
Хирург од Битола неправосилно осуден: Шест литри жолчка истекле во стомакот на пациентка
Хирург од Клиничката болница Битола е осуден за тешки дела против здравјето на луѓето за лекувањето на двајца одделни пациенти – една жена која преживеала и еден маж кој починал. Пресудата е неправосилна и донесена на почетокот на мај од страна на Основниот суд Битола од судијката Цветанка Никодиноска. Докторот има право на жалба во рок од 8 дена.
Препорачано
Основниот суд Битола го осуди хирургот условно доколку три години не стори кривично дело, затоа што во 2018 и 2019 година на Одделението за хирургија при ЈЗУ Клиничка болница Битола, работејќи како специјалист по хирургија, несовесно постапил при укажувањето на лекарска помош на пациентка и на сега починат втор пациент и на тој начин предизвикал влошување на нивната здравствена состојба.
Ја пуштил дома, а таа била на раб да умре
Во случајот со пациентката, таа кај него направила лапароскопска операција за отстранување на жолчката во која имало камења и била воспалена. По вадењето на жолчката, жената не се чувствувала добро па била вторпат оперирана од истиот хирург, овојпат со сечење на стомакот.
Според пресудата, грешките на хирургот во првата операција за вадењето на жолчката, се состоеле во оштетување на повеќе канали од кои жолчката почнала да се излива во стомакот а пациентката се нашла на работ на смртта.
Хирургот не го видел тоа ни првиот пат ни вториот пат кога ја оперирал. По вадењето на жолчката жената не можела да се движи ниту да станува. После втората операција се чувствувала полошо, урината ѝ била зелена, а стомакот надуен на местото каде бил поставен дренот.
Спасот ѝ била третата операција на Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје, каде на пациентката ѝ бил спасен животот од компликациите со кои дошла од битолската болница.
Дополнително, од пресудата се гледа дека хирургот од битолската болница ја испишал пациентката да си оди на домашно лекување и покрај тоа што таа била на работ да умре.
Кога пациентката била транспортирана на Клиниката за гастроентерохепатологија во Скопје ѝ бил направен ултразвучен преглед на стомакот, при што било утврдено присуство на слободна течност во стомакот за која со пункција било утврдено дека била жолчка.
Истиот ден била префрлена на Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје на операција, при која во стомакот ѝ биле најдени околу 6 литри жолчка и хемиско воспаление на стомачната марамица. Хирурзите во Скопје успеале да направат реконструкција и да ја спасат жената.
Обвинетиот не забележал дека од дренот на оштетената кој тој го поставил, излегувала жолчка, кој проблем требало да го констатира и не само тоа, туку и ја пуштил да си оди дома односно ја испишал од болничко лекување. Според супервештачењето направено од Институтот за судска медицина, повреден бил заедничкиот црнодробен жолчен канал.
„Обвинетиот иако требало да ги открие компликациите што настанале пред да ја испише пациентката од ЈЗУ Клиничка болница Битола, тој тоа не го сторил, поради што кај пациентката имало потреба од нова операција во ЈЗУ за дигестивна хирургија во Скопје со цел да се санира пореметувањето на здравјето од тежок степен.
Со тоа сторил кривично дело „тешки дела против здравјето на луѓето“ , пишува во неправосилната пресуда до која дојде „Слободен печат“.
Адвокатот на докторот го бранел во судница со зборовите дека во медицината уште не е достигнат степенот на совршенство каде би можело да се делува врз заболувањето без да се влијае на останатите делови на организмот, бидејќи лекувањето на еден дел од организмот, честопати доведувало до непосакувани последици на друг дел.
Несовесно постапување и за втор пациент
Во истата пресуда судот утврдува несовесно постапување на хирургот и за втор пациент кој починал две години после настаните опишани во пресудата бидејќи и тој бил спасуван во Скопје.
Според пресудата, хирургот му направил операција на вториот пациент со која му го санирал проблемот со преплет на цревата, ама притоа не му ја решил килата на дијафрагмата поради што потоа му прснало дебелото црево и цревната содржина се излеала во стомакот.
Се почнало кога овој пациент во 2019 година се јавил на преглед кај хирургот зашто го болел стомакот. Му била направена операција во која хирургот го сошил распуканото тенко црево и ја решил таа состојба. После операцијата утврдено е дека постоел воздух во стомакот во дијафрагмата по што докторот му кажал на пациентот дека треба пак да се оперира што пациентот го одбил заедно со семејството и барале да бидат препратени во Скопје.
Тогаш пациентот бил испишан од Клиничка болница Битола и бил опериран на Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје. Таму било утврдено присуство на цревна содржина на оперативната рана. За време на операцијата било утврдено воспаление на стомачната марамица заради излевање цревна содржина.
Пациентот имал дијафрагмална кила и карцином на дебело црево што не биле констатирани во Битола.
Од супервештачењето судот констатираше дека хирургот ја санирал животозагрозувачката состојба кај овој пациент. Го рецесирал тенкото црево и го решил преплетот на цревата но лекувањето било некомплетно бидејќи не сторил ништо во однос на дијагностицирање и решавање на дијафрагмалната кила што пациентот ја имал а која понатаму довела до прскање на дебелото црево и појава на цревна содржина во стомакот на раната и предизвикала воспаление на стомачната марамица.
Во супервештачењето вештите лица наведоа дека обвинетиот како хирург според своето знаење и искуство би требало комплетно да ја санира здравствената состојба кај оштетениот однсоно според својата едукација и искуство да знае да го реши ваквиот проблем.
Со своите постапки дозволил влошување на здравствената состојба на пациентот, ама добро постапил што го испратил во друга институција која ги решила сите проблеми што не биле решени во Клиничка болница Битола. Во Битола не го виделе ни ракот на дебелото црево кој пациентот го имал. По операцијата во Скопје, пациентот живеел уште 2 години.
Вештачењето за овој пациент го направила комисија од тројца професори на Медицински факултет, а го потврдило цел одбор за судска медицина од 18 членови.
Хирургот е неправосилно е осуден за несовесно лекување болни. Судот смета дека делото го сторил од небрежност, сметајќи дека нема да настапи штетна последица.
Ова не е прв инцидент во битолската Клиничка болница што предизвика медиумско внимание. Изминатата година, Слободен печат известуваше за бројни случаи, меѓу кои родилката Викторија Крстеска, чие новороденче почина во болницата во Битола. И бебето на дваесет и едногодишната Сара Керимова беше мртвородено, а во изјава за „Слободен печат“ сведочеше дека само еден час пред породувањето имала лекарски преглед во истоимената болница. Во друг случај, штотуку оперирана онколошка пациентка во Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола, писмено пријавила дека нејзиниот онколог од болницата ѝ побарал 350 евра мито за да ѝ даде хемотерапија. Најпроминентен беше случајот на малата Јана, чии родители по нејзината смрт се иселија од Македонија.