Инфлацијата ја „нападна“ и храната во градинките

EPA-EFE
Градинките ги отворија вратите за децата / Скопје, 9 септември 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Советите на општините имаат ингеренции и да разговараат за тоа дали има праведен систем на плаќање градинка. Сега, за сите корисници на „државните“ градинки се плаќа иста цена, независно од примањата на родителите.

Родителите стравуваат дека ќе плаќаат повеќе партиципација откако во јавноста одекна веста дека во Кавадарци е зголемена цената за престој на дете во градинка за 500 денари. Тие велат дека сега и храната не е како што беше порано, но и дека се свесни дека сè е поскапено.

Министерската за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во изјава за „Слободен печат“ објаснува дека на општините е одлуката дали ќе ја зголемат цената, или не, но дека нејзин личен став е дека родителите треба да плаќаат повеќе, затоа што цената не е сменета 20 години и изнесува 1.490 денари.

– Локалната самоуправа, односно општините се основачи на градинките, така општините, односно советите на општините може да донесат одлука да се зголеми цената – вели Тренчевска.

Таа вели дека советите на општините имаат ингеренции и да разговараат за тоа дали има праведен систем на плаќање градинка. Сега, за сите корисници на „државните“ градинки се плаќа иста цена, независно од примањата на родителите.

Што се однесува, пак, до храната во градинките, министерката Тренчевска вели дека работни групи долго време работеа на тоа менито да биде квалитетно и со соодветни нутритивни вредности и дека инспектори од Министерството ги контролираат градинките.

– Нашите инспектори редовно прават контрола дали градинките се придржуваат кон храната според утврдениот правилник. Ако е криза, не се забележани некои отстапувања. Но, факт е дека сè е поскапено, а дека цената што ја плаќаат граѓаните за децата е ниска и дека не може да имаат високи очекувања – вели Тренчевска.

Пред една година целосно е променет Правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките.

Во мените за ноември на една наша градинка пишува дека во понеделник децата за појадок ќе имаат корнфлекс со јогурт, за ужина чај со лимон, за ручек шпагети со јунешко месо и сезонска салата, а потоа ќе ужинаат сезонско овошје. Во вторник, пак, појадокот им е составен од парче интегрален леб со туна намаз и чај, ужината е од сезонско овошје, за ручек имаат пилешко во бел сос и салата и ужината е баничка со сирење. Среда им е ден кога ќе појадуваат палента со сирење и јогурт, потоа ќе може да е напијат чај со лимон, па да ручаат компир јанија со јунешко со салата и да ужинаат сезонско овошје. Во четврток се појадува интегрален леб намачкан со пржена урда со јајца и пиперка и чај, се руча боранија со јунешко и салата, а се ужина гриз со млеко. Петок е ден кога во градинката за појадок има бисквити со чоколадно млеко, за ужина компот, за ручек грав со салата, а за втората ужина кокосов колач.

– Предизвиците со исхраната кај најмладата популација како глобално прашање се присутни и во нашата земја. Од една страна е проблемот на неухранетост, кој иако со ниско ниво е присутен и кај нашите деца, а од друга страна се прекумерната тежина и дебелината за кои податоците покажуваат дека имаат растечки тренд кај децата во земјата. Правилната исхрана има клучно влијание не само врз физичкиот развој на децата туку и врз когнитивниот, емотивниот и социјалниот развој и способноста за учење – изјавија од Министерството при носењето на Правилникот.

Инаку, и за трошоците во градинката постои „Правилник за утврдување на цените и услугите што ги дава јавната установа за деца – детска градинка и износот на надоместокот за трошоците за престој во установа за деца, што паѓа на товар на родителите“. Овој правилник е од 2003 година, со тоа што во 2004 година имало мала промена на цена во нагорна линија за 100 денари, па надоместок што го плаќаат родителите се зголемил од 1.390 денари на 1.490 денари.

Од друга страна, во Правилникот е наведена и утврдената реална цена, така што ова, всушност, е партиципација од страна на родителите, но таа може да оди нагоре, или надоле во зависност од одлуката на советот на секоја одделна општина. Реалната цена за целодневниот престој со појадок, ужина и ручек, секако и со негувањето и воспитувањето, според Правилникот пред речиси 20 години е 4.508 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот