Фото: ЕПА/Ѓорѓи Личовски

Груевски според одењето, Заев како зајак: Како глувонемите ги опишуваат имињата на нашите политичари?

Глувонемите луѓе, наместо да кажуваат буква по буква, понекогаш ги опишуваат луѓето според иницијалите и некоја забележлива карактеристика од нивниот изглед или однесување за да си олеснат.

Глувонемите ги толкуваат имињата според одредена карактеристика на личноста, вели толкувачот на знаковен јазик во Македонската телевизија, Марија Башеска-Стојановска, во поткастот „За секого по нешто“ на СДК.

Таа објаснува како глувонемите луѓе ги кажуваат имињата на македонските политичари. Тие го опишуваат премиерот Христијан Мицкоски со очила, а лидерот на опозицијата Венко Филипче како доктор. Од поранешните премиери, Никола Груевски го опишувале според карактеристичното одење, додека Зоран Заев како зајак, објави СДК.

— Глувите лица ги кажуваат имињата буква по буква, но немаат време ниту трпение да спелуваат па затоа точно ќе ве скенираат како изгледате, ќе забележат одредени карактеристики, како на пример дали сте слаба, дебела, висока, ниска, со насмевка, со виткана коса и слично. Потоа ќе ги покажат иницијалите на личноста и одредената карактеристика. Некогаш тие знаци знаат да бидат несоодветни, но глувите лица вeлат „ние така ја гледаме таа личност“. Радмила Шеќеринска е шеќер, залижана коса е знак за еден градоначалник од скопска општина, според перчето коса се опишува првиот претседател Киро Глигоров. За Данела Арсовска немаат карактеристика, само градоначалничката на Скопје — вели Башеска Стојановска.

Таа е толкувач на знаковен јазик од 1987 година. Нејзините родители биле глуви, па таа научила првин да зборува на толковен јазик, а потоа и на гласовен.

— Од двајца глуви родители, и јас и сестра ми сме многу музикални. Луѓето ми велеа „на кого си музикална“, без да знаат дека моите родители се глуви — вели Марија.

Знаковниот јазик не е секаде ист, има одредени зборови кои се исти секаде, како, на пример: спијам, јадам, одам, колку е часот…

Колку има говорни толку има и знаковни јазици.

— Глувите деца немаат можност да учат македонски знаковен јазик, не е стандардизиран, може за една иста работа да имате пет геста. Се согласувам дека е богатство, но мора да се знае кои од тие пет геста треба да се користи во официјална комуникација. Само во Скопје се изучува знаковниот јазик во просториите „Даре Џамбаз“ — заклучи експертката за знаковните јазици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот