Градските советници од ВМРО-ДПМНЕ барале 2 милиони денари за фестивал на кучиња

Амандманите од опозицијата, вкупно 105, ја закочија работата на Советот на Град Скопје, при донесувањето на Буџетот за 2020 година. Седницата која траше до 22 часот вечерта, заврши со изгласување на буџетот кој изнесува 120 милиони евра, но тоа не е она што ја интригираше јавноста, туку амандманите кои беа едногласно отфрлани од мнозинството во Советот.

Еден од најмногу коментираните амандмани беше на советничката Светлана Колариќ, во кој таа бара Градот да издвои 2 милиони денари од Буџетот за организирање фестивал на кучиња. Амандманот експресно беше одбиен.

Колариќ, во изјава за „Слободен печат“ тврди дека амандманот бил погрешно протолкуван во јавноста.

– Лани Градот наменил 2 милиони денари за пивофест, односно Skopje Bееr Fest, а оваа година во Буџетот за истиот фестивал, од кој најголем бенефит имаат пиварите, се предвидени четири милиони денари. Јас предложив, наместо 4 милиони за пивофест, половина од тие средства да бидат наменети за фестивал за кучиња. Со тоа би се намалил револтот кон кучињата, а ќе има и семејно дружење за сите генерации – појасни Колариќ.

Коментирајќи го одбивањето на сите амандмани, освен еден на Енвер Малиќи, кој се однесуваше на поставување сообраќајна сигнализација во Чаир, Колариќ побара одговорност од власта за суетата да признаат дека и опозицијата има квалитетни предлози за подобрување на животот на граѓаните.

– Меѓу останатите мои амандмани и амандманите на останатите советници, ќе го издвојам амандманот за изградба на четвртата фаза од булеварот „Борис Трајковски“, во насока Пинтија- Драчево, кој што опслужува 60.000 граѓани, а според колегите од власта не беше достоен за глас. Овој проект Градот ќе го чинеше 50 милиони денари, со тоа што на Петре Шилегов ќе му донесеше гласови, на граѓаните подобра патна инфраструктура, а нас немаше да ни донесе ништо, освен чиста совест дека правилно ги распоредуваме парите на граѓаните. Ние како опозиција се обидуваме да бидеме коректив на власта – рече Колариќ.

Основниот буџет на Град Скопје за 2020 година ќе биде 75 милиони евра. Вкупниот буџет со дотации е околу 120 милиони евра, 12 отсто повеќе во однос на 2019 година. Во него за животна средина се издвоени 87.700.000 денари за разлика од лани кога имаше 186.200.000 денари, за сметка на зголемениот буџет за информирање и пропаганда, за што во 2020 година ќе бидат наменети 6 милиони денари, за разлика од 2019 кога за оваа намена биле наменети само еден милион денари.

Меѓу останатите амандмани, одбиен беше и оној за правење вештачки снег на Водно, со цел привлекување на туристи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот