на Народната банка, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити, во јануари, изнесува 3,84 проценти и оствари месечен раст од 0,23 п.п. Просечната каматна стапка на новопримените депозити бележи месечно намалување од 0,17 п.п. и изнесува 0,53 процент. Мора ли да има вакви разлики? Турција е позната по тоа што нема вакви високи каматни стапки за кредитите…

– Висината на каматните стапки на банките секогаш се во корелација со основната каматна стапка која ја определува Централната банка, а таа секако е одраз на повеќе фактори, како состојбата на економијата на земјата, големината на пазарот, состојбата на банкарскиот сектор, монетарните движења, но и на надворешните фактори.

Во Северна Македонија е евидентно постојано намалување на каматите и секако и на намалување на маргината, односно разликата меѓу каматите на кредитите и на депозитите, што е всушност трошок на банката за позајмените средства. Се сеќавате дека пред една деценија беа високи каматите на депозитите, дури и над 10%, но истовремено беа високи и на кредитите. Тогаш и маргината беше над 5%, нешто што беше нормално во услови кога банките на македонскиот пазар гледаа да закрепнат по сето она што се случуваше по распадот на СФРЈ. Со текот на времето се намалуваа и каматите, а и маргината. На пример, во 2015 година просечната каматна стапка кај кредитите беше 6,80%, кај депозитите 2,15%, со што маргината изнесуваше 4,65% на ниво на секторот. Во 2019 година просечна каматна стапка  за кредитите беше 4,63% и 0,95% кај депозитите, со што и маргината се намали на 3,68, а овој тренд продолжи. Еве и за последните податоци кои ги спомнувате покажува намалување на разликата меѓу каматите на кредитите и на депозитите од 3,33%.

Падот на каматите на депозитите е инаку нешто што е тренд во целиот свет, па дури во некои банки во развиените земји каматите се негативни. Односно, доколку сакате да ги оставите вашите пари на чување во некоја банка, за тоа мора да платите. Сепак, за нас како банка ориентирана кон клиентите, депозитите остануваат многу важен извор на финансирање, а ефективното управување со заштедите служи како основа за проширување на финансирањето и овозможува Халкбанк и во иднина да може да испорачува иновативни производи.

Кога зборуваме за каматите на кредитите многу е важна и стапката на вкупните трошоци, како и други услови, како трошоци за одобрување, потребни средства за учество и друго, што се заедно ја прави одлуката да се земе кредит од некоја банка. Во Халкбанк постојано воведуваме нови кредитни и депозитни производи, со подобри услови и мислам дека сме исклучително конкурентни на пазарот, за што доказ е нашиот раст на кредитирањето. Ланската година нашето кредитирање се зголеми за 11,6%, а депозитната база порасна за 9,6%, што е најдобар доказ и за довербата и за квалитетот на нашите производи.

Еве на пример, кога зборуваме за кредитирањето, ние неодамна излеговме со нов Потрошувачки кредит, со каматна стапка од 4,7% фиксна за првите две години, кој е без провизија за обработка или предвремена ликвидација. И нашиот станбен кредит е со фиксна каматна стапка од 3,3% за првите 10 години и без провизија за обработка.

Во однос на сајбер нападите, банките не сакаат многу отворено да зборуваат. Но, и од Народната банка велат дека е потребно што поотворено да се зборува. Имате ли проблеми и како се справувате со нив?

Развојот на современите технологии и дигитализацијата го постави пред сите предизвикот од заштита од сајбер напади. Притоа, како што објави Европската централна банка (ЕЦБ), една студија покажала дека опасноста од вакви напади е 300 пати поголема кај банкарскиот сектор во однос на сите други институции. Меѓутоа, придобивките од дигитализацијата се многу големи, така што она што треба да се прави е постојано подигнување на степенот на заштита од вакви напади.

Тие се особено чести во кризни состојби. Кога почна пандемијата ЕЦБ предупреди за нагло зголемување на сајбер нападите. Условите за работа по избувнување на пандемијата на ковид-19, вклучително и работењето од дома, резултираше со поголем број на сајбер-напади  во финансискиот сектор. Согласно спроведената анкета (FS-ISAC), во глобални рамки, овие напади во февруари 2020 година биле помалку од 5.000 неделно, но се зголемиле на 200.000 неделно кон крајот на април, а и дополнително пораснале за една третина во периодот мај-јуни споредено со периодот март-април.

Сега, со руско-украинската криза, тие се повторно зголемени. Во февруари, на пример, имаше напад на повеќе големи банки во ЕУ. Нашата Централна банка неодамна информираше за обид за DDoS напад на интернет страниците на НБРМ и на банките, што сепак помина без никаков ризик и по банките, нивните клиенти и целоскупниот финансиски систем.

Морам да кажам дека Народната банка постојано ги следи состојбите со сајбер нападите на глобално ниво и соодветно реагира. Изминативе години беше донесена и посебна подзаконска регулатива со којашто се бара од банките да ги унапредат сигурносните стандарди. Притоа, од банките се бара да обезбедат соодветно ниво на подготвеност од заканите од дигиталниот простор, како за меѓубанкарските плаќања, така и за сите други финансиски активности што ги извршуваат. Финансиските регулатори во глобални рамки, веќе ја констатираат неопходноста од преземање координирани меѓународни активности со коишто ќе се постигне уште повисок степен на отпорност на финансискиот сектор од нападите на информативните системи. За оваа цел е воспоставен и Центар за координација на сајбер-отпорност, во којшто учествува и Народната банка.

Ние како банка посветуваме големо внимание на сајбер безбедноста, бидејќи знаеме дека мотивите на напаѓачите не се ограничени исклучиво на остварување финансиска добивка туку и кон нарушување на репутацијата, предизвикување нефункционалност на одредена банкарска услуга, нарушување на паричните текови во целиот финансиски систем, итн. Дополнително, ова е обврска која ни ја наложува и нашата матична банка, која е една од најголемите во Турција и која има големо искуство во овој сегмент.

Дополнително, настојуваме и нашите клиенти на некој начин да ги едуцираме за сајбер безбедноста, бидејќи многу често се покажува дека најслабата алка во целокупниот синџир на одбраната е човечкиот фактор. Тоа го знаат и злонамерните корисници и нивната цел е да го искористат овој факт.

Како банка важите за голем пријател на екологијата и на зравиот живот. Во таа насока, кои се вашите следни активности?

Нвистина сме среќни што ова се препознава и што Халкбанк на македонскиот пазар е препознаена како ЕКО ориентирана. Еден од чекорите кон ЕКО свесноста на банката е нашата апликацијата HalkEco со која со низа подароци и финансиски бенефиции ги мотивираме граѓаните да пешачат, трчаат или возат велосипед, со цел заштеда на емисија на CO2 и грижа за животната средина преку садење дрвја онаму каде што е потребно. Оваа апликација денес веќе прерасна во платформа преку која се дава поддршка на активности кои се во насока на поттикнување здрави животни навики и заштита на животната средина. Вклучително и на низа спортски активности, а ние самите сме организатор, веќе две години по ред, на хронометар велосипедската трка Halk Velo Green која наидува на голем одѕив, како на професионални велосипедисти, така и на аматери, вљубеници во велосипедизмот. Оваа трка е од хуманитарен карактер бидејќи сите котизации за учество се искористуваат за пошумување на одредени површини во земјава. Како резултат на трката и со средства од банката беа засадени 7.700 нови садници. Односно, преку акциите на HalkEco за една година засадени сe над 15.000 нови дрвја. Или вкупно, откако е во функција апликацијата HalkEco – над 33.000 садници.

Како дел од платформата помагаме и во уредување зелени површини и создавање урбан еко простор. Со наша поддршка се реновираа мостовите во новиот дел од Градски парк во Скопје, уредивме Зелен Корнер во ТЦ Лептокарија во Скопје, а истото го направивме и во Гостивар, во Аеродром направивме зелен покрив на автобуска постројка, во Крушево реновиравме мост, итн.

Со вакви зелени практики ќе продолжиме и во иднина. Прв на списокот е маратонот Водно – Матка што ќе се одржи наскоро и ќе биде под наше покровителство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот