
Интервју со Џорџ Георгиевски, автор на книги за храна: Сакам да ја ставам македонската кујна на светската гастрономска мапа
Џорџ Георгиевски е Македонец што живее во Австралија, но тој стана вирална инспирација за многу родители низ светот со своите креативни идеи, шарени кутии за ужина и љубов кон македонската традиција. Познат како „таткото со кутиите за ужина“, Георгиевски беше прогласен за најуспешен автор на книги за храна во Австралија во 2021 година.
Препорачано
Во разговор за „Слободен печат“, тој ни откри дека неговата мисија денес е да ја стави македонската кујна на светската гастрономска мапа и да ја пренесе љубовта кон храната и традицијата на своите ќерки, но и на сите родители кои го следат.
Вашите родители се преселиле од Македонија во Австралија во 1969 година, а вие сте роден неколку години подоцна. Како изгледаше да растете во австралиска средина, но со македонски родители што ви ја пренесуваа љубовта кон традицијата и храната?
– Австралија е многу мултикултурна земја, па така повеќето мои другари од училиште беа Италијанци, Грци, Срби, Виетнамци и други. Сите нè поврзуваше една работа – храната. Секој си ја делеше својата храна со другите. Тоа ја разбуди мојата љубов кон храната воопшто. Детството ми беше прекрасно, иако немавме многу пари, имавме богата култура и многу храна што ја споделувавме и во која уживавме. Научив многу и го сакав моето детство.
Понекогаш австралиските деца се потсмеваа на храната што ја носев, но јас знаев дека мојата македонска храна е направена со љубов од мајка ми и не ми беше грижа што мислат другите. И денес така се чувствувам кога ме критикуваат – премногу ја сакам мојата традиција за да ми значат луѓе што не се важни.
За моите родители Австралија беше тешка затоа што не го знаеја јазикот и многу им недостасуваше семејството, но тие дојдоа тука поради мојата и иднината на мојата сестра. Татко ми ме научи да зборувам, да читам и да пишувам на македонски за да не го изгубам наследството, и тоа за мене беше посебно. Чувствувам дека им должам да ја споделувам нашата култура како знак на благодарност за нивната жртва.
Често зборувате за мајка ви и дедо ви, за печивата, ѓеврекот и моментите во семејната кујна. Кога денес подготвувате македонска храна за вашите ќерки, дали чувствувате дека ја пренесувате истата љубов што вие ја добивавте како дете?
– Апсолутно! Македонската храна не е „фина кујна“ или со Мишелин ѕвезди, таа е многу повеќе од тоа – тоа е храна за душата и од срце. Кога ги хранам моите со македонска храна, сакам да ја разберат, да ја почувствуваат и да ја ценат. Храна направена со љубов е правилно направена храна, а македонската е токму таква.
Моја најголема радост е да ги хранам луѓето, особено моите ќерки. Кога ќе ги видам како каснуваат првпат ѓеврек или како јадат ајвар или ќебапчиња, кога гледам дека уживаат, тоа ми значи сè. Тоа ме прави горд што сум Македонец.
@schoollunchboxdad Gevrek 800 grams plain flour 500 mils lukewarm warm water 2 sachets (14 grams) instant dried yeast 1 pinch of salt 1 teaspoon salt Add the yeast into the water with sugar and mix, let it sit for 15 min. In a bowl add the flour and salt, add the liquid while stirring in and once all water added knead by hand for 15 minutes. Cover and let it sit for 40 min to an hour. Divide dough into 16 even balls. Create the Gevrek shape as per the video. In a pot add 2 litres of water, bring to the boil and add 6 tablespoons honey until dissolved. Cook gevrek for 3 minutes and then dip into sesame seeds and bake for 25-30 minutes. #georgegeorgievski #gevrek ♬ original sound – School Lunchbox Dad
Рековте дека сте во мисија да ја ставите македонската храна на светската гастрономска мапа. Што мислите дека може најмногу да го воодушеви светот од нашата кујна и кои јадења би ги издвоиле како најрепрезентативни?
