И Општина Карпош и Министерството за спорт ја сакаат за себе: Се кријат ли бизнис интереси зад управувањето со салата „Партизан 4“?

Јакимовски тврди дека министерот сакал да направи кафеана во дворот и во зеленилото и затоа го одзема објектот од Општина Карпош. Од Министерството за спорт пак, прашаа дали зад овие обиди за манипулација на јавноста не стојат некои бизнис-зделки по кои градоначалникот е добро познат и за кои веќе има судска одлука.

Дали некој гледа бизнис-интереси во салата „Партизан 4“  или навистина станува збор само за грижа на карпошани да им се понудат подобри услови за спортување во оваа сала, ќе покаже времето.

Во меѓувреме, граѓаните се сведоци на меѓусебните обвинувања помеѓу градоначалникот Стевчо Јакимовски и министерот за спорт Борко Ристовски. Првиот тврди дека министерот сакал да направи кафеана во дворот и во зеленилото и затоа го одзема објектот од Општина Карпош.

Не им до вежбање и спорт, до бизнис им е. Во горниот дел од салата има мал простор за шанк со мало кафуле и фитнес центар. Дојдоа намесници негови дали ќе им дадам овде во зеленилото да направат кафеана, сето зеленило во дворот да го заградат. Им реков не. И затоа јавно да му кажам на министерот, ти си Борко ама јас не сум торко, мислиш дека има голем бизнис и сакаш овде со другарите да си дојдеш и да си правиш кафуле и ресторан, истакна Јакимовски на вчерашниот протест пред салата, на кои десетици карпошани му дадоа поддршка.

Од Министерството за спорт, пак, прашаа дали зад овие обиди за манипулација на јавноста не стојат некои бизнис-зделки по кои градоначалникот е добро познат и за кои веќе има судска одлука.

Дали е вистина дека имал намера да отвори кафетерија во просториите на салата и дека веќе има земено депозит? Дали е вистина дека веќе има договорено со нему блиски луѓе, да им бидат дадени на користење деловни простории во салата? Дали е вистина дека постоел план тој лично да користи дел од објектот? Дали е вистина дека планирал во салата да му биде партискиот штаб за локалните избори? – јавно прашаа од Министерството.

Спортската сала „Наум Наумовски Борче“, попозната како „Партизан 4“, е во државна сопственост, а во 2019 година, во руинирана состојба ѝ беше предадена на трајно користење на Општина Карпош. Оттогаш започна и „битката“ на Општината за обнова на овој култен објект, беа избрани проекти,  реконструкцијата ја изведе Агенцијата за млади и спорт и обновата беше завршена во декември 2023 година. На 17 јуни годинава, Владата повторно ѝ ја одзема салата на Општина Карпош и му ја предаде на управување на Министерството за спорт.

Откако ѝ ја даде, Владата сега ќе ѝ ја одзема салата „Партизан“ на Општина Карпош

Но, како што повеќепати укажа Јакимовски, Општината го добила објектот без опрема, односно без потребните реквизити, без радијатори, без вентилација и без приклучоци за вода и струја. Обидите и апелите на градоначалникот до Агенцијата да ги исправат постојните недостатоци на салата за таа да започне да функционира, не вродиле со плод, а потоа од Министерството за спорт тврдеа дека тоа не е нивна обврска и дека салата е преземена со потпишан договор.

Оваа спортска сала е во државна сопственост и државата одлучува кому ќе му биде дадена на користење, односно ќе биде одземено тоа право доколку не се испочитувани обврските од договорот. Кога утврдивме дека објектот не е ставен во функција речиси една година, инициравме процес на враќање, со цел да се санираат сите недостатоци и салата да биде ставена во полн капацитет на располагање на граѓаните – соопштија од Министерството.

Од Општина Карпош, пак, објаснуваат дека салата официјално стартувала со работа на 24 март годинава.

Пред тоа, Општината со одлука на Советот на Општина Карпош распиша тендер во висина од 1.000.000 денари и набави дел од потребната опрема за почетокот на работата на салата. Истиот ден, градоначалникот Стевчо Јакимовски направи обиколка на салата, при што нагласи дека таа првпат ќе биде користена од основците од Карпош во рамки на училишните спортски лиги во кошарка и одбојка, кои традиционално ги организира Општината. Јакимовски исто така нагласи дека за состојбата на салата „Партизан“ бил известен и министерот за спорт, од каде што не е добиен никаков одговор. Три недели подоцна, на 17 април 2025 година, во истата сала градоначалникот ги додели медалите за најуспешните во женската одбојкарска училишна лига и во машката кошаркарска училишна лига – велат од Карпош.

При крајот на минатата година во општинскиот буџет за 2025 година беа обезбедени средства за опремување на салата, а со средства на локалната самоуправа направени се и приклучоци за вода и струја.

Јакимовски: Владата на каубојски начин ни ја одзема салата „Партизан“, без образложение и само од ќеф

Со одлука на Советот на Општината, на 57-та седница одржана на 2 декември 2024 година дел од подрумските простории на салата се доделија на користење на Македонската спортска стрелачка федерација на период од 10 години, без надомест. Притоа МССФ се обврза комплетно да го опреми просторот за спортско стрелаштво, по потреба да инвестира во просторот, редовно да ги подмирува сите трошоци за одржувањето, како и да ги подмирува режиските трошоци кои произлегуваат од користење на просторот.
Деновиве во овие простории присуствуваше министерот Ристовски заедно со министерот Панче Тошковски на свеченото отворање на новиот Национален тренинг центар за олимписко спортско стрелаштво со воздушно оружје на 10 метри.

Во моментов салата „Партизан 4“ е во „рацете“ на Министерството за спорт, но градоначалникот Јакимовски доби поддршка од мнозинството советници да се употребат сите правни средства за да се поништи одлуката на Владата. За тоа како ќе постапи Општината и кои правни средства ѝ стојат на располагање, Јакимовски на протестот посочи дека ќе го земат примерот на Липково каде што истото се случило со Домот на културата, по што Општина Липково ја тужела државата и го добила спорот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот