Интервју со Златко Панзов: Љубовта беше пресудна да почнам да се интересирам за унгарскиот јазик

Златко Панзов / Фотографија: Приватна архива

Лекторот Златко Панзов, покрај работата во Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, многу успешно се занимава и со преводи на дела од унгарски на македонски јазик, а годинава ја доби и наградата „Драги“ на фестивалот „Букстар“.

Врачувањето на наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик на фестивалот „Букстар“ беше можност и лично да се запознаеме со Златко Панзов. Иако често доаѓа во Македонија, сепак најголем дел од времето живее и работи во Будимпешта.

Претходно имав слушнато за настаните што ги организира таму и за книгите што ги превел, а добивањето на „Драги“ ни даде повод и поблиску да се запознаеме со неговите активности и во однос на преведувачката дејност и во однос на работата во Лекторатот за македонски јазик во Будимпешта, Унгарија.

Во рамките на Фестивалот на европска литература „Букстар“ ја добивте наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик. Бидејќи минатата година наградата постхумно му беше доделена на Драги Михајловски, практично вие сте прв добитник кому му е врачена оваа награда. Што лично Ви значи овој факт?

– Фактот што сум прв добитник на наградата „Драги“ ме прави многу среќен, особено што многу го ценам името и делото на професорот Драги Михајловски. Наградата е признание и потврда на сето она што заедно со Анамарија Цинеге-Панзова го правиме точно дваесет години, превод и промоција на унгарската и на македонската литература, односно поврзување на двете култури од кои потекнуваме.

Наградата особено ми е многу драга, бидејќи во потесниот круг влегоа врвни преведувачи, колеги што многу ги почитувам, а изборот беше направен од комисија составена од исклучителни стручњаци од областа. За мене лично наградата претставува заокружување на еден период од дваесет години макотрпна работа и добар поттик за да продолжам и понатаму со истото темпо и бескомпромисно кога станува збор за квалитетот на преводите.

Врачување на наградата „Драги“ на фестивалот „Букстар“ во Скопје

Наградата ја добивте за преводот од унгарски јазик на романот „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро во издание на издавачката куќа „Артконект“. За каков преведувачки предизвик станува збор и кој е Ѓерѓ Шпиро?

– Ѓерѓ Шпиро е големо унгарско писателско име и авторитет, не само во светот на литературата, туку и за современите општествени појави во Унгарија. Романот „Заробеништво“ носи приказна сместена во првиот век на Римското Царство на повеќе од осумстотини страници, што е во обем многу сериозен преведувачки потфат. Тоа е едната страна, другата е самата структура на романот, четири дела во кои приказната се одвива на три различни локации, Рим, Јудеја и Александрија, мајсторски се испреплетуваат римската, еврејската, грчката, но и други култури, кои носат посебна лексика што бара многу истражување.

Романот може да се класифицира како историографска метафикција, што го прави уште покомплициран за превод, авторот се поигрува со историските факти, внесува ликови од различни временски периоди, препишува и менува библиски и апокрифни текстови, на моменти главниот јунак Ури ги согледува настаните во кои учествува од современ, денешен контекст. Сѐ на сѐ, многу сериозен потфат за еден преведувач.

Наградата е признание и потврда на сето она што заедно со Анамарија Цинеге-Панзова го правиме точно дваесет години

Во однос на преведувачката дејност, има ли двонасочна комуникација, односно преведувате ли и книги од македонски автори на унгарски јазик?

– Во нашиот случај, станува збор за преведувачки пар, се трудиме што повеќе да понираме во културата од каде што потекнуваме, но и во културата од која преведуваме. Во изминатиот период успеавме да преведеме околу четириесет наслови од унгарската книжевност на македонски јазик и многу помал број македонски дела на унгарски јазик. Анамарија на унгарски јазик ги преведе Гоце Смилевски, Венко Андоновски, Лидија Димковска, Ненад Јолдевски, Петар Андоновски, Фросина Пармаковска, Давор Стојановски, Александар Прокопиев, се разбира и поезија. Јас би можел да кажам дека помагам при преводот на унгарски јазик, со сугестии, објаснувања, истражувања. Да, има двонасочна комуникација и се обидуваме да ја интензивираме унгарската страна.

Како се појави можноста да го научите унгарскиот јазик, кој е специфичен и неповрзан со повеќето европски јазици?

– Во мојот случај љубовта беше пресудна да почнам да се интересирам за унгарскиот јазик, особено за унгарската книжевност и култура. Почнав да го учам унгарскиот јазик кај лекторката по унгарски јазик Магдолна Хас на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а потоа животните околности си го направија своето. Живеевме во Македонија, па во Унгарија, потоа повторно во Македонија и сега повторно во Унгарија.

Работите како лектор по македонски јазик во Будимпешта. Каде поточно е сместен Лекторатот и кои се неговите активности?

– Лекторатот по македонски јазик функционира во рамките на Институтот за славистика и балтичка филологија на Факултетот за хуманистика при Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта. Универзитетот ЕЛТЕ е најголемата високообразовна институција во Унгарија, а на Факултетот за хуманистика се изучуваат околу 70 јазици, речиси сите јазици на светот.

Во тоа мноштво од јазици, наставни групи, предмети и курсеви се обидувам на сите можни начини да го промовирам македонскиот јазик, да го направам видлив и достапен за студентите. Македонскиот јазик е изборен предмет, освен македонски јазик од 1-6, ги воведовме и предметите Македонска култура и Запознавање со Македонија, а повремено водам и предмети за превод и за современа македонска книжевност.

Погоре споменав за видливоста на Лекторатот, поради таа цел почнав да ја организирам манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“. Се обидувам секоја година да организирам серија настани, промоции на книги, концерти, проекции на филмови итн. Така македонската култура станува подостапна за пошироката унгарска публика, но истовремено и ја зголемува видливоста на Лекторатот, а со тоа и интересот за изучување на македонскиот јазик.

Настава со студенти што го изучуваат македонскиот јазик во Будимпешта

Има ли интерес за македонскиот јазик во Унгарија и во какви услови работи Лекторатот?

– Да. Секој семестар имаме по 25-30 студенти, кои ги избираат предметите што ги нуди Лекторатот по македонски јазик. Поголемиот дел ја посетуваат наставата повеќе семестри, имаме студенти што добро го владеат јазикот, па веќе формиравме и група што ќе работи на превод на современи македонски раскази на унгарски јазик.

Како изгледа еден вообичаен работен ден на лектор по македонски јазик во Будимпешта?

– Мора да бидам малку саркастичен. Денот започнува многу рано, поетска слика: в рани зори. Лекторот треба да патува повеќе од еден час до своето работно место, бидејќи толку многу се „цени неговата работа“ и толку „многу е платен“ што мора да живее блиску, но не многу далеку од Будимпешта, што помалку и звучи идилично, мора да признаам. Ама…

Но, и покрај сите проблеми со кои се соочувам, а се соочуваат и сите македонски лектори по светот, штом ќе пристигнам на работа и ќе ги видам студентите, заборавам на сѐ. Имам среќа предметите по македонски јазик да ги избираат студенти што навистина сакаат да го научат јазикот, посветени се и активни, па дури и надвор од наставата. На Институтот за славистика и балтичка филологија владее одлична работна атмосфера, одлични ни се односите со колегите, постои меѓусебна поддршка и помош.

Манифестација „Денови на македонска култура во Будимпешта“ со гостување на млади македонски писатели

Колкава е македонската заедница во Будимпешта и колку македонската култура е присутна во унгарската престолнина?

– Во однос на македонската заедница нема многу податоци колкава е, бидејќи не е никако организирана. Секако, познавам многу луѓе, семејства што се доселиле во Будимпешта, повремено на настаните што ги организирам, запознавам и нови луѓе. Има многу студенти од Македонија, многумина ми пишуваат, стапуваме во контакт, со некои од нив сме организирале и заеднички настани, екскурзии и дружби.

Што се однесува до македонската култура, речиси и да не е застапена. Сѐ е сведено на повремени настани, гостувања од Македонија, но многу, многу ретки. Поради тоа и почнав да ја организирам манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“. Ги користам сите лични пријателства, врски и успевам успешно да организирам настани со поддршка од Министерство за култура и во соработка со Здружението на Унгарците од Македонија – „Теледом“ од Скопје.

Досега сме организирале многу промоции на книги со присуство на авторите, а гости ни биле Румена Бужаровска, Лидија Димковска, Венко Андоновски, Петар Андоновски, Фросина Пармаковска, Давор Стојановски и издавачот и уредник Ненад Стевовиќ, сме имале проекции на македонски филмови и денови на македонскиот краток филм, концерти на Сашо Поповски трио, Горанчо Ангелов. Во соработка со актерката Естела Лефко успеавме „Мојот маж“ од Румена Бужаровска да ја поставиме на театарска сцена на унгарски јазик. Претставата беше одиграна безброј пати и секогаш предизвикува огромен интерес. На претставата ѝ претходеше и радиодрама на „Клуб радио“ од Будимпешта.

Златко Панзов со Ненад Стевовиќ, Фросина Пармаковска и Петар Андоновски во Будимпешта

Наградата „Драги“ сигурно е поттик да продолжите со преведувачката дејност. На кои книги работите во овој период?

– Оваа година ќе ја заокружам со два преводи што се веќе готови и во фаза на подготовка за печатење. Станува збор за култниот роман „Ники“ од Тибор Дери во издание на „Слово“. За сите љубители на животни, односно кучиња, романот ќе биде одлично четиво. Се работи за приказна за куче. Повеќе не откривам.

Конечно го предадов и преводот на „Вистинскиот“ од Шандор Мараи, што треба да излезе во „Три“. Мараи е веќе познат и читан во Македонија, особено романот „Свеќите горат до крајот“, наш превод, кој мислам дека доживеа две или три изданија кај нас. Знам дека романот го очекуваат со нетрпение. А следната година ќе ја почнеме со книга за деца со многу интригантен наслов: „Принцот на мачките“. Книгата ќе излезе во издание на „Чудна шума“.

На кој начин ја одржувате комуникацијата со матичната земја?

– Мојата позиција како лектор е тесно поврзана со Македонија. Соработувам со повеќе институции кај нас, стручно се консултирам со многу наши познати професори и научници. Со организирањето на манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“, соработувам со речиси сите наши писатели, уредници, музичари, филмски работници, културни институции итн. Често доаѓам во Македонија, ги одржувам контактите и се обидувам да создадам нови.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 204, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12.11.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот