Граѓаните се жалат од безбедноста на електричните тротинети, од компанијата велат редовно се сервисираат

Тротинети за ианајмување / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Сè повеќе граѓани одлучуваат своите секојдневни активности да ги прават движејќи се со електрични тротинети. Поради малата тежина и големина, подвижност и брзина, електричните тротинети се добри превозни средства во урбаната средина.

Некои скопски општини и Градот често даваат субвенции за купување на електрични тротинети и велосипеди, потенцирајќи ги како практичен градски превоз, со чие користење се намалува загадувањето на воздухот.

Оние кои немаат сопствен електричен тротинет ги користат услугите на една од најуспешните компании за изнајмување на електрични тротинети во Турција која од пред неколку месеци се појави и на македонскиот пазар. На скопјани им беа ставени на располагање 500 електрични тротинети паркирани на повеќе локации низ Скопје, од Ѓорче до Ново Лисиче. Денес, таа бројка е значително намалена поради ниската сообраќајна свест на поединци, кои свесно нанесуваа штета на компанијата. Електричните тротинети беа искршени, дел можеа да се забележат фрлени во контејнери, а дел како „пловат“ во реката Вардар.

Фото: Твитер

 

Генералниот директор на BinBin, Висар Дурак за „Слободен печат“ вели дека во координација со МВР се откриваат лицата кои  свесно нанесувале штета на електричните тротинети и против нив ќе следи кривична пријава.

„На почетокот почнавме со 500 тротинети каде што дел од нив се украдени или се фрлени во Вардар или се скроз уништени. Сите оштетени и изгубени електрични тротинети се пријавени во МВР каде што се чекаат првите кривични пријави да се поднесат за нанесената беспотребна штета.“

Фото: Твитер

 

 

Голем број на граѓани кои ги користат услугите на BinBin велат дека дел од електричните тротинети не се безбедни за возење, голем дел се со ослабени кочници, слабо прицврстени тркала за кои „виновни“ се големиот број на дупки во градот, но корисниците се жалат и на струјно пецкање. Дурак вели дека тротинетите се сервисираат по најава за оштетување.

„Електричните тротинети се сервисираат во моментот кога имаме најава за оштетување, или при промена на батерија од страна на екипата или пак при дислокација на истата. Во овие случаи се поднесува во сервис и истите се пуштени при технички исправна состојба, но не се исклучува можноста дека може некоја да биде неисправна состојба после промената на батеријата или пак при дислокација.“

Дурак е делумно задоволен од прифатеноста на услугата од страна на корисниците и вели дека компанијата има за цел да се шири на нашиот пазар и најави нови иновации.

Тротинети за ианајмување / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

„Задоволството е големо со сите почетни проблеми и аномалии но верувам дека го поминавме испитот и сега сме на добар пат.Од сите наши анализи, чекаме да се исполнат нашите очекувања и во иднина се планира и проширување на мрежата, како и други иновации“, завршува Дурак.

Често возачите на тротинетите и велосипедите велат дека се чувствуваат небезбедни на улиците. Според МВР откако се појавија тротинетите во сообраќајот, до сега повредени во сообраќајни несреќи со електрични тротинети се над 80 лица. Само до месец мај, евидентирани се 12 случаи на сообраќајни несреќи во кои се вклучени возачи на електрични тротинети, додека тој број е значително зголемен за време на летниот период.

Со измените во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата донесени во декември 2020 година, возачите на овие тротинети се обврзани да го управуваат возилото по велосипедски патеки или по пешачка патека. Тие, исто така, по велосипедска патека не смеат да се движат со повеќе од 25 km/h, а на пешачка патека со повеќе од 6 km/h.

Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, управувач на електричен тротинет може да биде лице кое наполнило 14 години, нешто што ретко може да се забележи низ скопските улици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот