Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Има ли некој надлежен?

За локалните власти најчесто се виновни несовесните граѓани или претходната власт, а надлежностите пак се префрлаат од општините на Град Скопје или од локална на централна власт до оној момент додека на оној што укажал на одредена состојба не му дојде да крене раце од сѐ.

Една од омилените „спортски“ дисциплини на институциите во државата е префрлање на вината и на надлежностите. Верувам дека олимписко злато би можеле да освоиме доколку се воведе како официјална категорија. Шегата настрана, но навистина, за секоја и навидум очигледна состојба, секогаш е виновен некој друг. А и кога, со тешко срце, ќе се прифати надлежноста и одговорноста, тогаш следуваат објаснувања поради кои во најголем број случаи не знае човек дали да се смее или да плаче.

За локалните власти најчесто се виновни несовесните граѓани или претходната власт, а надлежностите пак се префрлаат од општините на Град Скопје или од локална на централна власт до оној момент додека на оној што укажал на одредена состојба не му дојде да крене раце од сѐ.

Случајот со парцелата кај „Холидеј ин“ е еден од тие примери – ќе се градат три висококатници согласно со ДУП донесен пред речиси десет години, кој пак не е во согласност со генералниот урбанистички план и со јавниот интерес. Општина Центар тврди дека не може ништо да преземе затоа што Уставниот суд го укина мораториумот на планот и шансата да се донесе друг план, па поднесе барање за суспензија до Министерството за транспорт и врски. Министерството, пак, се прогласи за ненадлежно да менува планови, туку само да дава мислење и согласност, па ја префрли „топката“ назад кај Општината. И така. Кај и да е, изградбата ќе почне. Тешко било да се лоцира јавниот интерес. Богами и парите за комуналии не се потценување, а како што е познато, токму комуналиите се основен приход на општините и градот.

Деновиве актуелна е и темата со журките на Водно секој четврток навечер. Стотици млади скопјани се искачуваат кај планинарскиот дом во потрага по забава. Организатор е планинарскиот клуб Х20, во чии раце е домот „Даре Џамбаз“. Е сега, бидејќи врвот на Водно е високо, а не сите се планинари, дел од посетителите одат со автомобили и мотори. Па врвот стана паркиралиште и јавно веце, затоа што таму нема тоалети. Граѓаните бараат од Градот да се запре движењето со возила до врвот, а Градот вели има рампа на Средно Водно. Арно ама чуварската служба работела до 20 часот, а за тоа што се случува подоцна, нека му мисли полицијата. Не може Градот да е надлежен и ноќе! Ви се молам….

Жителите на Железара со денови протестираат барајќи надлежните да најдат решение за да запре сообраќајното дивеење на улицата Коце Металец, каде неодамна смртно настрада жена. Велат дека тука пребрзо се вози, дека има ноќни трки со мотори. Бараат повеќе лежечки полицајци, семафори, растоварување на сообраќајот и присуство на полиција. Се јави некој надлежен? Никој. Си молчат и од Општина Гази Баба и од Градот, како протестот да се случува на друга планета, додека пак полицијата е присутна само за да го обезбедува. Можеби на крај и ќе падне некое ветување и толку ќе биде.

Примери има секојдневно многу. Надлежностите се префрлаат, се судираат меѓу себе и тешко се прифаќаат. Затоа сѐ оди наопаку. Затоа Скопје е град со исушени зелени површини, со згради што никнуваат на секој чекор, со депонии од кои нема спас со децении. Град без гробишта за миленици затоа што никој не е надлежен за да го иницира тој проблем, иако речиси секое второ семејство има куче или маче. Никој не може да ги „сопре“ трките по скопските улици. Никој не може да им наложи на сопствениците на простор што сѐ уште функционира како јавен да си го исчистат ѓубрето од имотот. Да ги спречи дивоградбите. Да го заштити Водно.

Срамна е и жална состојбата во која скопјани не знаат кому да се обратат кога имаат проблем, оти секој се прогласува за ненадлежен или си молчи додека јавноста се потсмири. Во државата постојат закони во кои точно се утврдени надлежностите на секоја институција. Не е лошо локалните власти одвреме-навреме да ги препрочитаат и да си го утврдат градивото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот