
Град Скопје ги повикува жителите на Карпош и Сарај на јавна дискусија за новиот ГУП
Откако четири дена во Град Скопје се спроведуваат јавни дискусии во врска со изработката на новиот Генерален урбанистички план 2022–2032 година со жители на општина Ѓорче Петров и тоа за опфатот на секој ДУП во оваа општина поединечно, Градот ќе организира јавна дискусија и за жителите на Карпош и Сарај. Но за нив, според соопштението од Град Скопје, предвидени се само по два часа во ист ден.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Јавната дискусија за просторот во урбаниот опфат на Генералниот урбанистички план на град Скопје за територијата на Општина Карпош и на Општина Сарај ќе се одржи на 15 август 2025 (петок) во салата на Советот на Град Скопје (барака број 13), во периодот од 9 до 11 часот за Општина Карпош и во периодот од 11 до 13 часот за Општина Сарај – велат од Градот.
И утре граѓаните можат да дадат свои предлози, мислења и забелешки за време на јавната дискусија, а можат да ги достават и писмено во архивата на Град Скопје или електронски на адресата [email protected].
Иако јавните дискусии траат од понеделникот, од Град Скопје нема информација дали граѓаните покажале заинтересираност, присуствувале ли на дискусиите или не, ниту објаснување зошто овие дискусии чија цел е, како што тврдат, вклучување на граѓаните во процесот на планирање и уредување на просторот, се одржуваат во работно време.