– Кога гледав грчки или италијански готвачи како ја претставуваат својата кујна во медиумите, ми беше жал што немаше никој што ќе ја претстави Македонија. Се чувствував должен пред моето наследство, културата и моите родители да почнам да споделувам. Тоа беше како обврска – да му покажам на светот што имаме, но најважно беше тоа да го направам со гордост и исправена глава.
Ако луѓе од целиот свет ја посетат Македонија, ќе бидат воодушевени од душата што ја имаат нашите едноставни состојки кога се подготвени правилно. Нашата храна е едноставна, но полна со срце. Јас направив козињак и ја споделив духовната смисла и традицијата што ја носи. Тоа собра повеќе од милион прегледи и бев горд што ја споделив приказната.
Храната што би им ја сервирал на Гордон Ремзи или на Џејми Оливер би била тавче-гравче и полнети пиперки. Тоа е нешто уникатно, какво што нема на друго место во светот. Сакам да го опишам тавче-гравче како францускиот касуле, само што нашето е многу подобро.
Вашата „скратена верзија“ на тавче-гравче предизвика огромен интерес на социјалните мрежи и во медиумите. Како дојдовте до таа идеја и што ви значи тоа јадење лично?
– Го обожавам тавче-гравчето, тоа е срцето на македонската храна. Сакав да го направам лесно за подготвување и забавно за јадење. Решив да го направам како пита со корите, но без да ги компромитирам вкусовите. Ми требаа две недели за да ја развијам идејата, а потоа цел ден во кујна за да бидам задоволен. Кога семејството го проба и уживаше, веднаш почнав да снимам за да споделам.
За мене ова јадење ја претставува мојата богата македонска култура заедно со мојот втор дом – Австралија. Ги споив двете култури за да создадам нешто посебно за мене. Денес гледам и Австралијци како прават тавче-гравче пита, тоа е уште еден начин за ширење на нашата култура.
@schoollunchboxdad How do I get my Aussie kids to eat traditional Macedonian food? | Australianise it by turning this Gravche Tavche into an Aussie Pie! You’ll need 3 tins of white beans, 3 sheets of frozen puff pastry, pinch of salt, 1 teaspoon of dried mint, 2 sticks of kabana or sausage, 1 teaspoon of paprika Egg wash is optional. Watch the vid for the “how to?” Or DM me and I’ll send you the full recipe. #gravchetavche #georgegeorgievski ♬ original sound – School Lunchbox Dad
Денес ве нарекуваат „таткото со кутиите за ужина“. Како започна приказната – од подготовка на секојдневни оброци за вашите ќерки до тоа да станете глобална инспирација со илјадници следбеници?
– Сè започна едно утро кога ја видов мојата сопруга како се мачи со децата обидувајќи се да ги подготви за училиште. Сакав да помогнам, па решив јас да ја преземам обврската за кутиите за ужина. Не следев никакви правила, почнав да бидам креативен и тоа привлече внимание од медиумите. Така започна моето патување и осум години подоцна имам напишано четири бестселери, а токму што ја завршив и петтата книга што ќе биде објавена глобално. Сè уште не можам да поверувам.
Никогаш не се променив додека чекорев по мојот пат и тоа е клучот за успех. Едноставно останав свој. Еднаш ме замолија да ја направам мојата козинак рецептура на телевизија, но бараа да кажам „Северна Македонија“. Јас одбив затоа што мојата култура и наследство се македонски. Никогаш не се менувај за да им угодиш на другите.
Сè уште не можам да поверувам на патувањето зад мене – повеќе од 70 ТВ-настапи во живо, бестселери, над 700.000 следбеници и повеќе од милијарда прегледи на видеа.
Сето тоа со наједноставната „состојка“ – љубов, љубов кон мојата сопруга и деца и љубов кон готвењето.
Вашите креации не се само храна, туку и визуелни приказни – шарени, весели и инспиративни. Колку е важно за вас храната да изгледа како радост, а не како обврска?
– Одлично прашање. Секоја кутија за ужина и секоја вечера ја подготвувам како да е последен пат што готвам за моето семејство. Со таков начин на размислување секој оброк е полн со бои и креативност. За мене готвењето е израз на љубов, и тоа е најважното нешто што можам да го направам како родител.
Кутиите за ужина што ги правам се како уметност за мене, начин да се изразам. Инспириран сум од боите на виножитото и се трудам да ги ставам во секоја кутија што ја правам. Ако нешто се прави со љубов и страст, тоа никогаш не е обврска, туку радост.

Со Вашите книги станавте еден од најуспешните автори на книги за храна во Австралија. Какво е чувството кога семејната љубов кон храната прераснува во признание од многумина?
– Само што ја завршив мојата петта книга и ќе биде објавена во Австралија, САД, Велика Британија и во Азија. Возбуден сум затоа што во неа има и неколку македонски рецепти што ќе ги споделам со светот. Тоа е она што најмногу ме радува. Кога гледам дека други луѓе ги уживаат моите рецепти или ги купуваат моите книги, тоа за мене е потврда за сè што правам – љубовта што ја давам и споделувањето на мојата култура.
Најголемото признание за мене е кога моите ќерки оставаат празна чинија. А најголемата гордост ја чувствувам кога други Македонци ќе ја признаат мојата работа за промоција на нашето наследство.
Бевте и амбасадор на иницијативата на Џејми Оливер за здрава исхрана. Што научивте од таа соработка и како тоа влијаеше врз вашата мисија за здрава и инспиративна исхрана за децата?
– Научив многу од Џејми Оливер и инспиративно беше да ја видам неговата страст за здравата исхрана на децата. Имав многу средби и расправии со политичари во Австралија за да ги направиме училишните оброци поздрави и поевтини. Научив дека никогаш не можеш да победиш против политичар (ха-ха).
Овошјето и зеленчукот се клучни за децата и од Џејми научив нови начини како да ги вметнам во моите рецепти.

Во едно интервју кажавте дека добивате многу понуди од брендови, но одбивате сè што не е здраво за децата. Колку е важно за вас да останете доследни на тие вредности?
– Најмоќната работа за мене не се парите, туку здравјето на моите деца, но и на децата на родителите што ме следат и ги купуваат моите книги. Кога брендовите ми пристапуваат, си поставувам едно едноставно прашање: „Дали би го понудил ова на моите деца?“ Ако одговорот е „да“, тогаш со радост ќе соработувам, ако не – одбивам.
Сум се повлекувал од големи договори и како што кажав порано, од телевизиски настапи каде што не ми дозволија да се претставам како Македонец. Да останам верен на себе, значи дека им покажувам на моите ќерки да се борат за она во што веруваат. Сакам да знаат дека никогаш не треба да попуштаат под притисок или влијание, и најважно – дека здравјето е повредно од парите. „Битлси“ имаа песна „You Can’t Buy Me Love“ – тоа е вистина, љубовта не може да се купи.
Кoja е најважната лекција што сакате да им ја пренесете на вашите ќерки, но и на сите родители што ве следат?
– Секогаш да ги прават нештата со љубов, да имаат отворено срце и да сакаат безусловно. Им велам на моите ќерки да ги прифаќаат другите култури на ист начин како што сакам луѓето да ја прифатат мојата македонска култура. Од тоа ќе бидат побогати.
На родителите секогаш им велам: бидете пример. Јадете ја храната што сакате вашите деца да ја јадат, сакајте ги децата така како што сакате тие да сакаат и покажувајте им љубов преку односот кон сопругот или сопругата. Тајната состојка секогаш е љубовта.
Благодарам многу за интервјуто. Јас сум горд Македонец од Австралија и со нетрпение очекувам да се вратам во Македонија за да споделам некои од моите македонски фузија-рецепти и да ја пренесам мојата страст и креативност во живо.