
Граѓани се жалат дека цела година чекаат вселување во нова зграда во Маџир Маало, инвеститорот вели – може да се вселат кога сакаат
Кога и да зборуваме со инвеститорот додава рок од уште три месеци, требаше да биде јуни, па сега септември, се жалат купувачите на станови, кои стравуваат дека инвеститорот чека да ги раскинат договорите за становите да ги продаде по повисока цена. Инвеститорот ваквите тврдења ги отфрла како нелогични.
Граѓани кои купиле станови во новозиградената зграда на улица Преспанска во Маџир Маало, се жалат дека повеќе од една година чекаат да се вселат во зградата откако истекол крајниот рок за примопредавање на објектот наведен во нивните преддоговори. Притоа како што тврдат, објектот е оставен во завршна фаза и на него со месеци ништо не се работи, а неуреден е и просторот околу зградата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Кога и да зборуваме со инвеститорот додава рок од уште три месеци, требаше да биде јуни, па сега септември, ама на објектот нема никој, нема никакви градежни активности. Станува збор за зграда со 40-тина станови која сѐ уште не е во употреба, не е направен технички прием, но сметките за струја инвеститорот успеал да ги префрли на име на купувачите. Ние како купувачи немаме ниту каде да се пожалиме. Во договорот, во клаузулите за заштита е наведено дека ако го пречекори рокот може да се раскине договорот, што нему му оди во корист – велат дел од станарите кои се пожалија во нашата редакција.

Токму поради оваа забелешка во договорот тие стравуваат дека намерно се одолговлекува вселувањето во зградата за луѓето да се откажат и инвеститорот да може да си ги продаде становите по сегашната цена за квадрат.
Цената на становите е многу рипната од тогаш до денес. Ако некој се откаже, дури и да му се вратат парите со камата, сепак излегува помалку отколку што би добил доколку сега го продаде станот. Ние ги купивме становите по 1600 евра квадрат, сега на таа локација одат по 2200, значи 600 евра е по квадрат разликата – објаснуваат станарите кои додаваат дека дел од становите се комплетно платени, а дел треба да се доплатат.

Инвеститор и изведувач на зградата е Друштвото за производство, трговија, градежништво и услуги „Декон-ком“ од Скопје, од каде велат дека на објектот се изведуваат завршни работи од страна на подизведувачи кои очекуваат да бидат завршени во најкус можен рок. Поточно, како што дознаваме, треба да се доработат уште некои ситни зафати на потстаницата за парно греење, по што ќе следи вселувањето.
Самите станови се целосно завршени и спремни за примопредавање, а се работи на заедничките инсталации и отстранување на ситни недостатоци во изведбата. Потенцираме дека во објектот веќе има станови кои се користат по взаемна согласност помеѓу купувачите и нас како инвеститори, а легитимно право е на секој купувач да не започне со користење на станот додека не се направи завршен извештај од страна на надзорот (технички прием) и официјално примопредавање – велат од „Декон-ком“.

На прашањето зошто и покрај тоа што становите сѐ уште не им се предадени на купувачите, во ЕВН сметките за струја се префрлени на нивно име, иако во преддоговорот пишува дека „Декон-ком“ се обврзува да ги подмири сите сметки за вода, струја, парно, додека не му се предаде станот на купувачот, оттаму велат дека тоа е редовна процедура и дека дел од станарите го барале тоа.
Електричните броила се префрлени на име на купувачите во редовна процедура предвидена во ЕВН, при што некои од купувачите изрично побараа да се спроведе ваквата процедура, односно сметките да се префрлат на нивно име, во што не гледаме никаква повреда на права, туку напротив, поголема сигурност за купувачот, како иден сопственик на станот. Во секој случај, во становите кои не се користат, потрошувачка на електрична енергија нема, па нема ниту трошок за конкретниот купувач на стан од преносот на броилото. Потенцираме дека инвеститорот ги има подмирено сите обврски по основ на заедничка и индустриска струја за потребите на градилиштето, па оттука и не постои никаква заостаната обврска за купувачите да плаќаат за нешто што не потрошиле – тврдат од фирмата.

Oттаму категорично ги отфрлаат сомневањата на станарите дека инвеститорот има намера да ги принуди купувачите да ги раскинат преддоговорите за купопродажба, како би можеле становите да се продадат по повисока цена.
Во однос на ова прашање потенцираме дека некои од становите веќе се користат, а некои се целосно опремени од страна на купувачите (со наша согласност) и се чека само примопредавањето за купувачите да почнат да ги користат. Впрочем, зарем инвеститорот би ги пријавил новите струјомери на име на купувачите, ако имал намера да ги принуди истите да ги раскинат преддоговорите и да ги продаде становите на трети лица по повисока цена. Имајќи ја предвид фактичката состојба, таквите тврдења се навистина нелогични – објаснуваат од „Декон -ком“.

Станарите бараат што е можно побрзо да се вселат во новите станови, но откако ќе се направи технички прием на зградата, за да се сигурни дека влегуваат во безбеден објект. Велат дека некои од нив на прашањата до инвеститорот кога ќе биде тоа направено, добиле порака, која ни ја доставија и нам, во која се вели дека зградата е пуштена во функција, дека во неа веќе има луѓе што се вселени и живеат и дека и тие можат кога сакаат да се вселат.
Како да се вселиме без извршен технички прием и без официјално примопредавање без записник? – прашува еден од станарите.
Сопственикот на фирмата, Дејан Велевски вели дека е направен прием на сите инсталации, освен на парното, дека е направен прв технички прием на лифтот, се чека уште технички за машинската инсталација откако ќе завршат работите на потстаницата на парното. Потоа, откако сите фази ќе бидат готови, како што вели, ќе се направи завршниот технички прием, по што набрзо ќе следи и примопредавањето на становите и вселувањето.