Имплементацијата на проектот „Зајакнување на улогата на младите” ќе овозможи справување со врсничкото насилство во Битола

Фото: Васка М.Младеновска

В понеделник, на седница на Советот на Општина Битола, советниците треба да дадат зелено светло на одлуката за имплементација на проектот „Зајакнување на улогата на младите во Општина Битола“.

Целта на проектот поддржан од УНДП е надминување на проблемите поврзани со говорот на омраза и деструктивни наративи кои произлегуваат од врсничкото насилство, справување со врсничкото насилство и афирмирање на младинското учество меѓу младите.

-Проектот исто така има за цел да ги поттикне младите да преземаат свои иницијативи кога се работи за говорот на омраза со методи за спречување на ширење на таквиот говор. Ова ќе се постигне со повеќе активности: истражување за влијанието и перцепција на младите, обуки, работилници и тркалезна маса со донесувачите на одлуки каде ќе се промовира прирачникот за поголема вклученост на младите во општинските тела-информираат од Општина Битола.

Конкретно, станува збор за градење институционален потенцијал за одржлива средина во која младите ќе можат во целост да го развиваат нивниот личен потенцијал.

-Иницијативата обезбедува можност за посеопфатно разгледување на околностите и ситуациите кои доведуваат до говор на омраза, како и врсничко насилство, а со цел да се истакнат добрите насоки за градење на поведение кое нема да е штетно за другите. Дополнително, со иницијативата ќе се развие и пракса за насочување и увежбување на сегашните и идни членови на Младинскиот совет на теми релевантни за нивното учество-посочуваат од Битолската локална самоуправа.

Оттаму додаваат дека главните придобивки од проектот зајакнување на улогата на младите во борбата против говорот на омраза и врсничкото насилство е младинското учество во промоција на конструктивни наративи.

-Ќе бидат обучени 160 млади за говор на омраза како и социјална инклузија и кохезија. Ќе се подигне свеста на младите за влијанието од говорот на омраза и важноста на нивната борба против него. Ќе се поттикнат младите на преземање на инцијативи и организирање на активности, како и нивно лобирање во Општината и во Советот за промени преку поднесување на предлози за поголема вклученост на младите при донесување на одлуки. Ќе се обезбеди инклузивен пристап и принцип на недискриминација во вклучувањето на младите како и промоција и видливост на проектот преку социјалните медиуми-информираат од локалната самоуправа.

Целна група на проектот „Зајакнување на улогата на младите во Општина Битола“ се млади на возраст од 18-30 години, а вкупниот буџет изнесува 445.700,00 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот