Игор Рудан: Со кои стратегии светот влегува во третата фаза од борбата против короната?

Фото: Фејсбук

Откако Хрватска ги затвори границите и училиштата, а потоа и воведе карантин, сега влегува во третото поглавје во борбата против пандемијата. Како што веќе спомнав, ако некој мисли дека ова е крај, тогаш е во заблуда. Ова е само крај на почетокот, вели проф. др. Игор Рудан, познат хрватски научник и член на Кралското друштво (The Royal Society) на Британската академија на науки во својата најнова колумна објавена во Вечерњи лист.

Во третата фаза од борбата со вирусот, јавно-здравствените цели ќе им ја препуштат својата положба на водечки приоритети, барем привремено, на други, потешки прашања. Пред се, во прв план ќе избие зачувувањето на економските активности и обидите за враќање во живот каков што го познававме. Влегуваме, значи, во сосема ново поглавје, каде се повторно ќе се промени, пишува Рудан во својата колумна.

Планирањето на третото поглавје требаше да се разработи за време на карантинот. Веќе наведов пет критериуми според кои ќе се вреднува успехот на секоја држава во борбата со оваа криза. Првиот критериум беше добра подготовка и одржување на првата линија на одбрана од вирусот, вториот беше прогласување карантин во вистинско време, а третиот успешно сузбивање на ширењето на заразата за време на карантинот. Како што се гледа, сите три почетни приоритети беа првенствено јавно-здравствени по својата природа.

Четвртиот критериум е колку е брза и активна државата во мобилизација на своите капацитети и човечки ресурси, односно креативни и иновативни решенија, како би развила план за што побрзо излегување од карантинот и соживот со коронавирусот.

И конечно, петтиот критериум е колку ефикасно државата, по завршуањето на карантинот, им овозможила на своите граѓани премин во релативно нормален живот, односно спречила нарушување на својата економија преку трајна контрола на ширење на вирусот.

Во сите држави во светот, овие две прашања ќе доминираат во новото, трето поглавје од коронакризата. Некои држави во своите одговори ќе бидат поуспешни, некои не, наведува Рудан.

Во планирањето на третото поглавје корисно е постојано да се пратат и сите други држави во светот, така што подобро да се разберат резултатите од сите нивни пристапи. Сите тие моментално работат на успорување на ширењето на вирусот. Во тоа секоја држава својот пристап го прилагодува на својот контекст, па мерките варираат од многу благи до крајно рестриктивни, но поради тоа се разликуваат и резултатите. Притоа, државите кои се доволно богати и развиени можеа да посветат внимание неколку недели од карантинот на активностите за зајакнување на своите технолошки капацитети, како и за приспособување на човечките ресурси. Така, во периодот по карантинот би можело да се зголеми тестирањето на вирусот меѓу населението, зајакнувајќи ги првите одбранбени линии.

Благодарение на ГПС податоците се проценуваше влијанието на одржувањето на дистанца меѓу луѓето врз брзината на ширењето на вирусот, што доведе до иновативни мерки за физичко оддалечување. Компаниите како Гугл и Епл, но и многу други, забрзано развиваат сосема нови технологии преку кои ќе може да се следат контактите на заразените без нарушување на приватноста. На таквите иновации во понатамошната фаза на пандемијата веројатно ќе се потпира првата линија на одбраната, барем во некои држави. Заклучно, карантинот ни обезбеди и период од пет недели кои ни донесоа голема количина на нови знаења и корисни информации. Некои од нив, секојдневно се анализираа, така што на нив ќе се базираат плановите за третото поглавје од коронакризата.

Не сум сигурен дали доволен број луѓе во Хрватска разбираат колку ова трето поглавје ќе биде многу понеизвесно од претходните две.

Во текот на првата фаза, планот беше подготвен. Се следеше движењето на вирусот во светот, а поставената прва линија на одбрана не штитеше, со цел спречување на било какво слободно ширење на вирусот внатре во Хрватска. И во текот на втората фаза постоеше јасен план. Требаше со карантинот да се спасат десетина илјади наши сограѓани од смрт поради епидемијата, а во исто време со пакет еконосмки мерки да се ублажат уадрите во економијата. Тоа беше успешно направено.

Сега, меѓутоа, влегуваме во третата фаза, во која целта е релативно сигурен соживот со вирусот преку прилагодување на економските активности и што поголема нормализација на животот. Меѓутоа, периодот на попуштање на мерките и избегнување на нови затегнувања ќе зависи пред се од однесувањето на самите граѓани и нивното настојување да го ограничат ширењето на вирусот. Дали ќе има нов карантин и кога? Понатаму, дали ќе бидат заштитени само старите и болните? Што ќе се случи со економијата? Дали вирусот сепак ќе се покаже како сезонски па донекаде ќе се успори неговото ширење за време на топлите месеци? Или можеби, од светот на науката ќе стигне вест за успешен лек или вакцина? Во отсуство на навистина добри вести, би можеле да останеме осудени на измени на „стегање“ и „попуштање“ на мерките во текот на наредниот период чиешто траење не е едноставно да се предвиди.

Спомнав и едно друго сценарио, но тоа е доста песимистично. Се уште постои веројатноста од круговите на светската наука и медицина да ни стигаат решенија, само им треба време. Но ако не дојде до јасен напредок, ако вирусот не го намали своето ширење, туку продолжи да мутира, уште и ако се појават некои поопасни видови, а за тоа време мерките на „стегање“ и „попуштање“ ги исцрпат граѓаните и економијата, прифаќањето на мерките на третата стратегија во широката јавност, би можело да се промени. Но, во неможност да се спроведат првите две сценарија, а имаме исцрпување на граѓаните во третата, што уште преостанува?

Деталната разработка на четвртата стратегија ќе ја оставам за понатаму. За сега, за размислување ќе понудам можен конечен одговор. Ако потрае оваа криза и продолжи да се влошува во недостаток на научни решенија, тогаш (не)прифатливоста на граѓаните на се што треба да се случи во иднина ќе го диктира и разрешувањето на кризата со ковид-19. Во четвртото, крајно сценарио, решението нема да дојде ниту од полето на науката, ниту медицината или економијата. Ќе го испорачаат правниците во облик на закони. Со нив ќе се воведе темелно човеково право на зараза и умирање од новиот коронавирус, заклушува професорот Рудан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот