ИНФОГРАФИК Што најмногу извезуваме во Русија?

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Русија и Украина беа наши традиционални пазари. Секогаш е тешко пробивањето на нови пазари и тоа повлекува да се конкурира со пониска цена на земјоделските производи што, пак, е прашање колку ќе биде исплатливо за производителите, вели Блажо Витанов, менаџер за продажба од „Империал фуд“.

Македонија се приклучи кон санкциите што ги воведе меѓународната заедница против Русија поради инвазијата врз Украина и тоа го наметнува прашањето за ефектите врз македонската економија. Точно е дека Русија е на 20-то место како наш трговски партнер и дека трговската размена е само 1,2 отсто од вкупната трговска размена на земјава, како што соопшти гувернерката Анита Ангеловска-Бежовска, но со оглед на тоа што голем дел од нашиот извоз на земјоделски производи е кон Русија, најголеми штети се очекува да претрпат агро-фирмите кои традиционално извезуваат таму, а оттука штети ќе претрпат и индивидуалните земјоделци како производители.

– Ситуацијата станува алармантна со извозот на нашиот зеленчук затоа што Русија и Украина беа за нас најповолни земји за извоз од повеќе причини – вели Блажо Витанов, менаџер за продажба од „Империал фуд“.

Меѓу причините е тоа што тој пазар е одамна воспоставен за македонските агро-извозници, но и тоа што, за разлика од Европската Унија, во Русија и во Украина нема толку високи и строги стандарди за увоз на зеленчук.

– ЕУ имаат свои параметри што извозниците на зеленчук мора да ги исполнат и да ги постигнат нивните стандарди за квалитетот и пакувањето на производите, а такви фирми извознички во Македонија нема многу. Ние дел од производството го пласираме на пазарот на ЕУ, но скептик сум дека ќе може поголемиот дел од производите да се пласираат таму – вели Витанов за „Слободен печат“.

Тој додава дека секогаш е тешко пробивањето на нови пазари и дека тоа повлекува да се конкурира со пониска цена на производите што, пак, е прашање колку ќе биде исплатливо за земјоделците.

Според Витанов, оваа сезона се очекува пад на цените на земјоделските производи од Македонија не само за извоз туку и за домашниот пазар.

– При формирањето на цените, една работа е кога вие ја нудите стоката, а друга работа е кога вам ви бараат стока за откуп – вели тој.

Засега нема проблем со продажбата на зимската зелка и со пролетната што допрва стасува, но вистинските последици по земјоделството од оваа воена криза ќе се почувствуваат кога ќе стасаат доматите, пиперките и краставиците. И за овие земјоделски производи останува да се направи обид да се извезе што поголем дел во ЕУ бидејќи пласман на пазарите во арапските земји е уште потежок бидејќи и тие имаат строги стандарди, а освен тоа поради географската оддалеченост транспортот ќе ја направи продажбата на производите неисплатлива за директните производители.

Македонија најмногу извезува лекови и јаболка во Русија

Најизвезувани производи од Македонија во Русија во 2021 година се лековите, но не заостануваат ни земјоделските производи.

Инфографик, изработил: Елисавета Бејкова/Слободен печат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот