Интервју со Ана Мартиноска од Институтот за македонска литература: Тажен фолклористички паметник на многу генерации скопјани

д-р Ана Мартиноска во Институтот за македонска литература / Фотографија: Дарин Ангеловски

Пред крајот на годината во која се одбележуваат 60 години од катастрофалниот скопски земјотрес на 5 декември, во кино „Фросина“ во МКЦ, во 19 часот, ќе биде промовирано монографско дело во кое авторите Ана Мартиноска и Жарко Иванов вложија две години интензивна работа.

Промоцијата на монографијата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“ од Ана Мартиноска и Жарко Иванов, во издание на Институтот за македонска литература (2023), ќе биде одржана во спомен на македонскиот етномузиколог, композитор и мелограф на македонски народни песни Васил Хаџиманов (1906-1969) и во спомен на жртвите на скопскиот земјотрес. Промотор на книгата ќе биде проф. Илина Јакимовска, а свој музички настап ќе има Васил Хаџиманов со пропратен бенд.

Во содржината на монографијата се објавени тажачки песни од скопскиот земјотрес со транскрипција на ракописните материјали и на дел од аудиоматеријалите снимени од Васил Хаџиманов во 1963 година.

Каков истражувачки потфат претставува создавањето на монографијата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“?

– Ова истражување спаѓа во рамките на „тешките“ задачи за фолклористичката наука, сложен, повеќеслоен и, како што вели рецензентот на книгата проф. Александар Прокопиев, раритетен потфат од повеќе причини. Најпрвин, сложеноста лежи во пронаоѓањето на материјалите во морето од слични записи, папки, кутии и други архивски материјали. Потоа, со оглед на развојот на технологијата, влеговме во комплициран процес на дигитализирање на технички застарените, изабени снимки од магнетофонски ленти со непрофесионални стандарди за да можат воопшто да бидат преслушани и употребени. Дури потоа следуваше нивното транскрибирање, деликатен процес заради траурноста на темата на смртта, особено при вакви колективни непогоди.

Уште поделикатен беше процесот на дешифрирање на текстовите, споредбено расчитување на бележниците и нотните записи на Хаџиманов, кои во книгата се понудени и во својата изворна форма со фототипи, нивно сообразување и толкување.

Завршната етапа на компилирање на научните резултати донесе нова возбуда што го продолжуваме патот трасиран од Хаџиманов и што оваа фолклористичка монографија со неговите тажачки записи по 60 години од скопскиот земјотрес конечно можеме да му ја понудиме на увид на научниот и поширокиот аудиториум.

Каде ги пронајдовте архивските материјали на Васил Хаџиманов и зошто тие биле необјавени и недостапни за пошироката јавност цели 60 години?

– Првиот податок за постоењето на овие снимки го пронајдовме во еден текст на проф. Кирил Пенушлиски, подоцна се споменува и кај некои други истражувачи, па потрагата почна од лоцирање на материјалите, кои ги пронајдовме во Архивот на МАНУ. За жал, не е широко познат фактот дека таму постои Легат на Хаџиманов дониран од неговиот син Зафир, кој содржи огромен број инструменти, мелограми, разни нотни записи, лични предмети и белешки. Дел од него се и магнетните аудиоленти што во два наврата биле систематизирани и каталогизирани, но тоа дополнително ја усложни нашата работа поради двојната систематизација и различната нумерација на снимките. Од тој импресивен корпус, нашиот фокус во оваа прилика беа тажаленките од скопскиот земјотрес, но планираме и натаму да се занимаваме со оставнината на Хаџиманов.

Што се однесува до вториот дел од вашето прашање, немам вистински одговор. Проф. Ѓорѓи Ѓоргиев бил заинтересиран за овој фонд и тој е автор на досега единствената објавена книга од овој корпус, која вклучува биографија и автобиографија на Хаџиманов, но како што самиот објаснува, тажните и морничави содржини на стиховите на тажачките песни се одразиле врз неговите чувства, по што наполно се откажал од нивно натамошно преслушување. Подоцна никој не се нафатил на овој предизвик, претпоставувам токму поради специфичноста на тематиката на жанрот, но, ќе се осмелам да кажам, и поради некои предрасуди околу вредноста на тажачките песни.

Насловната корица на монографијата директно ја отсликува темата на истражувачкиот проект

Каков и колкав материјал имавте за истражување при подготовката на книгата?

– Легатот на Хаџиманов во МАНУ брои четириесетина кутии и содржи илјадници најразлични документи. Од нив, за нас беа важни селектираните дванаесет магнетофонски ленти, неколку кутии со бележници и нотни записи. Сите заедно резултираат во вкупно 165 објавени тажачки песни добиени со споредбено расчитување, 60-ина песни од кои имаме само фрагменти на нотни записи, најчесто првите стихови од песните, и десетина песни кои ги има само во наша транскрипција, но не и во ракописните материјали.

Тоа значи во ова издание нудиме повеќе од двесте тажачки песни, што е огромен придонес за проучувањето на жанрот ако земеме предвид дека сите претходно објавени македонски тажаленки заедно, од Цепенков, Шапкарев и Спространов, па до нашите современици, како Ристески на пр., се на број малку над сто. Тоа, секако, не значи дека досега не постоел интерес за овој жанр, но се должи главно на неможноста овие песни да се забележат од истражувачите поради фактот дека „Се тажи само над мртовец, а во други прилики тажењето е кобење“. И тоа, секако, додава на важноста на подвигот на Хаџиманов.

Колку време траеше целиот процес од првичната идеја до финалната реализација со промоцијата на книгата?

– Речиси две години на интензивна работа, бидејќи овие двесте тажачки песни не се импресивни само како бројка, туку уште позначајно е дека тие се со оригинални мотивски и поетски карактеристики, па нивното фолклористичко толкување е особен влог во теоријата на жанрот. Затоа, Жарко Иванов и јас во оваа монографија нудиме теоретска обработка на дигитализираните материјали, која, меѓу другото, расветлува и некои крупни прашања во однос на презентацијата на траумата низ мотивите за земјотресот, рефлексијата на социо-економската стварност во овие песни, интимните и симболичките наративи, стилистичките, семантичките и останатите особености на досега недоволно проучуваниот жанр на тажаленките. Нашиот прочит говори и за пејачките/редалките што ги изведуваат овие тажачки песни, за импровизациите на оплакување од страна на мајките и другите жени од семејствата на жртвите наспроти познатиот репертоар на тажачки изразни средства, како и за спецификите на тажаленките посветени на жртвите од земјотресот во однос на генералните карактеристики на жанрот воопшто.

Автори на монографијата се Ана Мартиноска и Жарко Иванов од Институтот за македонска литература при УКИМ / Фотографија: Дарин Ангеловски

Иако е дел од фолклористиката, проектот опфаќа и други области, како етномузикологија, социологија, документаристика, културна меморија. Каков и колкав тим беше вклучен како соработници на проектот?

– Според нашата вокација, оваа книга нуди фолклористичка анализа на тажаленките, но во неа ја вклучивме и статијата напишана од самиот Хаџиманов за етномузиколошките особености на овие песни, но и за некои детали за процесот на нивно снимање непосредно по скопскиот земјотрес. Секако, самата тема е значајна културна меморија за колективното трауматско искуство предизвикано од скопскиот земјотрес во 1963 година, кое имало особена ментална и социјална улога не само кај сведоците и преживеаните за време на катастрофата, туку и кај наредните генерации кои индиректно се чувствуваат блиски со наративите за земјотресот што ги слушале целиот живот.

Што се однесува до тимот, Жарко Иванов и јас волонтерски и ентузијастички сами го понесовме целиот проект, со мала, но значајна помош од Љубомир Ѓоревски од Архивот на МАНУ, кој ни беше на располагање низ целиот процес на пронаоѓање на ракописните материјали, и тонските сниматели Бојан Угриновски и Александар Петровски, кои ги дигитализираа лентите.

Ќе се осмелам да се понадевам дека нашите резултати ќе поттикнат институции или поединци да поддржат континуитет во проучувањето на околу 8.000 македонски народни песни и ора, кои се животната и патриотска мисија на Хаџиманов, како би можеле да оформиме поголем тим за следните проекти. Срамота е да чекаме да минат уште децении или години за да ги претставиме пред македонската, но и светската јавност, кога го имаме македонскиот фолклор како најголем доказ за самобитноста на нашиот јазик, творештво и национален идентитет.

Која ќе биде намената на книгата, односно каков е Вашиот заклучокот по завршувањето на проектот?

– Без лажна скромност, сметаме дека овој фолклористички труд претставува значаен придонес за сеопфатно истражување на жанрот на тажаленките, како еден од најмалку прoучуваните жанрови во македонската, но и во балканската фолклористика. Се надеваме дека нашето толкување на смртта како табу-тема, ќе расветли значајни прашања во однос на спецификите на жанрот на тажачките народни песни, значајни за разбирањето на смртта како траума и особено за спецификата на колективната жалост при состојба на елементарна непогода.

Покрај тоа, самиот потфат на Хаџиманов е исклучителен по многу нешта, па очекуваме дека изворните материјали што се фототипно приложени во ова издание, се влог во напорот за зачувување на овој дел од македонското културно наследство за идните генерации, чекор против негово заборавање и трајно исчезнување. Во тој контекст, објавувањето на автентичните текстови на што е можно поголем дел од тажачките песни од скопскиот земјотрес, сеедно дали како фототипно издание на белешка или нотен запис или, пак, како транскрипт, беше императив за нас како автори на ова издание. Се надеваме дека тие материјали ќе бидат предизвик и за натамошни проучувања на истражувачи од различни области, првенствено на етномузиколозите, фолклористите и истражувачите од сродните научни подрачја.

Во книгата има страници на кои се објавени транскрипти, фототипи од бележници и мелограми

На лично ниво, каков психолошки напор претставуваше работата на оваа книга со траурна тематика?

– Хаџиманов запишал: „И уште еден ’фатален‘ резултат, по завршувањето, односно престанувањето на снимањето на тажаленките… добив срцеви напади, срцева ангина пекторис, и вкупно шест месеци боледување во болницата во Скопје и таласотерапија во Опатија. Поради тоа, етномузиколошката работа остана наполу довршена. Се надевам дека ќе се здобијам со потребните сили за да го довршам тоа единствено дело во светот од овој вид“ (Хаџиманов 2012: 63). Така, уште од почетокот знаевме за деликатноста на потфатот, но сепак тоа како да не нè подготви доволно.

Факт е дека Жарко и јас требаше да ги преслушаме лентите многу, многу пати за да може да биде направена целосна или делумна транскрипција на текстовите, а подоцна и за споредбеното расчитување, што со оглед на траурноста на содржината на песните беше највознемирувачкиот и најемотивниот процес од подготовката на оваа книга. Замислете како ни беше кога со часови слушавме мајки како лелекаат по своите загинати деца, некогаш од само неколку годинки, како семејства плачат бидејќи не можат да ги најдат своите блиски под урнатините, како редат потресни призори од осакатените тела, како раскажуваат делови од животот на оние што веќе ги нема и се грижат за оние што ги оставиле зад себе и за нивните неостварени соништа. Или колку вознемирувачко е чувството кога се обидувавме да ја склопиме шемата на семејни врски во случаи на масовни гробници и песни посветени на неколку жртви од едно семејство. Буквално ја исплакавме секоја жртва поименично и ја оттагувавме секоја семејна трагедија, но убедени сме дека тој напор е вреден токму заради нив, за да изградиме фолклористички паметник на жртвите, преживеаните, болката, градот, природната катастрофа, човековата солидарност, емоциите и спомените на многу генерации скопјани.

Со каква функција на промоцијата е предвиден настап на Васил Хаџиманов (младиот) со бенд во кој учествуваат Вера Милошевска-Јосифовска, Оливер Јосифовски, Ратко Даутовски и Виктор Филиповски?

– Васил Хаџиманов Постариот ја поврзувал својата интерпретаторска практика со истражувачко-собирачката дејност и „како прв македонски естраден уметник не се опил од својата популарност, туку пред себе си поставил животна задача, што има посебно национално значење“, како што ќе рече Ѓоргиев. Неговиот внук, кој го носи неговото име и кој го наследил неговиот музички талент, ни беше крупна поддршка во целиот процес, и самиот радосен дека наследството на неговите предци се презервира и за следните генерации. Не би се осмелила да говорам во негово име, но претпоставувам дека од истите причини и за него беше важно да биде дел од овој настан во чест на дедо му и заедно со свој тим на врвни музичари да отсвират некои од неговите песни, кои ќе добијат специјален аранжман за оваа пригода.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 207, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.12.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот