
Интервју со Ана Јаневска, книжевна ентузијастка: Сакам да ги инспирирам младите да читаат преку моите рецензии
Денеска започнува годинашното издание на Саемот на книга во Скопје, кое ќе трае до 14 мај, под мотото „Храна за душата“. Овие денови се вистински празник за љубителите на пишаниот збор – време кога се откриваат нови изданија, се запознаваат автори и се носат дома книги што ќе нè хранат со мисли, чувства и приказни уште долго потоа.
Препорачано
Една од нив е и младата Ана Јаневска, книжевна ентузијастка со речиси 500 книги во својата домашна библиотека, која е активна на социјалните мрежи каде што споделува искрени рецензии на книги и инспиративни препораки.
Во разговор за „Слободен печат“, таа ни раскажа за првата книга што ја разбудила нејзината страст за читање, ни откри кои ѝ се омилени автори и ни ги сподели нејзините книжевни препораки за годинашниот Саем на книга.

Ана, кога ти се роди љубовта кон пишаниот збор? Дали можеби се сеќаваш на првиот наслов што ја разбуди искрата во тебе за да почнеш да читаш книги поактивно?
– Уште откако паметам за себе уживав да слушам приказни, уживав некој да ми чита и од многу малечка сум била буквално со книга во рацете.
Секако дека се сеќавам и мислам дека никогаш нема да ја заборавам. Првата книга што ја разбуди таа искра во мене беше „Раскажи ми ги соништата“ од Сидни Шелдон. Одличен психолошки трилер! Токму таа книга беше оној „пресуден“ момент кога се вљубив во читањето, а посебно во трилерите.
Колку книги брои твојата библиотека денес и дали постои некое издание што го чуваш како вистинско богатство – со лична вредност, приказна или потпис?
– Мојата библиотека во моментов брои точно 488 книги, меѓутоа по годинашниот Саем на книга, верувам дека таа бројка ќе стигне и до 500.
Книгата „Џенесиз“ од Крис Картер ми е една од најдрагите книги што ги поседувам во мојата библиотека. Таа книга ми ја испрати самиот Картер лично од Лондон, и тоа со посвета!

Кои автори ти се омилени и зошто? Постојат ли писатели што секогаш ги читаш без двоумење, без разлика на насловот?
– Ова е едно многу тешко прашање за еден страстен читател, меѓутоа да, имам неколку омилени автори. Кога станува збор за трилери – единствен, незаменлив и омилен автор ми е Крис Картер и токму неговите книги ги читам без никакво двоумење затоа што знам дека ќе уживам во нив. Омилена авторка на романтични комедии ми е Теса Бејли.
На својот инстаграм-профил споделуваш книжевни препораки и видеорецензии. Како одлучуваш која книга да ја претставиш и што ти е најважно кога зборуваш за некое дело?
– Сите препораки и сите видеорецензии што ги снимам и објавувам на мојот инстаграм-профил се за книги што мене навистина многу ми се допаднале и ми оставиле длабок впечаток.
Искрено, најважно ми е да ја пренесам мојата љубов кон книгите и да поттикнам барем уште една личност да почне повеќе да чита.

Какво е твоето мислење за современата македонска книжевност? Дали имаш омилен македонски автор или книга што ја препорачуваш на сите?
– Многу ми е мило што во последно време има сѐ поголем број нови наслови и нови писатели, но немам омилен автор.
Саемот на книга во Скопје е пред нас. Дали ти претставува посебен настан и што најмногу сакаш на тие книжевни денови – запознавање автори, наоѓање нови изданија, лов на попусти…?
– Саемот на книга за мене е едно посебно доживување, особено во последниве неколку години кога сум и од другата страна на штандот, како вработена. Тие неколку денови се навистина полни со многу дружба, создавање нови пријателства со други читатели, запознавање странски автори и тоа е она што ми претставува најголемо задоволство. Купчето нови книги и мирисот на нови книги е само шлагот на тортата.

Кои се твоите книжевни предлози за годинашното издание на Саемот на книга?
– Од саемските новитети имате моја најтопла препорака за „Шпанската љубовна измама“ од Елена Армас, „Италијанската ќерка“ од Сораја Лејн и „Дечкото“ од Фрида Мекфаден.
Од постарите изданија моја најтопла препорака за „Убиецот со распетието“ од Крис Картер, „Поканата“ од Вај Киленд, „Првата лага е добитна“ од Ешли Елстон и „Ништо од ова не е вистина“ од Лиса Џул.
Ако еден ден решиш да напишеш своја книга, во кој жанр би била и каква приказна би сакала да раскажеш?
– Мојата животна желба е еден ден да се остварам и како писател, и се надевам дека тоа ќе се случи во блиска иднина. Книгата би била дефинитивно некој крвав трилер, а приказната, секако, за некој сериски убиец со изопачен ум!