ХОПС: Луѓето кои употребуваат дроги се најмаргинализирани, најдискриминирани и најстигматизирани

Уметничка инсталација со четири лица, наречена „РЕ употреби го умот” изработена од страна на луѓе кои употребуваат дроги денеска е поставена во стариот дел на Градскиот парк. Инсталацијата е дел од проектот „Креативна акција за општествени промени” што го спроведува ХОПС – Опции за здрав живот – Скопје.

Инсталацијата, како што појасни денеска на прес-конференција проектниот координатор Благородна Коцева Симјанов, е направена од реупотребени материјали и целосно изработена од луѓе кои користат дроги. Ова, нагласи таа, се заедници кои може да придонесат со квалитетна и интересна содржина за Градот и имаат вредност како и останатите.

– Една од страните на инсталацијата е „Заземи став” што претставува зелен вертикален урбан простор кој овозможува изразување на позитивниот став на младите. Друга страна е „Биди зелен” – тоа е тема која мислам дека не само скопјани, туку и целата држава и светот сме загрижени се повеќе за тоа како се однесуваме со природата и со она што ни дава живот, од друга страна комбинацијата со растенија и пластични шишиња покажува дека треба да најдеме начин како да се справиме со општествените проблеми, односно со отпадот, рече Коцева Симјанов.

Другите две страни, појасни таа, претставуваат друга симболика – едната е „Седни и размисли” која претставува место каде што може да се седне и да се размисли и „На астал”, која произлегува одтоа да се седне на маса, да ги отвориме картите и да ги решиме предизвиците наместо да ги туркаме настрана.

Извршната директорка на ХОПС Хајди Штерјова Симоновиќ, пак, на прес-конференцијата нагласи дека луѓето што употребуваат дроги се едни од најмаргинализираните, најдискриминираните и најстигматизираните луѓе во нашата земја, па и генерално пошироко во светот.

– Тоа се луѓе кои буквално се маргинализирани и стигматизирани, како од своите најблиски, така и од околината во која што живеат, меѓутоа и од институциите на системот. За среќа изминативе години добиваме поддршка како до централната власт и надлежните министерства, така и од локалната власт, Градот Скопје и неколку општини кои соработуваат со нас, токму во процесот на рехабилитација и ресоцијализација, како и повеќе донатори меѓу кои и Цивика Мобилитас, рече Штерјова Симоновиќ.

ХОПС, како што додаде, е организација која повеќе од 20 години работи на полето на намалување на штети од употреба на дроги, дава максимална поддршка на луѓето кои употребуваат дроги и сексуалните работници преку развивање на програми, како што се здравствена програма за давање основни здравствени услуги и психосоцијална поддршка, правна програма за давање бесплатна правна помош и една од најважните програми што ја развиле – програмата за рехабилитација и ресоцијализација на луѓето кои употребуваат дроги.

Акцијата е со финансиска поддршка од Цивика Мобилитас, а во соработка со Град Скопје, ЈП „Паркови и зеленило” и Флораком.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот