Имагинарните граници на балканските нации

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Како тоа, кога стотици илјади, па и повеќе од милион „Бугари“ останале надвор од Кнежеството Бугарија по 1885 година, во Вардарска Македонија, во Поморавието, во Егејска Македонија и во Беломорска Тракија, денес никаде ги нема?! Или Бугарите немаат силен национален дух и идентитет, па лесно се подложни на асимилација од државните апарати на соседните монархиски династии или пак на споментатите територии не живееле „чистокрвни“ Бугари.

На денот на сесловенските просветители, на фонот на толкувањето на историско-идентитетски факти, настани и дела кои источниот сосед Бугарија како „Дамоклов меч“ ги надвиси над нашата државно-национална глава, условувајќи го нивното прифаќање согласно бугарската политичко-национална диоптрија за да ги продолжиме нашите европерспективи со отворањето на претпристапните преговори со ЕУ, претседателите на Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев, со ист авион ќе остварат официјална заедничка посета на гробот на Св. Кирил во Рим. Дали е ова дел од т.н. „заедничка историја“ на која толку инсистираат Бугарите или пак согласно нивната официјална историографска наука и политичко поимање, кирилометодиевата азбука и писмо се всушност старобугарски букви?! Што всушност поимаат нашите источни соседи како „заедничка историја“.

Историјата не однесе во друг правец!

Во деветнаесеттиот век, кога Бугарија за време на големата Источна криза се стекнала со  национална и политичка независност, таа својата проекција за создавање на една „природна“, целокупна етничко-територијална државна целина, еден панбугарски духовно-културен, но и замислен етнички простор од „Дунав до Белото Море, од Охрид до Црното Море“, не го реализирала. Противник на таа национална идеја, стремеж и мечта биле Великите европски сили кои се спротиставиле на бугарските територијални аспирации, сметајќи ги во суштина за руска екпанзионистичка политика на топлите балкански мориња. Иронијата на судбината сакаше Македонија да биде оставена надвор од рамките на проектираната и замислена „Санстефанска Бугарија“, за што од тој момент, па натаму во историјата Бугарите платија со невидена крв, губејќи ги сите регионално-балкански, но и двете светски војни во кои Бугарија влезе без задршки за да ја „исправи историската неправда“ и да ги обедини сите македонски земји, сметајќи ги за исконско свои, бугарски. Од тој момент во втората половина на деветнаесеттиот век, кога Бугарија се конституирала како посебна државно-територијална заедница, а Македонија останала и понатаму во рамките на Отоманската империја, несвесно започнал процесот и на диференцијација на бугарскиот и македонскиот културолошки, но и духовен простор, кој понатаму следствено завршил со создавање на посебен национално-јазичен и етнички простор кој се заокружил како посебна национално-политичка заедница во рамките на новосоздадената СФР Југославија, релативно доцна, кон средината на дваесеттиот век. Особено, по завршувањето на балканските војни кога етногеографската територија на Македонија била распокината помеѓу соседните балкански монархии, македонскиот културен простор засекогаш ги прекинал „духовните“ врски со бугаризмот, односно со пропагандната идеја која преку Егзархијата навлегла во училиштата „распослани“ низ македонските градови и села. Политичката граница помеѓу населението од двете страни на Осоговско-Малешевските Планини од 1913 година наваму создала една бариера, „кинески ѕид“ помеѓу обичното население, и бидејќи живеело во две различни политичко-национални државни уредувања, создало дури и различни менталитетни навики и културолошки достигнувања. Ова особено се однесува за периодот после Втората светска војна и конституирањето на Вардарска Македонија во државна национална заедница во рамките на СФР Југославија и потпаѓањето на Бугарија под советска сфера на влијание и членувањето во Варшавскиот пакт. Тој „кинески ѕид“,  кој прераснал во „Берлински“ во однос на својата суштина, и подигнувањето на тие идеолошко-политички, во суштина физички реални бариери и граници, окончателно ги трасираше различните историски патишта на населението кое со векови живеело по долината на реката Вардар, кое Бугарите од петни жили се обидуваат да докажат дека било бугарско во не толку далечното минато.

За се постои логичен филозофски одговор!

Нека на работите од блиската ни „заедничка“ историја погледнеме малку од филозофски аспект. Токму интересите на големите сили во минатото ги спречуваа интересите на малите балкански народи, кои во периодот на националното будење и револуционерните идеи проектираа свои државни монархии, кои ќе се простираат дотаму до каде живее последниот етнички Србин, Бугарин, Албанец или Грк. Па така, следствено на таа „политика“ од страна на големите сили, денес имаме огромно српско население (скоро два милиони Срби) кое живее надвор од рамките и границите на денешната матична српска држава – Р. Србија. Истото се однесува и за Албанците, кои замислената „призренска Албанија“ не ја реализираа во почетокот на дваесеттиот век како држава на сите Албанци на Балканскиот Полуостров. Исто така, скоро два милиони етнички Албанци живеат надвор од границите на матицата Албанија, создадена на Лондонската конференција пред 110 години. Но, тоа не значи дека Србите кои живеат надвор од рамките на српската држава или пак Албанците, се подложени на асимилација и на денационализација. Напротив, најголемиот српски или аналогно албански национализам се негува во средините на Србите и Албанците надвор од Србија и Албанија (во Република Српска, Косово, дури и во Македонија). Што значи, српскиот и албанскиот национален идентитет и дух, не само што не „исчезнал“ во изминатите 100 години постојано прекројување на проколнатите балкански граници, туку дополнително се хомогенизирал и се зајакнал. Како тогаш, според бугарската логика, кога стотици илјади, па и повеќе од еден милион „Бугари“ останале надвор од рамките на Кнежеството Бугарија по 1885 година, во Вардарска Македонија, во Поморавието во Србија, во Егејска Македонија и Беломорска Тракија, денес никаде ги нема?! Се поставува прашањето: или Бугарите немаат силен национален дух и идентитет, па се подложни лесно на асимилација и на етничка национализација од страна на државните апарати од соседните монархиски династии или пак на споментатите територии не живееле „чистокрвни“ Бугари со утврден и за ништо непроменлив бугарски национален идентитет. Доказ и пример за такви Бугари се малите гратчиња во денешна Србија, на самата граница со Бугарија, Босилеград и Димитровград, кои согласно одредбите од Нејскиот договор беа откинати од бугарската држава, и припоени кон новоформираното Кралство на Срби, Хрвати и Словенци. Десетиците илјади Бугари кои несреќно завршија во за нив туѓа држава и денес, цел еден век потоа, го имаат задржано својот изворен бугарски национален идентитет, преживувајќи ги авторитарните и тоталитарни режими на кралот А.Караѓорѓевиќ, другарот и маршал Тито, но и тој на балканскиот лудак С.Милошевиќ. И денеска, во авторитатниот режим на А.Вучиќ, слободно се изјаснуваат како Бугари. Како тоа таму Бугарите ги преживеаа сите историски невремиња, и останаа свои на своето, а „Бугарите“ по Вардарско, Поморавието и Беломорието денес никаде ги нема?! Многу логично, веројатно затоа што не биле од тие „изворните и прави“ Бугари, туку некои други, на кои како со инка, преку образовно-црковниот процес им турале во главите дека биле Бугари. Потоа, се „свестиле“ кои  навистина се.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот