
Илиевски: Очекувањата се да бидам во Топ 5 во новата сезона на маратони, зошто не и некој медал
Нашиот маратонец вели дека пливањето во Македонија е во нагорна линија, но не се вложува доволно, треба да се изградат повеќе базени.
Македонскиот пливач Александар Илиевски и годинава го очекуваат настапи како на домашната, така и на меѓународната сцена. Со своето искуство и доста испливани маратони верува дека може да направи чекор напред во својата кариера и се искачи на подиумот, биде во кругот на најдобрите пливачи.
Препорачано
Потсетување дека минатата година успеа успешно го заврши подвигот, односно на 2 август на државниот празник Илинден стана првиот пливач кој го препливал Охридското езеро и тоа во должина од 71 километар. Еве кои активности го очекуваат во следниот период, на кои настани се очекува да настапи, споделувајќи ги неговите очекувања.
– Оваа година, маратони за кои се спремам се еден маратон во ладните води во Канада (Во Робервал езеро Ст. Жан 32км) кон крајот на месец јули. Во август е традиционалниот маратон во Охрид (Св. Наум Охрид 25км) кој би требало да се одржи.
Потоа, трки на 10 километри во далечинско пливање кое ќе ги организира националната пливачка федерација и кои се во календарот за оваа година, како и настап во септември во Италија (од Капри-Наполи 36 км). Моите очекувања во новата сезона на маратони за оваа година се пласмани меѓу првите пет пласирани, а зошто не и некој медал. Мислам дека имам собрано доволно искуство, доволно испливани маратони и километри во мене, и мислам дека оваа година ќе биде успешна за мене – ни изјави Илиевски.

Воедно од негов аспект го имаше своето размислување за тоа како се развива пливањето во нашата земја, дали верува дека доволно се вложува, дали се обрнува внимание, секако почнувајќи од тренинзите кои секако се неопходни, за во води на отворено и во базен.
– Пливањето во нашата држава е во нагорна линија, има многу деца кои сакаат да научат да пливаат, да спортуваат, исто има и голем број на рекреативци кои го засакаа пливањето и доаѓаат на базените да се рекреираат. Капацитетите на двата затворени базени во Скопје (Олимпискиот и Спортскиот центар Борис Трајковски), и еден базен во Куманово што ги имаме се мали, особено сега кога се затоплува времето има сè повеќе дечиња и сè поголем интерес за пливање. Мислам дека треба да се изградат повеќе базени во Скопје, а исто и во другите градови низ нашата држава.
Не се вложува доволно во пливањето од страна на државата. Има многу талентирани деца кои за жал со помош на родителите и вложувањата од нивна страна прават и постигнуваат врвни резултати, за разлика од другите соседни држави каде државата застанува и вложува со талентирани деца кои се занимаваат професионално – вели Илиевски.