Гран-при за животно остварување на „Остен Биенале Скопје“ за италијанскиот уметник Микеланџело Пистолето

Мице Јанкуловски, Корнелија Конеска и Микеланџело Пистолето

Меѓународното биенале за визуелни уметности „Остен Биенале Скопје“ ја соопшти одлуката на Советот на амбасадори на „Остен“ за главните награди на „Остен Биенале Скопје 2024“.

Добитник на Гран-при за животно остварување е Микеланџело Пистолето (1933), италијански уметник (сликар, уметнички акции, објекти) и теоретичар, еден од основачите и главен протагонист на „Арте повера“, радикално италијанско уметничко движење од минатиот век, чии уметници истражуваа низа неконвенционални процеси и примена на нетрадиционални „секојдневни“ материјали.

Наградата Светско културно наследство се доделува на Вангел Наумовски, еден од најголемите македонски ликовни уметници, кого теоретичарите го ставија во редот на самоуките надреалистички сликари. Со наградата пригодно ќе се оддаде почит на неговото творештво по повод 100-годишнината од неговото раѓање (1924 – 2006) и 100-годишнината од надреализмот (1924 – 2024).

Советот на „Остен“ одлучи оваа година „земја во фокус“ да биде Италија. „Остен“ веќе е во соработка со Лина Дамиани, координатор за Италија, која ќе анимира италијански уметници, а најава на одлуката е изложбата „Тркало на времето“ од италијанскиот уметник Марко Бањоли, која „Остен Биенале Скопје“ ја организира во НГМ – Чифте амам од 23 април до 5 мај во соработка со „Зеринтија“ – Асоцијација за современа уметност од Рим, а со поддршка на Италијанскиот институт за култура и Италијанската амбасада во Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 227, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот