фото: Слободан Ѓуриќ Слободен печат

Името Македонија за Сиљановска е само за домашна употреба

Кабинетот на Претседателот вчера го изнесе ставот по ова прашање – претседателката официјално ќе се придржува до уставното име, ама на јавните настапи има право да изговара Македонија и истовремено очекува и партнерите на државата да си ги исполнуваат обврските

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со изговарањето на името Македонија во свечената заклетва, без Северна и без Република, предизвика жестоки реакции од Грција и од Бугарија и предупредување од Европската Унија, а домашната јавност се подели на темата – дел ѝ упатија остри критики дека го прекршува Уставот и ја загрозува евроинтеграцијата на земјата, а дел од јавноста е воодушевена од новиот начин на интерпретирање на обврската за употреба на придавката „северна“.

Во заклетвата пишуваше Република Северна Македонија

Кабинетот на Претседателот вчера го изнесе ставот по ова прашање – претседателката официјално ќе се придржува до уставното име, ама на јавните настапи има право да изговара Македонија и истовремено очекува и партнерите на државата да си ги исполнуваат обврските.

– Во своите јавни настапи, македонската претседателка има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи и согласно европските вредности и начела. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име. Согласно Уставот, како што беше подготвена од службите на Собранието, свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име. Македонските институции во последниве пет години речиси целосно ги исполнија обврските од Преспанскиот договор и претседателката очекува сите македонски партнери да ги почитуваат билатералните и мултилатерални обврски кои ги презеле кон земјата – соопшти Кабинетот на Претседателот.

И од Собранието вчера потврдија дека свечената изјава на Сиљановска-Давкова е потпишана онака како што ја прочита претседателот на Собранието, Јован Митрески.

– Содржината на изјавата е во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и е во согласност со Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот, член 2 став 4 според кој употребата на придавката во однос на државата, државните органи и јавни институции и во однос на други употреби согласно Конечната спогодба е во согласност со името на државата или со нејзиното скратено име и гласи „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“ – појаснија од Собранието.

Универзитетската професорка Тања Каракамишева Јовановска завчеравечер објави дека во член 123 од Изборниот законик е наведен текстот на свечената изјава што ја дава претседателот при инаугурација и во кој како државно име стои Република Македонија. Ова значи дека ИЗ не е целосно усогласен со Преспанскиот договор, кој пак, е имплементиран во Уставот.

Грчката амбасадорка ја напушти инаугуративната седница по насоки на грчкото МНР, по што уследија и првите реакции од Атина, но и од Брисел, а потоа и од Софија, во кои се предупредува дека Преспанскиот договор мора доследно да се применува. Потегот на Давкова, која уште во кампањата најавуваше дека ќе говори Македонија, а ќе ги потпишува документите под Република Северна Македонија, предизвика реакција и од македонското МНР.

– МНР ја потврдува цврстата определба на земјата кон недвојбено почитување на уставните одредби како и сите меѓународно преземени обврски како што е целосното почитување на Договорот од Преспа. Изминативе седум години, двете соседни земји развија исклучително високо ниво на политички дијалог, кое резултираше и со неколкукратно зголемување на економската соработка и изградба на позитивни врски меѓу луѓето. Овие придобивки резултираа со членството на земјата во НАТО, отворање на преговорите со ЕУ, како и со надградба на Стратешкото партнерство во Стратешки дијалог со САД. Повикуваме на внимателност од сите политички чинители, особено на избраните државни функционери. Задржувањето на евроатлантскиот курс на земјава е основен стратешки интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата – соопшти МНР.

Во реакцијата на Коалицијата „Вреди“ кои се очекува дека ќе бидат иден партнер во владата на ВМРО-ДПМНЕ, сметаат дека „не треба да се отвораат старите рани“.

– Изразуваме загриженост што емоциите од кампањата влијаат на рационалноста во првите чекори во реал политика. Имаме разбирање за чувствата на македонскиот народ, но нема втора шанса за прв впечаток за новата шефица на државата. Претседателот на Републиката мора да биде пример за почитување на Уставот, особено кога станува збор за професорка по уставно право. Северна Македонија е полноправен член на НАТО и со почнати преговори со ЕУ, но нѐ чекаат уставни измени за да продолжиме по европскиот пат. Не ни треба отворање на старите рани. Затоа, добро е што новата Претседателка ја потпиша заклетвата со уставното име, што сепак е знак дека реалноста де факто е прифатена од неа – е ставот на коалицијата на албански партии „Вреди“.

Атина и Софија лути

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вчера на „Фејсбук“ објави дека Грција не прифаќа вакви пропусти и дека името, избегнувањето провокации и почитувањето на Преспанскиот договор се клучни и за напредокот на билатералните односи и за ЕУ перспективата на земјата.

– Провокативниот избор на новата претседателка на Северна Македонија да го прекрши официјалниот текст на заклетвата и да ја нарече земјата со различно име претставува нелегална и недозволива иницијатива. Чин кој го прекршува Договорот и самиот Устав на нејзината држава. Но, и поткопување на иднината на државата – напиша Мицотакис.

Тој додаде дека „Грција ги отфрла начините на управување како овие со кои госпоѓа Силјановска го започнува својот мандат“.

– Грција ја повикува да се врати на нејзините законски должности и на однесувањата кои произлегуваат од нејзината улога. Категорично изјавуваме дека нема да прифатиме вакви неприфатливи грешки. И повторуваме дека секој напредок во билатералните односи, како и секој чекор на Скопје кон Европа, зависат од искреното почитување на договореното. Од правилната употреба на уставното име на соседната држава – порача грчкиот премиер.

Бугарскиот премиер Димитар Главчев, пак, преку соопштение на бугарската Влада порача дека Бугарија не прифаќа изјави и однесување кои се во спротивност со Договорот за пријателство од 2017 година и со договорите меѓу ЕУ и Македонија.

– Бугарија постојано и јасно го кажува својот став дека договорите мора строго да се спроведуваат – соопшти бугарската влада.

Сличен став изнесе и бугарскиот претседател Румен Радев.

– Европската перспектива на Македонија зависи од стриктното спроведување на меѓународните договори од кои земјата е дел, како и од Преговарачката рамка одобрена од Европскиот совет во 2022 година. За информација на одговорните институции во РСМ, таа нема да биде ревидирана – рече Радев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот