Јаневска - Сијарто / Фото: МОН

Годишно по 20 македонски студенти ќе добиваат стипендии за студии во Унгарија

Македонските студенти ќе можат да користат 20 стипендии годишно за да студираат во Унгарија на унгарски или на странски јазик. Од Министерството за образование и наука денеска соопштија дека приоритет ќе имаат апликанти кои сакаат да студираат во областа на наука, технологија, инженерство и математика (СТЕМ), како и медицински и здравствени науки и земјоделство.

Меморандумот за разбирање со кој се регулира соработката во рамките на Програмата Стипендиум Хунгарикум за периодот 2026 – 2028 година денеска го потпишаа министерката за образование и наука Весна Јаневска и унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.

Меморандумот предвидува студентите да добиваат платена школарина, сместување во студентски домови во кампусот на високообразовната институција или средства за покривање на трошоците за сместување, право на здравствени услуги, користење на бесплатни библиотечни услуги, како и месечен надоместок за покривање на основните трошоци.

-Министрите Јаневска и Сијарто се согласија дека потпишувањето на Меморандумот ги потврдува и јакне пријателските односи меѓу двете земји и ја унапредува соработката во областа на високото образование, во интерес на развој на општество базирано на знаење – се наведува во соопштението.

Стипендиите ќе се доделуваат за редовни додипломски, постдипломски, едностепени магистерски студии и за докторски студии. Исто така, и за скратени студии од три до десет месеци за стекнување академски кредити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот