
Хрватски аналитичар: Светот е во најопасниот момент од почетокот на руската агресија врз Украина
Хрватскиот аналитичар за надворешна политика, Денис Авдагиќ, во гостување на ХРТ предупреди дека меѓународната безбедност е сериозно загрозена и дека денешната состојба е „најопасниот момент од почетокот на руската агресија врз Украина“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Кога 19 беспилотни летала ќе ве нападнат, тоа веќе не е инцидент. Ова е апсолутна ескалација, најопасниот момент од 2022 година“, рече Авдагиќ, коментирајќи го неодамнешниот напад и неутрализација на дронови над Полска.
Тој истакна дека Полска активирала консултации според Член 4 на НАТО, а Алијансата веќе ја зајакнува својата одбрана.
НАТО, САД и црвените линии
Авдагиќ предупреди дека клучното прашање е што ќе се случи доколку „црвената линија навистина биде пробиена“.
„Соединетите Американски Држави се уште се наш сојузник. Ако некој го повика Член 5, ќе мора да реагира. Постои консензус дека одбраната на алијансата не е доведена во прашање“, нагласи тој.
„Ни треба силна армија“
Аналитичарот зборуваше и за европската перспектива во односите со САД.
„Секогаш ќе има несогласувања, но нашиот избор е да ги зајакнеме сопствените одбранбени сили. Ни треба силна хрватска армија“, рече Авдагиќ.
Тој додаде дека регионот останува ранлив со нестабилности во БиХ и на Косово, но дека членството во НАТО за Хрватска претставува најсилен безбедносен штит.
„Ако прашате кој е најдобриот момент во хрватската историја, сигурен сум дека многумина би го рекле токму ова“, истакна тој.
Поларизацијата во САД и атентатот врз Чарли Кирк
Осврнувајќи се на последниот атентат врз американскиот конзервативец Чарли Кирк, Авдагиќ предупреди дека поларизацијата во американското општество има глобални последици.
„Многумина од нас дури и не знаеја кој е Чарли Кирк, а сега, кога снимките се шират на социјалните мрежи, одеднаш сме поделени и во Хрватска околу човек кого повеќето не го познаваа до вчера“, изјави тој.
Авдагиќ потсети дека поделбите во Америка не се нови, но денеска се засилени со социјалните мрежи. „
Политичката дебата е добредојдена, но насилството никогаш не е решение. Го видовме тоа и на плоштадот Свети Марко. Разговарајте, расправајте се, исфрлете ги вашите фрустрации во теретана ако морате. Насилство, не“, заклучи тој.