ИНТЕРВЈУ со Дороти Пачкова, активистка: Дајте им приоритет на солидарноста, на споделувањето емоции и на заедништвото

Дороти Пачкова

Имаме сè уште отворен апел, сите кои сакаат може да донираат пакети храна и хигиенски средства за погодените семејства, вели Дороти Пачкова, уметница и активистка, основач на невладината организација „Една може!“.

Академската сликарка и активистка Дороти Пачкова е активна во повеќе сфери, од борбата за родова еднаквост и борбата против родовото базирано насилство, до граѓански активизам и заштита и помош на вулнерабилни групи на жени и деца. Дороти работи и делува инспирирана од реалниот живот, се залага за солидарност, споделување на емоции и за заедништво, а тоа се гледа и преку нејзините ливчиња оставени во влезот преку кои им понудила да пазари на оние кои сами не можат од објективни причини за време на коронавирусот.

Во секоја вонредна состојба, па така и во оваа, невладинатa организација Една може!“, веднаш презема акција. Какви акции се моментно во тек и како можат граѓаните да се вклучат во нив?

-Драго ми е што е забележана токму директната акција на Една може!, што е всушност и начинот на кој настана организацијата, фаќајќи се во коштец со дадената ситуација за конкретна целна група на жени и девојки. И овојпат, кога ги согледавме реалните предиспозиции да дојдеме во состојба на вонредност и пандемија, се собравме и стратешки претресовме што сè би можеле да очекуваме и кои се предизвиците на сите нивоа на кои соработуваме. Направивме пилот анкета каде јасно ги согледавме потребите кои самите самохрани мајки ги артикулираа и според потребите креиравме акции за време на пандемијата, но и стратешки коваме планови за справување со постпандемските последици. Во моментов „Една може!“ секојдневно го информира членството за состојбата на пандемија и изолација со споделување точни информации, вклучително и нови препораки. Прва надворешна активност при пандемијата ни беше апелот за помош и самопомош, веднаш штом децата престанаа да одат на училиште. Се организиравме и создадовме база на членки кои не можат сами да си пазарат зашто дома имаат мали деца кои не е мудро да се носат во високофреквентни затворени простории, како маркети, аптеки и слично. Потоа направивме јавен повик за волонтери според местото на движење и живеење, за оние кои сакаат да им помогнат на членките чие движење е ограничено. На наше огромно изненадување, се пријавија многу луѓе и направивме опфат на територија на сите општини во Скопје, а имавме и понуди за волонтирање низ неколку други градови во земјава.

Втората надворешна активност се однесува на прибирање на донации за  еднородителските семејства кои останаа без финансии, изгубија работно место, немаат можност да заработуваат формално, а често и неформално, поради новонастанатата состојба. Имаме сè уште отворен апел, сите кои сакаат може да донираат пакети храна и хигиенски средства за погодените семејства.

Каква е хуманоста и емпатијата на граѓаните во овој критичен период на коронавирус?

– Искрено, моите лични очекувања се надминати. Првите неколку дена, кога се забележаа првите случаи на заразени со коронавирусот, можев да си дозволам да останам и интензивно да работам од дома на сите заостанати работни обврски. Благодарение на ваквата можност, кога после неколку дена излегов и се упатив низ неколку државни институции, откако отидов да пазарам, не ми се веруваше што сум пропуштила да видам како се раѓа. Луѓето беа спремни, низ институциите имаше исфрлени шалтери за комуникација со странки, со големи букви беа истакнати препораки да се вршат „он лајн“ сите работи кои можат така да се извршат, да се држи дистанца, да се почитуваат вработените кои беа заштитени со маски и ракавици и пред да ни подадат документ за потпис, го дезинфицираа пенкалцето, а истото го правеа и кога ќе им го вратевме. На влез ме дочекаа некаде пластики, а некаде крпи со дезифициенси, за да поминам со чевлите низ нив. Пред банките и маркетите луѓето држеа дистанца и влегуваа организирано. Пекарата кај мене во маало, која го собира цело Скопје 24/7, вовела ред на влегување и плаќање, а по неколку дена и тие ставија шанк за нарачки пред самиот локал. Вџашена сум. Нема да заборавам една сцена од пред банка, пред некој ден. Одам да завршам работа и гледам ред до главната улица, некаде околу дваесетина луѓе. Приоѓам, а жената задолжена за воведување ред и насочување, ни вели да се поделиме на оние кои чекаат за сметки за физички лица и оние кои чекаат за сметки за правни лица. Луѓето самоорганизирано од еден создадоа два реда, без туркање и како договорени. Се приклонив кон мојата редица и набљудував. Од очите на повеќето луѓе се гледаше дека сакаат да воспостават контакт, им се муабети со останатите околу себе. Неколкумина започнаа гласно со дискусија околу времето, околу тоа колку сме супер што вака сме се организирале. Наеднаш еден старец од претпоследните во редот, едвај се придвижи кон влезот на банката и се обиде да ја повика жената задолжена за ред. Жената го забележа и излезе надвор. Старецот ѝ зборуваше нешто нејасно, очигледно со мака. Оној кој беше прв во  редот се повлече назад, друг пак, сфати што е работата и ѝ довикна на жената задолжена за ред, дека речиси е полициски час, да го пушти да си влезе во банката пред сите нас. Таа се согласи, кога сите хорски одговаривме дека сакаме да му отстапиме ред на старецот. На излегување, иако изгледаше дека не е баш комуникативен кога влегуваше во банката, старецот ја крена раката и сите нè поздрави со насмевка. Значи, умееме да имаме разбирање едни за други. Значи, не се сите со малодушни мисли кон луѓето, не се со ограничен капацитет за добрина. Тоа ме освестува и ме прави среќна.

Што мислиш, каква поука ќе извлечеме кога се ова ќе заврши?  

-Кога ова ќе заврши, на почетокот мислам дека ќе пробаме да го цениме фактот што сме живи, здрави и слободни. Посакувам оваа пандемија да нè научи да практикуваме солидарност, емпатија, сочувство, концентрирано внимание во односите кои ги градиме, и да сме почесто свесни дека само на здрави темели може да имаме здраво општество. Здрави темели за мене подразбираат основа на држава на благосостојба. Или уредување кое им овозможува на сите граѓани остварување и развој на своите индивидуални и групни капацитети. Затоа, интензивно инсистирам на приоретизирање на солидарност, споделување на емоции, макар и емоции на тага, на страв, заедништво. Покрај сето мое досегашно функционирање, одлуките кои и во приватниот живот ги донесувам ги гледам како политички одлуки, па затоа и односот со моите најблиски ми е многу важен. Како сакам, колку споделувам, како давам, кому, во која и до која мера. Ете, со син ми напишавме ливчиња кај нас на влез, понудив да пазарам за оние кои сами не можат поради објективни причини. Така го воспитувам и син ми, да е свој, да прави мудри избори, да е нежен со себе и со своите луѓе, да знае што сака а што не, да открива, да учи и да љуби.

Родена на Денот на жената, како од самото раѓање животната патека да ти била предодрена да станеш борец за правата на жените. До каде сме со родовата борба, што е тоа што те радува на планот на постигнатото, а што те загрижува на планот на тапкањето во место?

– Навистина така изгледа, а и моето доживување е слично, ова ми е работа од соништата. Станувам наутро и едвај чекам да почнам да работам. Или се будам од сон, како диригирана, за да завршам што сум наумила. Сè во врска со мојата професија како експерт за родовост започна интуитивно, многу наивно. Почнав да истражувам и да работам, да се надоградувам без идеја дека ова може да ми стане кариера. Тоа што ме радува е дека запознавам професионалки на темава, активистки, хероини со кои сметам дека сум на слична бранова должина, или дејствуваме слично. Не дејствуваме според старошколските методи на кои функционираат класичните невладини организации во земјава, сакаме да стасаме можеби на различни дестинации, но со слични жаришта ги изодуваме неформално новооткриените патишта кон целите кои, и тоа како, може да се менуваат според контекстите во кои делуваме. И сè тоа го правиме мобилизирани од жед за правда, љубов кон луѓето и светот. Сè ова е различно од тапкањето во место и едни те исти принципи, за кои несразмерно верувам дека не смеат да бидат над човечките животи, како до сега. Ме радуваат постигнувањата на сите кои се различни, зашто преку глава ми е од вкалапености и „прилагодени“ дејанија на минливи приоритети.

Преку глава ми е од вкалапености и „прилагодени“ дејанија на минливи приоритети.

Што пак, е постигнато, а на што уште треба да се работи во однос на можностите и правата на самохраните мајки?

– Како организација донесовме една многу важна тема на дневен ред, детектиравме проблеми, понудивме успешни мерки за опции, пролиставме што може да примениме во нашава заедница за да ги унапредиме правата на еднородителските семејства, излеговме со конкретни мерки и предлози на ниво на политики, на ниво на закони и национални и локални. Делумно имаме контакт со донесувачите на одлуки, најчесто сме ислушани, но ни одблизу не е состојбата каква што заслужуваме. Во последниве две-три години почнавме да трасираме пат за остварување на нашите права, кои всушност, за сега, се сè уште соништа за еднакви можности на еднородителските семејства со традиционалните семејства. Треба да се работи на национални стратегии кои ни ги одбиваат, зашто тоа ќе значи и долгорочно обврзување за кое секако, мора да се најдат соодветни буџетски обезбедувања, а во моментов државата не успева да ги изнајде. Сепак, сè додека постоиме, ќе лобираме и застапуваме, ќе бараме решенија за долгорочно системско уредување на потребите на членките и членовите на еднородителските семејства за да стасаат до благосостојба на живеење.

Кои се најгорливите прашања на нашата жена, дали сè уште е тоа семејното насилство?

-„Она што суштински на жената денес и недостасува за да прави големи нешта е сопствен заборав, но за човек да се заборави себеси најпрвин неизбежно е да биде цврсто убеден дека сега и во иднина човек се пронашол себеси“, пишува Симон Де Бовоар во „Вториот пол“. Се огласувам, одвишно е да теоретизираме и повторуваме емпириски докази. На ниво на политики, иако се трудиме, сè уште сме далеку од еднаквите можности помеѓу мажите и жените. На културолошко ниво, состојбата не е најсјајна, немаме премогу историска пракса која сведочи за женската солидарност бидејќи воглавно жените биле во царството на приватното – домот. А денес, и приватното е јавно, па и односите во домот се јавна работа. Како е распределен домашниот труд е политичка одлука, како се стекнуваат финансиите, како се менаџираат во домот и за чии потреби одат исто така е политичка одлука, политичка одлука е и дали ќе се мажиме, дали ќе имаме деца, дали ќе посвоиме дете, дали ќе градиме кариера и слично. Семејното насилством и тоа како, е производ на политички и културолошки одлуки на едно општество. И денес е легитимен проблем во нашава земја, но и глобално. И никако да не забораваме, во над 80 отсто жртвите на семејно насилство се жени, што зборува за родово базирано насилство.  Насилството ако го перцепираме од ниво на политики, заклучуваме дека е сериозен родов проблем кој, доколку не се разрешува, е атак токму врз целиот женски свет од страна на институциите задолжени да го разрешуваат. А сè додека на жените животите им се доведуваат во прашање не можеме да зборуваме за еднакви права и можности. Не можеме да ги унапредуваме општествените односи и не можеме да „растеме“ ниту како заедници ниту како поединци. Затоа не можеме ниту едноставно да се пронаоѓаме себе во вакви средини.

Одвишно е да теоретизираме и повторуваме емпириски докази. На ниво на политики, иако се трудиме, сè уште сме далеку од еднаквите можности помеѓу мажите и жените.

Колку тебе лично жените ти помогнале во животот за да стигнеш тука, каде што си?

– Многу ми помогнале жените со кои неслучајно сум дошла во контакт. Еднаш пишував за сите мои драги професорки, сè уште го мислам тоа, дека ми биле огледало во различни ситуации – која во што најсоодветствувала со моите видувања и ставови во одреден период и контекст од животот.  Имам меморирано и жени од кои сум научила низ полош пат. Но, ме свестиле која сум, што знам – што не знам, до каде сум, а и каква не сакам да станам. Се опкружувам со оние кои се слични на мене. И има една девојка која во последниве години често ја гушкам. Од неа многу сум научила, и сè уште ме учи. Малата Дороти почнав да ја дружам во најтешките моменти од мојот живот. Еве ја, најдобра другарка ми е денес, ѝ давам сè што и недостасувало пред да порасне во оваа Дороти денес. Ја играм, ја превоспитувам, се советувам со неа околу одгледувањето и воспитувањето на син ми Маркијан зашто децата најдобро се разбираат. Ја насочувам, понекогаш ја набљудувам и ѝ се радувам на тоа како учи, ретко ја карам, повеќе ја предупредувам без прекор, и ја гушкам, многу ја гушкам. Еве, сега нејзе ѝ благодарам.

Од каде ја добиваш оваа незапирлива енергија? Колку уметноста, сликарството, ти помага да ги „наполниш батериите“? Сликаш ли и во овие моменти на изолација?

– Енергијава за која ми зборуваат отсекогаш, порано мислев дека ми е дарба, дека тоа ме прави посебна, некако над другите. Последниве години сфаќам дека всушност сум развила некои механизми врз основа на предиспозиции, да ја пресоздавам. Нема врска кој над кого е. И јас понекогаш сакам да здивнам, но научив да се одмарам, да се полнам, не да се откажувам. Уште учам да уживам во неправење ништо, некогаш ми успева, некогаш е потешко. Но главно сакам да бидам ангажирана и сакам да споделувам. Сега знам дека колку повеќе давам, толку повеќе и имам. Уметноста си ја викам прва љубов. Филтер невиден е. И колку и да изгледа широко моето поле на работа и дејствување, уметност е сè што работам. Создаваштвото е во коренот на сè што правам. Да се покрене од идеја во дело, во акција, да не се бара неможност, туку да се решаваат нерешливи ситуации, да се менаџираат проекти или нијанси и тонови, да се стават во функција за општо добро сите поединечни капацитети и, притоа, да се извлекува најдоброто од сите за сите, како кога бирам комбинација од палетата за сликање. Да се следат правила, да има доза на академизам, но слободно да се танцува низ дождовни процеси, секој со свој ветар до виножито. Чиста уметност!

Во моментиве на изолација го превртев домот заедно со син ми, ја прередувавме и мојата и негова библиотека, секој ден тој ни готви по еден оброк и експериментира во кујната, јас си ги претресувам одлуките кои сум ги донела и она кон кое стремам. Мачката Шапица е најсреќна што сме ѝ постојано дома. Син ми Маркијан работи на проект -на кујнска даска кова мали шајчиња, секој ден по неколку, па така станавме главни галамџии во маало, посебно зашто стануваме исклучително рано. Кога завршив сè за што немав време, кога се дезинфинцирав и себеси внатрешно, и домот, дневната и трпезаријата си ја претворивме во ателје. Сега сликам, по малку работам за „Една може!“ и растам заедно со син ми. Очекувајте љубов од времето на коронавирост, односно уметност, за мене тоа е исто.

Дали сме спремни да ги прифатиме пораките кои ни ги испраќа феминистичката мултимедијална уметност?

– Се спремаме да се подготвуваме уште од триесетите години. Феминизмот не е ништо повеќе од зајакнување на општеството, првенствено преку зајакнување на жените, а потоа и на сите општествени конституенти. Феминистичката уметност е уметност создавана од жени кои третираат женски прашања и предизвици. Мултимедијалноста, интердисциплинарноста, трансдисциплинарност, сето тоа се феминистички дискурси зашто говорат токму за невкоричен начин на изразба. Силината е во тоа што може да пишувате, да сликате, да склопувате различни медиуми и да концептуализирате, да креирате микро или макро приказни во флексибилни рамки и со огромна, за мноштвото луѓе, незамислива слобода. Клучното во феминистичката уметност е да биде од лично искуство, да е доживеано, да е пробано, искусено, зашто срцето на овој тип на уметност е во сржта на искреноста. Колку е поискрена, толку има поголема уметничка вредност, а тоа го забележуваат токму оние кои се подготвени или се спремни да се подготвуваат. Во тоа е убавината во визуелните уметности воопшто, достапни се и прават импакт на сите оние кои имаат очи да видат. А со тек на времето сè повеќе нè има такви, спремни.

Клучното во феминистичката уметност е да биде од лично искуство, да е доживеано, да е пробано, искусено, зашто срцето на овој тип на уметност е во сржта на искреноста.

Какви жени те иснпирираат?  

– „Поделени, раскинати, обесправени; за жените влоговите се повисоки; преживуваме повеќе победи и повеќе порази од мажите“, повторно Симон Де Бовоар, овојпат во „Најдобри години“. Ја препорачувам зашто ја читам во моментов. Ме инспирираат деца, животни и исклучителни возрасни личности и жени. Научив дека исклучителните личности се наједноствани. Тоа се оние со кои лесно можете да се договорите за било што, кога им нудите решение не негодуваат туку го практикуваат, кога им барате поддршка ве прашуваат каква точно поддршка ви треба и одговараат во за вас потребниот формат, кога одите во непознато знаат да ве следат во она во кое вие сте силни, исто како што знаат да ве водат каде нивните вештини преовладуваат. Кога имате договор за работа со ваквите жени знаете дека ќе стигнете да го реализирате и тоа на што не сте помислиле и можеби малку од она за кое сте се договориле, но дека на крајот тоа што ќе испадне е она кое на вас и на каузата за која работите е најпотребно. Ваквите жени не се совршени, знаат да згрешат, знаат да паднат, пречесто даваат сè од себе, но ако не почувствуваат дека некоја работа не е за нив, едноставно не ја започнуваат, имаат право да се предомислат и знаат да кажат не. Вакви жени сум сретнала во различни професии, домаќинки, политичарки, бизнисменки, продавачки на тезга, мајки на три деца, девојки без основано семејство, касиерки и директорки, пратенички, од малцински групи и многукратно дискриминирани, со различни сексуални определби…, кои се бараат себе, но и кои многу добро се познаваат, „поделени, раскинати, обесправени“ со многу порази и многу победи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот