Холандија му забрани влез на Дејвид Ајк, кој тврди дека со човештвото управува тајно друштво гуштери

Фото: Tyler Merbler / Wikipedia

Холандската Влада му забрани на британскиот теоретичар на заговори, Дејвид Ајк, влез во земјата и во шенген-зоната на две години, поради стравувања дека неговото присуство може да го „наруши јавниот ред и мир“, јавува АФП.

Ајк на својата веб-страница објави писмо што вчера му било доставено од холандската Служба за имиграција, во име на државниот секретар за правда и безбедност, Ерик Ван дер Бург, со коментар дека се работи за забрана изречена од „фашистичкиот холандски режим“.

Ајк е поранешен професионален фудбалер и телевизиски водител кој тврди дека со светот владеат рептили. Беше предвидено тој да зборува на протест во Амстердам против војната во Украина, холандската Влада и зголемувањето на цените на енергенсите.

Полицијата во Амстердам стравува дека ќе дојде до немири, дури и доколку Ајк се обрати и преку видео-врска.

„Со ова писмо Ве известувам дека на две години сте означени во Шенгенскиот информациски систем и дека не Ви е дозволен влез во Шенген-зоната“, се наведува во писмото, во кое уште се посочува дека Ајк „со години е меѓународно признаен како промотор на теории на заговор“.

Според холандските власти, присуството на Ајк „би можело да доведе до немири во Холандија, во време на насилства и растечки закани по политичарите“. Ова е вторпат властите во Хаг да воведуваат таква мерка, по забраната изречена во 2019 година за Стивен Андерсон, американскиот проповедник кој отворено се изјасни за ликвидација на хомосексуалците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот