Големото Солено Езеро би можело да исчезне за 5 години

Големото Солено Езеро/ Фото: JIM WEST / Sciencephoto / Profimedia

Научниците предупредуваат дека Големото Солено Езеро може да исчезне во рок од само пет години доколку не се преземат итни мерки за зачувување на водата во американската сојузна држава Јута. За да се запре падот на нивото на езерото, секоја година во него треба да тече доволно вода за да покрие повеќе од 10.000 квадратни километри со длабочина од 30 сантиметри.

За да се постигне ова, експертите од Универзитетот Бригам Јанг (БЈУ) наведуваат дека потрошувачката на вода во регионот мора да се намали за најмалку една третина, а можеби и за половина.

„И покрај охрабрувачкиот пораст на законодавната активност и јавната свест, повеќето граѓани на Јута не сфаќаат колку е сериозна оваа ситуација. Примерите од целиот свет покажуваат дека загубата на солено езеро предизвикува долгорочен циклус на еколошки, здравствени и економски проблеми“, напишаа научниците во извештајот, пренесува „Сајенс Алерт“.

„Без координирани мерки, веројатно ќе се соочиме со широко распространето загадување на воздухот и водата, бројни загрозени видови, пад на производството во земјоделството и индустријата и намалено ниво на севкупниот квалитет на живот“, додаваат тие и го повикаа гувернерот на Солт Лејк Сити веднаш да започне итна акција за спас на езерото.

Големото Солено Езеро не е само рај за важна флора и фауна, туку го штити и квалитетот на воздухот и го отстранува загадувањето на водата. Меѓутоа, неодамнешните истражувања покажуваат дека екосистемот достигнува опасна точка на пресврт. Бидејќи милиони литри вода се пренасочуваат од езерото годишно, нивото на соленоста почна да расте.

Концентрациите на сол сега се толку високи што флората и фауната се борат да преживеат. Во некои области, како што е северниот крак на езерото, водената маса станала розова поради масовното изумирање на фотосинтетичките микроби. Како што се суши езерското корито, постои опасност арсенот, живата, олово, бакар, органски загадувачи и цијанотоксини од езерото да влезат во воздухот преку честички прашина.

Прашината од оваа исушена вода може да ги оштети и посевите, да ја деградира почвата и да предизвика предвремено топење на снегот. Кога едно езеро слично на она во Јута пресушило во Калифорнија, локалното население пријавило многу поголем процент на астма и кардиоваскуларни проблеми.

Водата пренасочена од Големото Солено Езеро и неговото сливно подрачје, кое се протега на околу 23 милиони хектари, главно се користи за индустриско земјоделство. Три четвртини од водата што се троши од езерскиот слив моментално се користи за наводнување на земјоделските култури, а уште 9 проценти за екстракција на минерали.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот