И со преткампањата се претера

Билборд, кампања Фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

 Растрчани партиски лидери и функционери во предизборни активности во пресрет на парламентарните избори, промоции и интервјуа на претседателските кандидати, билборди со политички пораки, но без нарачатели, се дел од декорот на кој веќе се навикнавме, иако кампањата официјално не е ни почната

Нема дилема дека активностите на сè уште непотврдените кандидати за претседател на државата се предвремена кампања, зашто сигурно тие не се промовираат во јавноста како обични граѓани, бидејќи веќе ги собрале потребните потписи. Ако се кандидирале за позицијата број еден – за претседател на државата, мислам дека дотолку треба да се свесни дека не е тоа оти некого изиграле, туку едноставно не смеат тоа да го прават.
Ова за „Слободен печат“ го изјави Александар Новаковски, поранешен претседател на Државната изборна комисија (ДИК) за настапите и промоциите на претседателските кандидати, но и на растрчаните партиски лидери и функционери во предизборни активности во пресрет на парламентарните избори.

Злоупотреба и на верски обичаи и на економски проекти

Кампања сдсм вмро/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

Иако изборната кампања за претседателските избори почнува на 4 април, а таа за парламентарните на 18 април, секојдневно сведочиме на бројни активности на кандидатите за шеф на државата и на партиските функционери. Присутни се на отворање на партиски штабови ширум државата (ова се однесува на речиси сите кандидати). Во друштво на партиски лидери посети во странство на конгрес на сестрински партии (кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова), конвенции на кои презентираат поенти од изборните програми, (кандидатите на Вреди, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ, Арбен Таравари, Бујар Османи, Силјановска, Стево Пендаровски) во име на партиите кои што ги кандидирале исцртуваат црвени линии и испорачуваат услови за евентуални владини коалиции. Повеќето од претседателските кандидати беа промовирани на конгреси или конвенции кои според бројноста на присутните се еднакви на почетните или на завршните партиски митинзи во изборните кампањи.

Во преткампања се (зло)употребуваат и верските обичаи, како на пример почетокот на светиот месец Рамазан за промоција на сопствената кандидатура за шеф на државата. Османи со видеа на Фејсбук се пофали дека на првиот ифтар, кај него дома биле лидерот Али Ахмети и техничкиот премиер Талат Џафери со сопругите, а еден ден потоа, со полни кеси правеше ифтар во домот на соседот кој има 105 години. Актуелниот шеф на државата, пак, Пендаровски, присуствуваше на отворањето на браната Конско, а во текот на целиот мандат тоа не го практикуваше. На партиски трибини, ВМРО-ДПМНЕ промовира економски и образовни проекти, а СДСМ ветува дека просечната плата ќе биде 1.000 евра. Во центарот на Скопје веќе има билборди со политички пораки, но без нарачатели.

– Сè што се случува 20 дена пред почетокот на кампањата е предвремена кампања, само нема кој да ги санкционира. Тие настапуваат со билборди и тоа го прават пред да почне изборната кампања и на тоа одговараат дека не се утврдени кандидатите и затоа тоа го прават. Откога ќе се утврдат кандидатите, тие ќе сопрат со тоа. Тоа им е оправдувањето. Тука нема решение, освен да не постои предизборна кампања, бидејќи нонстоп се во кампања. Дел од политичките партии или коалиции не го почитуваат правилото кампањата да почне на денот определен во согласност со Изборниот законик. Откако ДИК ќе ги потврди кандидатурите, тогаш може да се преземаат санкции. Тоа е до политичката култура, до однесувањето на политичките учесници, не може сè да биде регулирано со закон – вели Новаковски.

Кампања сдсм вмро/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

Тој потсетува дека на претседателските избори во 2009 година, двајца кандидати пред ДИК да ги утврди кандидатурите истакнале билборди и, по укажувањето од ДИК, ги повлекле билбордите и се извиниле. Тој констатира дека сега партиите не пријавуваат дека конкурентска партија почнала предвремена кампања, а тоа укажува дека има премолчана согласност да се користи правниот вакуум.

– Институциите треба да реагираат, зашто сето тоа чини пари, некој го плаќа тоа. Не мора сега, туку по изборите тоа треба да се анализира и да се види од која сметка се плаќа, бидејќи не се отворени сметките за изборна кампања. ДИК кажува дека нема законска можност да спречи предвремена изборна кампања, но кога во Законот пишува дека таа почнува 20 дена пред гласањето, јасно е дека сè пред тоа е предвремена кампања – вели Новаковски.

Дека тераат кампања, според Новаковски, потврда се и интервјуата во кои се промовираат како претседателски кандидати. Тој додава дека во препораките на ОБСЕ и ОДИХР се бара разграничување на тоа што се државни работи, а што не се.

Александар Новаковски/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

– Тие велат ние не сме потврдени како кандидати, тогаш значи ли дека тие се промовираат како обични граѓани? Каде е тука моралот? Ако некој се кандидира за таква позиција, број еден, за претседател на државата, мислам дека дотолку треба да е свесен, а не дека, еве, изиграл некого, туку едноставно не смеат тоа да го прават. Еве се користи и ифтарот. Никому не може да забраниме да оди на ифтар, може и претходно оделе, и тоа им било традиција, но откако некој ќе се кандидира за таква функција, а очигледно собирале потписи и се знае дека ќе бидат кандидати, бидејќи нивните кандидатури не се отповикливи, значи свесно ги изигруваат прописите – вели Новаковски.

Изборниот законик не предвидел санкции

Тој појаснува дека Изборниот законик не предвидел санкции, но и да предвидел, тие не може да се реализираат во предизборниот период.

– Сите имаат многу искуство во изборите и сите точно знаат што прават и што е дозволено. Оставено е на нив да не фрлат дамка на изборниот процес. Треба да се свесни дека се кандидати за највисоката функција и да се пример за претстојните парламентарни избори, а не да бараат образложенија кои се на граница на дозволеното и дека се мангупи. Невозможно е институциите за краток рок да испитаат кој во кое својство и каде се појавил. Има одредба дека ДИК се грижи за законитоста на изборниот процес, а тој е од распишување на изборите до конечните резултати. Ако ОБСЕ оди со прелиминарен извештај, тогаш и нашите институции треба да излегуваат со прелиминарни извештаи во кои ќе кажат „тие и тие“ активности ги сметаме за „тоа и тоа“. Тоа може да се прави и сме го правеле. Да има законска одредба за одземање мандат поинаку би се однесувале – вели експретседателот на ДИК.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот