Границата со Турција ни е како швајцарско сирење, бугарски пратеници донесоа парче од оградата во Собранието

Пратениците од Преродба донесоа парче од оградата од бугарско-турската граница во Народното собрание/Фото: Скриншот/бТВ

Пратениците од бугарската десничарска партија Преродба донесоа во Народното собрание парче од оградата од бугарско – турската граница, која треба да ги запре мигрантите и нагласија дека границата изгледа како швајцарско сирење.

„Дупка до дупка е“, рече лидерот на партијата Костадин Костадинов.

Според него, на делници долж границата има илегални премини од страна на мигранти, а просторот од устието на Резоска река до Тунџа е огромна депонија. Според него, поради ова Бугарија нема да биде примена во Шенген по копнен пат.

Костадинов во отсуство го праша премиерот Николај Денков за тоа што очекува од целосен влез во Шенген, бидејќи на бугарската граница има онолку странски граничари колку што има и бугарски.

„Дали некој знае дека нашата граница ја чуваат странски полициски патроли со странски автомобили? Имаме договор со Фронтекс, но тоа е за внатрешни работи, со свои очи видов гранична патрола на унгарската полиција, со унгарски автомобил. Има романски, грчки, австриски и естонски патроли. Ова е срамота“, рече Костадинов.

Инаку, Бугарија и Романија ќе бидат вклучени во Шенген зоната по морски и воздушен пат од 31 март годинава, а ќе ги продолжат преговорите за влез по копнен пат.

Бугарско – турската граница најпроблематична

Според податоците на Бугарија, најпрометна во однос на миграцијата во 2023 година била границата со Република Турција. Обидите за илегален влез на мигранти преку бугарско-турската граница се зголемени за 10% во споредба со 2022 година. Граничната полиција приведе 1.729 илегални мигранти – најголем број се државјани на Сирија – 920, Мароко – 270, Авганистан – 249, Ирак – 105 и други .

Спречени се повеќе од 178.200 обиди на мигранти илегално да преминат од Турција во Бугарија . Тие самостојно се вратија во внатрешноста на соседната земја откако констатираа присуство на бугарски патроли и пунктови долж граничната линија. Можно е некои од нив да направиле повеќе од еден обид за преминување на територијата на Бугарија. Турските гранични власти приведоа 616 лица на соседната територија.

Во периодот од 1 јануари до 31 декември 2023 година, обидите на државјани на трети земји за илегално преминување од Грција во Бугарија биле за 86% помалку отколку во 2022 година. Бугарската гранична полиција приведе 39 илегални мигранти. По утврдувањето на присуството на бугарски патроли и пунктови долж границата, околу 500 лица самостојно се вратија во внатрешноста на Република Грција.

Во овој период приведени се 2.528 државјани на трети земји поради обид за илегално преминување на границите при излез од Бугарија. Меѓу нив, најголем број се државјани на Сирија, Авганистан, Мароко и Ирак.

Најпрометниот излез бил бугарско-српската граница, каде што беа приведени 88 отсто од лицата кои се обидувале илегално да преминат. Минатата година на бугарско-српската граница биле приведени 2.227 државјани на трети земји при обид илегално да заминат – 2.144 на зелената граница и 83 на контролниот пункт.

Во 2023 година на бугарско-романската граница биле приведени 256 државјани на трети земји. Од нив, граничната полиција приведе најмногу Сиријци – 172 и Ирачани – 28, најчесто откриени при обид за илегален премин со камиони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот