Граѓаните да бидат внимателни, малку треба за да пламне пожар на плус 40 степени

Паркинг Водно
Фото: МИА

Скопјани во изминативе денови се обидуваат да функционираат и да ги извршуваат своите работни обврски на плус 40 степени Целзиусови, што е навистина тешко затоа што градските услови не го дозволуваат тоа – нема доволно сенки, нема доволно чешмички за вода за разладување, во половина од автобусите што се во сообраќај нема или не работи климата.

Бегство од „пеколното“ Скопје во вакви периоди е најдобрата варијанта за оние што можат тоа да си го дозволат, а на оние што обврските ги спречуваат да го напуштат градот, единствена можност за освежување им се Водно и Градскиот парк, но и парк-шумата во Гази Баба. По другите шуми во околината на Скопје од вчера движењето е забрането поради опасност од пожари. Мерката што Владата ја донесе на последната седница подразбира и забрана за движења во националните заштитени подрачја Јасен, Маврово, Попова Шапка и Пелистер. На подрачјето на Водно каде што нема забрана за движење, се предвидени редовни контроли.

Но и онаму каде е дозволено движењето, граѓаните треба да бидат исклучително внимателни затоа што не треба многу за да се предизвика пожар. За вакво нешто предупреди градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

Поради високите температури што ќе траат и во наредните денови, апелирам да се внимава при посетата на селото Кучково, кое изобилува со шумско подрачје, сè со цел избегнување евентуални пожари при вакви високи температури – вели Стојковски и ги потсети жителите на оваа општина дека веќе неколку денови земјата е во портокалова фаза и дека треба да се почитуваат препораките граѓаните да не излегуваат надвор во периодот од 11 до 17 часот.

Од ЈП „Паркови и зеленило“, пак, посочија неколку причини што лесно можат да доведат до пожар, па и ги посоветуваат граѓаните на што да внимаваат за да ја заштитат животната средина, но и безбедноста на луѓето.

Неопходно е да се внимава и да се следат упатствата и прописите за заштита од пожари за да се спречат ненамерни пожари во природните средини. Со тоа што сме одговорни и свесни за потенцијалните опасности од пожар, можеме да го минимизираме ризикот и да помогнеме во заштитата на нашите вредни екосистеми – посочуваат од „Паркови и зеленило“.

Како посебно опасни активности во овој период кога скопскиот воздух „врие“, од јавното претпријатие ги посочуваат невнимателното фрлање отпушоци од цигари, горење отпад на отворено, логорски оган без надзор, но, како што велат, опасно е и паркирањето автомобили врз сува вегетација, особено на оние со врел издувен систем, што може да предизвика пожар.

Посебно треба да се внимава и на правилното фрлање на ѓубрето, затоа што со тоа, како што велат од „Паркови и зеленило“, може да се помогне во спречување на случајни пожари и заштита на природната средина. Тие посочуваат дека неколку материјали се посебно опасни и поподложни на палење пожари од другите.

Скршеното стакло може да дејствува како лупа, фокусирајќи ја сончевата светлина на сува трева или лисја и брзо да предизвика пожар. Металните предмети, какви што се алуминиумски конзерви или лимена фолија, можат да ја рефлектираат сончевата светлина и да ја концентрираат топлината на запаливи материјали. Доколку се остават на директна сончева светлина и се неправилно отстранети, тие се потенцијални предизвикувачи на пожар. Пластиката, особено лесната, како пластични кеси или обвивки за храна, е многу запалива. Освен тоа, кога ќе се запалат, тие можат да испуштаат отровни испарувања и да придонесат за ширење на пожарите. Многу лесно запаливи материјали се и сувата хартија и картонските материјали – потенцираат од претпријатието.

Поради екстремно високите температури, од ЈП „Паркови и зеленило“ информираат дека своите дневни активности ги приспособуваат на препораките, па вчера, на пример, косењето на тревата и собирањето на откосот го извршувале во раните утрински часови.

Косењето на тревата го подобрува безбедносниот аспект на парковите. Поткастрената трева овозможува подобра видливост и ги намалува потенцијалните опасности за посетителите на зелените површини во градот – објаснуваат од претпријатието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот