Големата војна доаѓа?

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

За да ја потврдат тезата дека Германија се спрема за војна, критичарите често цитираат изјави на германските политичари или на оние што се поврзани со нив. Такви се твитовите на Резников во кои им се заблагодарува на Шолц и на Питориус, но и изјавата на министерката за надворешни работи Аналена Бербок која пред ПС на Советот на Европа подвлече: „Ние сме во војна со Русија“.

Повеќе параметри укажуваат дека светот наместо да олади, се вжештува. Факт е дека за сè постојат алтернативи, ама факт е и дека има голем број  контрадикции што едноставно не оставаат вџасени. Дел од оние попрагматични држави се подготвуваат навреме без да чекаат во „помпезен празен од“ и да се саботираат самите (ситуација во која знаете дека нешто се случува, ама затоа што не сакате да си го признаете тоа или не сакате тоа да се случува, се воздржувате и не реагирате чекајќи да се реши проблемот сам од себе). Впрочем, на сите ни се случува тоа, чувството ни вели дека ќе се случи нешто, ама ние не го правиме оти не сакаме да ја признаеме реалноста. Кај дел, тоа е поради наивност, а кај добар дел од оние што не реагираат е од незнаење, па влегуваат во посебна форма на дејствување „вози го филмот дур можеш“.

Но, да не „забегаме“ од насловот бидејќи имаме многу да кажеме, ама немаме баш простор за тоа. Германија отсекогаш знаела да биде пред сите. Поентата е дека германската коалиција што некои ја омаловажуваат како „семафор коалиција“ се спрема за војна на големо. Иако некои таблоиди или теоретичари на завера имаат поинаква логика за улогата на Германија, без да ја критикуваме, ова е сосема спротивно од она што тие го тврдат. Социјалдемократите, Зелените и Слободните демократи во Германија не само што го заострија речникот кон Русија, не само што се устроија со САД, туку и во практика се спремаат за големата војна. Само за илустрација, според министерството за одбрана на Германија 18 екипажи за тенковите „леопард 2“ заедно со муниција и со резервни делови (многу битно) со уште два тенка „бафало“ за извлекување и за мобилна поправка, веќе би требало да се испорачани во Украина.

Симболиката, на која се палат оние што критикуваат, не треба да ја споменуваме. По цели 82 години германските тенкови повторно крцкаат и се тркалаат кон Русија. Според министерството за одбрана на Германија, следниот чекор после првата пратка која е завршена, се „леопард-1“, варијантата А-5 на тенкови чија бројка во првиот бран е 18 и треба да оди значително нагоре. На пример, до лето треба да се испорачаат 25 тенка од овој тип, а до крајот на годината вкупно 80, што значи дека до 2024 година Германија ќе ѝ испорача вкупно 100 тенка на Украина против Русија. Критички настроените весници во Германија сепак даваат негативен спин на целата оваа ситуација, артикулирајќи и заплашувајќи дека „империјалистичките западни сили ја ескалираат ситуацијата против Русија, која вети дека ќе распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија“.

За да ја потврдат тезата дека Германија се спрема за војна критичарите често цитираат изјави на германските политичари или на оние кои се поврзани со нив. Такви, на пример, се твитовите на Резников во кои им се заблагодарува на Шолц и на Питориус (двајцата социјалдемократи), но и изјавата на министерката за надворешни работи Аналена Бербок (од партијата на зелените) која пред Парламентарното собрание на Советот на Европа меѓу другото подвлече: „Ние сме во војна со Русија“. Дополнително, како поткрепа на овие тези, се изнесува и фактот дека владејачката коалиција во Германија беше меѓу првите кои по обвинението покренато против Путин од Меѓународниот кривичен суд,  зазеде став дека ќе ја спроведе потерницата бидејќи тоа е должност согласно Статутот на судот. Злобниците сакаат да нагласат дека ваквиот условно „шифт“ од воздржана реакција кон војната во Украина, до решителен агресивен пристап е одраз на заложбите на Берлин „да ја поправи сликата за Германија како европска сила во опаѓање и по две загубени војни да се наметне како суперсила во Европа“.

Истовремено, надвор од овие писанија кои, да не се лажеме, си имаат своја идеолошка рамка, се и фактите за збивање на редовите меѓу дел од армиите и ефектуирање на интегративната платформа (бенефитот од коалицијата ЕУ-НАТО). Тоа во превод значи дека Германците се зајакнуваат со бригадите од Холандија кои стануваат дел од нивната формација (интегрирана). Оваа недела завршува последната средба меѓу Шолц и Марк Руте, премиерот на Холандија, со која овој процес ќе се заокружи. Операционализацијата на тоа е голема работа и не е  едноставна воопшто. Истовремено, во должина на источната граница на Европа, во Романија, Полска и во Словачка сите фабрики за одржување и за поправка на воена опрема се освежија. Тоа што нашите лидери во изминатите 30 и нешто години се откажаа од наменската индустрија затоа што бегале од часови по ОНО или затоа што го потценија секторот одбрана е наш проблем. Ама оваа индустрија е вистинска освежителна инјекција за овие земји.

Е сега, можеби има празнини во овие подготовки. Тоа пак, можеби е знак дека сепак Германците и добар дел од западноевропејците имаат податоци дека работите нема да ескалираат толку бргу, бидејќи во статистиката и бројките се информации – само некој треба да чита. Имено, анализите од еминентни експерти и куќи што се занимаваат со оваа работа укажуваат дека зголемувањето на буџетот за 100 милијарди евра како инјекција да се освежи германската одбрана не се доволни.

Дополнително, средствата за муниција, она што Европејците сфатија дека условно го „утнале“, не се дел од овој пакет. Тие треба да бидат дел од зголемувањето на редовните буџети на европските земји кои истовремено треба да се синхронизираат со побарувањето од НАТО за 2 отсто од БДП. Паралелно на ова, Кси објави дека Кина се спрема за војна. На седница на кинескиот парламент лидерот на Кина по четврти пат во своите говори го потенцираше фактот дека Кина мора да се спрема за војна. Уште повеќе, тој ги повика своите генерали да се подготват за војна и да се осмелат да ја водат Кина во победа. Она што е интересно (и пак со бројките) е дека Кина го зголеми својот буџет за одбрана за цели 7,2 проценти. Кон овие изјави (а за нешто веќе зборувавме во минатите броеви) треба да се додадат и политичките и економските тектонски поместувања кон зацврстување на оската против либералната демократија.

Точно е дека кај нас на овие настани се гледа само преку преземени вести од странство, но динамиката на глобалниот југ е сериозен индикатор за нештата. Од друга страна, иако во двете светски војни централна и источна Азија, па и Кавказ беа надвор од фокусот дури и во нашите историски читанки, проблемите кои се затрупани од големиот брат СССР во тој период или од Кина и од присуството на САД во тој дел од светот генерираа низа проблеми кои може да пукнат. Едноставно, таму е многу жешко. Од Азербејџан-Ерменија, преку Турција, Иран, Сирија, до Индија, Јапонско Море, па Северна Корија, Индонезија, Виетнам и сè до Африка, каде што, на пример, лидерот на Гана на потпретседателката на САД јасно ѝ кажа дека „тие не ја делат опсесијата на САД со Кина“ (твит-видео, кој ако не е монтажа е сериозна порака) светот е во сериозна тензија. Поткусурувањата на гигантите Кина, Русија, САД и Европа во голема мера веќе се одвива во овие региони.

Од друга страна, војната најверојатно е во фаза на кулминација пред ескалација во делот на дипломатијата, економијата и пред сè во дедоларизацијата за која пишувавме. Сепак, постојат и светли страни што целата оваа страшна состојба ја релаксираат. На пример, говорот на Мајли (началникот на здружениот генералштаб на силите на САД) во кој разочарувајќи ги фановите на Украина додаде дека тешко дека Русија ќе биде поразена и до крајот на оваа година, но и дека, војната со Кина и Русија не е неизбежна. Ако е за утеха, тоа е добро, но едно е сигурно – регионалните искри ќе тлеат и ќе татнат. Истовремено, Мајли ги забетонира, во негативна смисла, сите оние што се надеваа дека Украина може да добие стратегиски системи со голем домет т.н. АТАЦМС, како волшебно оружје против Русија. Последното е проблематично, што во услови на отворено светско општество и во услови каде што секој може да креира содржина, подгревањето на очекувањата дека овие системи може да бидат магично оружје е голема лага.

Впрочем, иако овие системи имаат сериозна стратегиска улога, сами по себе не може да бидат решение против држава која сепак има потенцијал (друга работа е како тоа во практика ќе профункционира) стратегиски да одговори на овие системи, или уште повеќе ако е нуклеарна сила. Сè на сè, во очи на фактот дека САД, заедно со Франција и Велика Британија и останатиот дел од западниот свет се соочуваат со нуклеарните сили Русија,  Кина, Северна Кореја и потенцијално Иран, е смрзнувачки сам по себе, што најверојатно колку-толку се релаксира со ставот на Мајли дека сепак војната не е неизбежна.

 

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот