Фото: Владимир Проданов

ИНТЕРВЈУ | Гоце Дртковски, есеист и издавач: Иднината е супериорна, и таа нам ќе ни суди

Поминаа 28 години од појавувањето на, денес култниот, скопски неделник „Метро“, кој го основаше и уредуваше Гоце Дртковски според идеологијата „градот ќе ни даде онолку колку што ние ќе му дадеме нему, и обратно“.

Зад идејата за издавање на „Скопско Метро“ – ме потсетува Гоце – застанаа Верка Ефтимова, Панде Лазаревски, Рафаил Черепналковски и Сашо Клековски. Катерина Колозова беше заменик главен уредник. Злате Лозановски и Сашка Бубевска со себе инкогнито донесоа новинарство. Јован Манасиевски –Мрак се потпишуваше како Јан Мрачник. Колумните на Љубомир Тошев беа напишани на најубав македонски јазик: Смрт на јазикот – умирачка на нацијата. Како колумнист пишуваше и професорот Живко Поповски, а во „Метро“ ќе се појави и Зоран Иванов. Архитектот Аница Димовска го моделираше градот. Љубомир Николовски на цела страница ја донесе НБА. Мирко Попов ја правеше музичката топ-листа. Јанко Илковски го донесе во редакцијата неговата сопруга, уредничката Лидија Јанушева. Новинарката Љубица – Буба Манчевска имаше интервју со Тери Џонс од Монти Пајтон. Роберт Јанкулоски ја благослови фотографијата, Игор Тошевски стрипот. Единствениот директор се викаше Никола Велков – маркетинг. Сепак, големото перо во „Метро“ беше драматургот Југослав Петровски.

Ех, тоа беше „Метро“, скопскиот неделник што се читаше и во автобус, и во воз, и во берберница, и во кафуле, и во друштво, и во осаменост, дома. Со Дртковски се навраќаме на тие времиња, на таа – подранета пролет во македонското новинарство.

Подранета пролет

Колку културните дејци, вклучувајќи ги и новинарите и публицистите, успеваа да го изрезбарат ликот на тогашно Скопје?

– По осамостојувањето на Македонија, новинарите го знаеја занаетот, но по навика, во медиумите и понатаму доминираше соцреалистичкиот менталитет. Во Њујорк работев како слободен новинар за Македонската телевизија и за дневниот весник „Вечер“. Таму се вљубив во Централ парк и во урбаниот неделник „Вилиџ воис“ (Village Voice) – настани, живот, интервјуа и многу реклами. Кога се вратив во Македонија, го основав неделниот весник „Скопско Метро“, кој го донесе духот на новото време и остави печат во македонското новинарство. Во тие години, студентите по новинарство се грабаа за семинарски работи на тема Метро. Во весникот отворено се зборуваше за проституцијата, насилството врз децата, хомосексуалноста, скокотливи теми од ноќниот живот… Имавме интервјуа со интелектуалци и со уметници, и за првпат луѓето од естрадата добија урбан третман. Излезе интервју со Ферус Мустафов: Ferus the King. Сузана Спасовска позираше со розова перика во интервјуто. Во весникот одеше и прилог на англиски јазик.
Проектот „Метро“ беше скокање на глава. Меракот е голем, и не жалам што влегов во оваа авантура. Радован Павловски во Подранета пролет пее за порано расцветаните дрвја, и за патриотите што ќе излезат на првото сонце, за студот да ги покоси. „Метро“ беше подранета пролет во македонско новинарство. Неделникот бесплатно се делеше по кафулиња, за време на културните настани, на аеродромот и на железничката станица. Весникот требаше да живее од реклама. Тогаш имаше повеќе урбана критична маса на читатели од денес, но на почетокот на посткомунизмот, пазарните услови беа неповолни. Откога почнаа да доминираат јутјуберите, новинарството веќе ја нема истата аура. Ме радува појавувањето на umno.mk, таму знаат што е новинарство.

Насловна страна на „Метро“ – Фото: Приватна архива

Како, според тебе, денес се „клеса“ градот?

– Времето на „Метро“ беше свет за себе. Фармерките ни беа скинати од носење. Тетоважата и пирсингот зрачеа со бунт наспроти конвенционалните вредности. Денес тоа е конфекција, фејк, симулација на слобода – лажно претставување. Моќта на медиумите, како и секаде, направи луѓето од реалниот живот да ги копираат своите модели на однесување од медиумската имитација на животот. Така ние стануваме копии на медиумските копии. Симулираната, или виртуелна медиумска реалност стана посупериорна од животот. Добрата самовила од приказните сега е амбициозна русокоса. Младата бизнис елита поседува корисни вештини и изгледа скоцкано, како и оние на берзата во Лондон. Тоа е новата елита што постојано брза, и таа нема време да чека фармерките да се скинат од носење.

Скопските графити често беа дел од неделникот. Во кој период беа најкреативни графитите на Скопје, а што отсликуваат денешните?

– Графитите тогаш беа дел од урбаната култура. Денес графитите се дел од баналната политичка некултура. Тоа беше време кога Скопје никогаш не спиеше. Диво, инспиративно време, измислено за урбани ликови од градот. Мојата фасцинација е врзана за графит за кој само бев слушнал. Тетово 2001 година – Солун е ваш.

Англиска верзија на метро – Фото: Приватна архива

Слободата беше збунета

Од страниците на „Метро“ се потсетив дека уште оттогаш се зборувало за независното новинарство како „поим злоупотребен што е сведен на ниво на парола, фраза“, која беше тогашната цена на слободата?

– Тогаш не знаевме во чија сопственост е слободата. Термините слобода и демократија, родени во друга, за нас туѓа културна практика, повеќе нѐ збунија, отколку што ни помогнаа. За оние што поседуваа моќ, слободата им донесе самоволие, другите имаа слобода да се снаоѓаат како знаат и умеат. Во „Метро“ објавувавме берза на наркотици: потекло, цена, квалитет и со тоа сакавме да ја соочиме јавноста со апокалипсата денес. Заедно со Злате Лозановски пишувавме пародија за атентатот врз Глигоров, и сето тоа помина без никакви последици. Новинар објави текст, во некое од списанијата, за тајните служби од претходниот режим, и на крајот додаде – продолжува. Не продолжи. Неговиот крај беше трагичен.

Ми го прислушуваа телефонот. Редовно ми доаѓаа хонорарите од неделникот „Младина“, но не и примероци. Во Љубљана испратив друга адреса и „Младина“ почна да пристига. Неодамна ми пријде господин и ми се обрати како на стар пријател. Прочитал нешто од мене и тоа му се допаднало. Работел во државна безбедност. И тие се луѓе. Понекогаш лично, емотивно, мисловно се поврзуваат со лицето што го следат.

Мелахнолија во културата

Твоето име се поврзува и со макотрпната работа на водичите, за Скопје, за Македонија. Што скопјани сочуваа од „седум илјади години култура во Скопје“, што сметаш дека странец-гостин треба да посети ако е накратко во градот?

– Во Водичот за Скопје (Guide Book Skopje) има поглавје Скопје набрзина. Треба да се посетат Свети Пантелејмон, Чаршијата, Матка, Музејот на град Скопје, каде што се наоѓа римската статуа на Афродита, и фигурината на Адам од Македонија, од четвртиот милениум пред нашата ера. Во Музејот на Македонија се наоѓаат оригинали на најубавите византиски икони. Во замокот во Хернен посветен на византиската уметност, пред холандската публика го промовирав цедето Сликарски висови. Таму се ценетите византиски икони од Македонија, дури повеќе и од руските икони. Оние што имаат однос кон минатото, имаат однос и кон сегашноста и кон иднината.

Ексклузивно интервју на Љубица Манчевска со Тери Џонс од Монти Пајтон – Фото: Приватна архива

Во твојата нова книга есеи „Непријатност во културата“ обработуваш теми од менталитетот на Македонецот до (разнишаните) вредности во културата, живеењето во лага до морална паника… Кои се денешните демони на културна Македонија?

– Во секое маaло постои селска луда или селско будалче. Селската луда во нашата култура е институција. Покрај селската луда, другите, какви и да се, се чувствуваат како да се нормални. Кога луѓето расудуваат дали нешто им се допаѓа или не, или дали нешто е добро или не, секогаш се прашуваат – во споредба со што? Голем дел од дотираните уметници во Македонија добиваат сатисфакција само во споредба со селската луда. Меланхолијата во културата е стигната дотаму што истакнати/веќе докажани уметници се тргаат настрана, додека еснафите ги преземаат оние што се предмет на потсмев во културата. Има и полошо. Кои се луѓето што ги предводат меѓународните фестивали ‒ нашата национална гордост?

Има ли Скопје свои ангели-чувари и каде да се најдат?

– Новите урбани херои веќе се меѓу нас. Ни треба временска дистанца за да ги препознаеме ангелите чувари, за да ги закитиме со ловорови венци. Не знам дали тоа ќе биде нов Дон Кихот, група налик на Монти Пајтон, или во нашиот град ќе пристигне патувачкиот театар на Петре Прличко, но знам дека иднината е супериорна, и таа нам ќе ни суди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот