И стар автомобил не може да се купи без кредит

автомобили
автомобили / фото: EPA/EFE

Од 2010 година, кога тогашната Влада ја крена старосната рампа за увоз на половни возила, почна масовен увоз на стари возила. Во 2009 година вкупниот увоз на нови патнички возила бил 10.547, а на стари – 2.944. Минатата година ја завршивме со увоз на 6.341 нови патнички возила и 38.580 употребувани патнички возила.

Ако пред Светската финансиската криза многумина се осмелија да купат нов автомобил на кредит, годините потоа овој вид кредитирање постојано се намалува. Според базата на податоци, која Народна банка ја објавува од 1 јануари 2009 година, тогаш автомобилските кредити изнесувале 69 милиони евра, а во август годинава, износот е одвај 4,6 милиони евра.

Во изминативе години граѓаните, главно, се подновуваа со стари автомобили. Од 2010 година, кога тогашната Влада ја крена старосната рампа за увоз на половни возила, почна масовен увоз на стари возила. Ова требаше да биде лек за замена на многу стари возила со помалку стари возила, во услови кога имаше намалување на економскиот раст и на животниот стандард. Имено, во 2007 година и во 2008 година, кога и најмногу се купуваа нови автомобили, се забележани најголемите стапки на економски раст од 6,5 и 5,5 проценти, а 2009 година заврши со негативна стапка од 0,4 проценти. Но, и годините што следеа не го вратија „златното“ кусо време на вистинско подновување со нови возила. Затоа, нема позначајни бројки за класичните автомобилски кредити, а парите за старите возила најчесто се обезбедуваат со потрошувачките кредити.

Заклучно со август годинава, вкупниот износ на потрошувачки кредити е 1,57 милијарди евра, но колку од овој износ е потрошен за купување стари возила, тоа не може да се знае. Во банките велат дека тие немаат обврска да бараат отчет за тоа за што ќе се користат потрошувачките кредити кои се ненаменски, односно дека банката, за да го одобри кредитот, ја интересира само кредитната способност на тој што го бара заемот. Сепак, оттаму неофицијално велат дека и според нивните сознанија, многумина во изминативе години земале потрошувачки кредит за купување половно возило, а дел од нив ратите сѐ уште ги отплатуваат.

Продавачите на стари возила, пак, велат дека откако почна короната, продажбата е драматично намалена, а свој придонес имаа и зголемените давачки од страна на државата за старите возила, што се воведоа на почетокот од годинава. Според нив, најмногу се бараат возила што чинат до 5.000 евра.

Според податоците од Царината, во август се увезени вкупно 2.670 патнички возила, од кои 414 се нови, а 2.256 се употребувани возила. Истиот месец, во годината пред да се зголеми старосната граница за увоз на возила, односно во 2009 година, биле увезени вкупно 856 патнички возила, од кои 642 нови и 214 стари. Инаку, во 2009 година вкупниот увоз на нови патнички возила бил 10.547 автомобили, а на стари 2.944. Минатата година, пак, ја завршивме со увоз на 6.341 нови патнички возила и 38.580 употребувани патнички возила.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот